Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Секција на млади

Претседател на СМССМ

Дарко Трајкоски од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ

 

 

СОЈУЗ НА СИНДИКАТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

- СЕКЦИЈА НА МЛАДИ ПРИ ССМ -

 

Секцијата на млади на

Сојузот на синдикатите на Македонија

 

 

Состојби и предизвици

Младите во секое општество преставуваат движечка сила на општествениот и економскиот развој во државата. Нивното активно вклучување во целокупниот општествен живот носи промена, свежи идеи, ентузијазам и прогрес кон подобро и похумано општество.

 

Каде се денес младите во РМ?

  • Речиси една третина (31.9%) од младите во земјата спаѓаат во категоријата лица што не се вработени, ниту се вклучени во образование. (извор Акциски план за вработување на млади).
  • Стапката на невработени млади лица на возраст од 15 до 24 години – 45.7%.
  • Едно на секои две млади лица во работната сила е невработено.
  • Високата стапка на невработеност на младите лица значи загуба на инвестициите во образованието и обуката, намалена даночна основа и повисоки социјални трошоци, а истовремено долгите периоди на невработеност во раните фази на животот негативно влијаат врз изгледите за вработување во текот целиот работен век на младите луѓе.
  • Најголемиот дел од младите лица имаат завршено средно образование (54.1% од младите лица кои го завршиле своето образование), при што мнозинството од нив, во стручното образование.
  • Околу 26.7% од младите имаат завршено високо образование.
  • Мал дел од младите лица (2.4 проценти) предвреме го напуштиле образованието, при што оваа појава е поприсутна кај младите жени отколку кај младите мажи.

Високото образование осигурува подобри исходи за младите лица на пазарот на трудот, а стапките на невработеност на младите лица прогресивно се намалуваат со секое дополнително ниво на завршено образование.

Квалитетот на достапните работни места останува голем проблем за младите луѓе во Македонија, при што загрижува и високиот удел на младите лица што работат во неформално вработување (48.1 процент), а повеќе од еден на секои четири (27.6%) вработени млади лица работат во занимање што не соодветствува на нивното ниво на образование.

Јасно е дека македонскиот пазар на трудот има значаен проблем со апсорбирањето на новите млади лица.

Кај оваа категорија на лица во голема мера се работи за значително обесхрабрени работници, лица кои не се активни или пак се вработени во неформалната економија, односно лица кои се особено ранливи и на кои им е потребна посебна помош и поддршка за враќање на нивната самодоверба, мотивација и зголемување на шансите и можностите за нивно вработување и активно вклучување на пазарот на труд.

Оние млади лица кои успеале да најдат работа работат на многу несигурни работни места, со договори за работа на одредено време, со пониски плати од вработени на исто место со договори на неопределено време, работат подолго од договореното, прекршени им се многу работнички права, не можат синдикално да се организираат.

Последното истражување на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања  при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за тоа што мислат и како се чувствуваат младите покажува дека:

  • 70% од  младите  сметаат дека тешко ќе успеат да се вработат со формалното образование што го имаат стекнато;
  • 44% од младите не работат според професијата што ја имаат;
  • само 25% од нив би започнале сопствен бизнис;
  • 80% од полнолетната млада генерација сè уште живеат во заедница со родителите - притоа само 51% самостојно донесуваат одлуки;
  • половина од младите или 53% се решени или размислуваат да заминат надвор од земјата;
  • во голема мера сметаат дека немаат никакво влијание врз општествените процеси, како и врз централната и локалната власт;
  • 25% се сметаат за подготвени, додека
  • 75% не се сосема подготвени за започнување на сопствен бизнис, или според друго прашање - само 17,3% од младите посакуваат да водат сопствен бизнис.
     

СИНДИКАЛНО ОРГАНИЗИРАЊЕ НА МЛАДИТЕ

Надминувањето на проблемите со кои се соочуваат младите работници во работните средини, полесно, побрзо и поквалитетно можат да се решат ако тие се приклучат на синдикалното семејство. Како членови на синдикатот, преку младинските синдикални секции во организацијата каде работат, на ниво на гранка и сојуз, ќе можат да ги дефинираат нивните специфични проблеми (договори за вработување на одредено време, пониски плати, неплатена работа подолга од договорената, немање можност за дополнителна едукација и напредување на работното место), да ги пронајдат и дефинираат вистинските начини и методи за преземање соодветни акции кои ќе можат да доведат до побрзи посакувани промени.  Младите мора да знаат дека тие се единствените и најголемите генератори на промените. Без нивна храброст отворено да проговорат за проблемите со кои се соочуваат и нивна организирана борба нема промена.

Иднината е во рацете на младите, бидејќи тие имаат потенцијал да бидат носители на промена и подобрување на економијата и демократијата, а истовремено, тие се следната генерација на: синдикалци, лидери, политичари, едукатори, вработени и работодавачи, граѓани на Европска Унија и светот.

 

СЕКЦИЈА НА МЛАДИ НА ССМ

Осознавајќи ги спецификите и потребите на млади работници, во ССМ е формирана Секција на млади како работно тело на Советот на ССМ. Во работата на секцијата се вклучени млади лица, членови на синдикатите здружени во ССМ, не постари од 35 години.

Секцијата на млади при ССМ ќе се ангажира младите да ги доближат сфаќањата за неопходноста од нивно синдикално организирање заради изразување на мислењата, потребите и позицијата на вработените млади.

Секцијата на млади ќе дејствува во правец на намалување и елиминирање на препреките кои го кочат остварувањето на правата на младите при вработувањето и од работниот однос, како дел од вкупните човекови права, со што ќе влијае врз свеста, моралната цврстина и чувството на самодоверба на младите, за нивната вредност и важност во вкупниот општествен живот

Основните цели на делувањето на секцијата на млади се:

• поттикнување и охрабрување на младите луѓе да се приклучат кон синдикатот,

• решавање на проблемите со кои се соочуваат младите работници, а особено: еднаквост при вработување, достапност до квалитетно работно место,  сигурност на работа, безбедност на работното место, образование и напредок во работата,

• Вклучување на соодветни заштитни механизми и истакнување на  посебните интереси на младите во колективното договарање,

• оспособување обука и едукација на младите луѓе,

• преземање соодветни активности за заштита на правата на младите и решавање на нивните проблеми,

• посветеност на еднаквоста во сите области на општествениот живот,

• помош на младите луѓе кои сѐ уште не влегле на пазарот на трудот,

• Подобрување на положбата на младите луѓе во рамките на ССМ, нивната поголема видливост и вклученост во синдикална работа и активности и

• вклучување на претставниците на Секцијата за млади во работата на одлучувачките тела во рамките на синдикатите и ССМ.

• создавање квалитетна национална, регионална и меѓународна соработка.

Орган на Секцијата на млади е Извршниот одбор. Извршниот одбор брои 19 члена. Секој синдикат делегира по еден претставник во Извршниот одбор на Секцијата на млади. (член 6 од Одлуката за формирање на СМССМ), како и член од Стручната служба на ССМ.

Извршниот одбор од своите редови избира претседател (член 7 од Одлуката за формирање на СМССМ). Претседател на Секцијата на млади учествува во работата на Советот на ССМ со право на глас.

Секцијата на млади активно се вклучува во синдикални активности ССМ и здружени синдикати, со посебен акцент на промовирање и задоволување на интересите на младите работници, организира образование и обука за младите членови на синдикатите.  

Секцијата на млади ССМ учествува во работата на Регионалниот синдикален совет Солидарност и има свој претставник во Одборот на млади на Европската конфедерација на синдикати.

Приоритети на идните активности

  • Поголемо вклучување на младите во синдикатите,  
  • Прибирање на податоци за членство на младите во синдикатите,
  • Ширење на свеста за важноста на синдикалното организирање,
  • Соработка со невладини организации, граѓански организации и студентски организации,
  • Интегрирање во органите на управување на ССМ,
  • Активно учество во работата на ССМ,
  • Образование и едукација на младите луѓе за успешна работа во активности на синдикатите,
  • Заштита на правата и интересите на младите,
  • Развивање на креативните капацитети на младите луѓе, повисоко ниво на образование, информации и култура.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.