Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Зголемувањето од 10 отсто е неправедно спрема најслабо платените

 

Како Синдикат секогаш сме за зголемувања на платите. Меѓутоа, зголемувањето на платите за 10 отсто во јавната администрација е неправедно кон најниско платените лица. Над 80 отсто од вработените имаат плати под републичкиот просек од 15.759 денари и тие ќе добијат незначителни суми, изјави на денешната конференција за печат портпаролот на Сојузот на синдикатите на Македонија Пецо Грујовски.

За разлика од вработените со ниски плати, најмногу ќе се офајдат високите функционери. Претседателот на државата, претседателот на Собранието и премиерот ќе добијат зголемувања од 6.600 денари, потпретседателите на Собранието и на Владата по 5.900 денари, министрите, пратениците, членовите на Судскиот совет и на Врховниот суд по 5.400 денари, судиите во основните судови по 4.100 денари. Да потсетиме дека платите на овие функции се движат  од 45.000 до 72.200 денари.

Што станува со огромното мнозинство вработени во администрацијата? Најниската плата таму е 5.566 денари, што значи дека ќе биде зголемена за 556 денари. Оние со плати од 7.000 денари ќе имаат плата од 7.700 денари. Само платите од околу 14.000 денари ќе го достигнат републичкиот просек.

Тоа значи дека највисоките државни функционери само на име зголемување ќе добијат повеќе од вкупната плата на најниско платените службеници. Разликите сега ќе достигнат размер од еден спрема петнаесет, информира Грујовски. Ова покажува дека политичарите и високите функционери мислат само за себе, а не за народот.

ССМ предлага неколку варијанти за намалување на разликите. Може да се оди на поголемо процентуално зголемување на најниските плати, да се пресмета линеарно зголемување, или некоја трета опција. Сметаме дека функционерите треба да ја споделат сиромаштијата со народот.

Понатаму бараме од Владата еднаш годишно да разговора со Синдикатот на темата плати, како што е практика во развиениот свет. На пример, во Хрватска Владата и синдикатите еднаш годишно ги усогласуваат платите. Знаеме дека зголемувањето на платите на високите функционери во Македонија е под притисок на светските финансиски организации, но треба да се мисли и на обичните луѓе.

Други решенија се одредување на најниска плата и потпишување на колективни договори. Со најниската плата ќе се внесе некаков ред во платите, односно не ќе смее да се исплаќа плата под утврдениот минимум. Кај колективните договори учествува и синдикатот, што значи заштита на интересите на најслабо платените.

Еднаш истово се случи во 2004 година, со декомпресијата на платите, потсети Грујовски. Тогаш зголемувањето изнесуваше 42 отсто, но што се случи? Највисоките функционери и службеници добија највисоки зголемувања, некои дури и до 100 отсто, додека ниските службеници од пет до десет отсто. Некои од нив добија зголемувања од 50 до 80 денари, додека вработените кои не се водат во јавна администрација не добија ништо.

Исто така треба да се мисли на платите во приватниот сектор. Со Организацијата на работодавачи начелно се договоривме дел од парите што ќе останат од намалувањето на придонесите да се префрлат во платите.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.