Сојузот на синдикатите на Македонија - ССМ е организација во која доброволно и врз демократска основа се здружуваат синдикатите. ССМ ги обединува и ги застапува заедничките општествени, економски, социјални и културни интереси на здружените синдикати.
Во ССМ се здружуваат следниве синдикати:
- Синдикат на работниците од агроиндустрискиот комплекс на РМ (АГРО Синдикат);
- Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ);
- Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија (СГИП);
- Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ);
- Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ;
- Синдикат на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на РМ (СТКЧ);
- Синдикат на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР);
- Синдикатот на Медиумски информативни агенции (СМИА);
- Синдикат на работниците од сообраќај и врски на РМ (СРСВМ);
- Синдикат на хемија, неметали и метали на Македонија (СХНМ);
- Македонски полициски синдикат (МПС);
- Синдикат на поштенските и телекомуникациските работници на Македонија (СПТРМ);
- Синдикат на работниците од трговија на РМ (СРТ);
- Синдикат на графичка, информативна, филмска, издавачка дејност и производство на хартија на РМ (ГИФИХ);
- Синдикат на финансиските дејности на Македонија (СФДМ);
- Синдикат на одбраната и безбедноста (СОБ)
- Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
- Независен синдикат за образование и наука (НСОН)
- Синдикат на Поштенски и Телекомуникациски оператори на Македонија (СПТОМ)
ССМ има Програма за работа.
ССМ е самостоен и независен од државните органи, работодавачите, политичките партии, верските заедници и другите организации.
ССМ се залага за изградба на социјална, правна и демократска држава, за социјална правда, солидарност, хуманост и социјален и економски развој на РМ.
Работниците доброволно се зачленуваат во синдикатите.
Синдикатите здружени во ССМ за остварување на своите цели и задачи формираат синдикална мрежа, што се регулира во нивните статути.
Синдикатите здружени во Сојузот на синдикатите на Македонија се должни да го почитуваат Статутот на ССМ и да ги спроведуваат неговите одлуки.
Статутите и другите акти на синдикатите не можат да бидат во спротивност со овој Статут.
ССМ, во остварување на своите цели и задачи ги користи сите средства и форми на синдикална борба во рамките на Уставот и законите на Република Македонија, овој Статут и општоприфатените стандарди и норми на меѓународното право (конвенции и препораки), особено оние што се однесуваат на остварувањето на правата на работниците и нивното организирање во синдикати.
Името на организацијата е: Сојуз на синдикатите на Македонија.
Во меѓународната комуникација, ССМ го користи називот: FEDERATION OF TRADE UNIONS OF MACEDONIA (FTUM)
ССМ е правно лице.
Седиштето на ССМ е во Скопје, Булевар „12 Mакедонска бригада”, 2-A.
Симболи на ССМ се: знак, грб и знаме.
Цели и задачи на ССМ
Основни цели и задачи на ССМ се:
Во општествено-политичката област:
- изградба и обезбедување демократска, правна и социјална држава;
- следење на спроведувањето на законите и другите прописи што се однесуваат на правата на работниците и колективните договори и применување на меѓународните конвенции, директиви и други препораки;
- институционално остварување на уставното право на управување и учество во одлучувањето врз основа на трудот;
- застапување на заедничките интереси на работниците во институциите на системот со директно учество или преку поднесување барања, иницијативи, предлози и мислења;
- остварување и унапредување на образовните, културните и научните интереси на работниците.
Во економско-социјалната област:
- економско-материјална сигурност и подобрување на општествено-економската и социјалната положба на работниците, економски развој, економска и социјална политика и политика на плати;
- утврдување на колективното договарање на ниво на држава;
- учество во подготовката на закони од социјално-економската сфера преку соодветни институционални форми на дејствување;
- подобрување на условите за работа, животната средина и здравјето на работниците;
- заштита при работа и правата стекнати врз основа на работа;
- вработување и материјално обезбедување за време на невработеност;
- пензиско, инвалидско и здравствено осигурување;
Во синдикалното организирање и дејствување:
- развивање на ССМ како организација на здружените синдикати;
- изградување на заедничка стратегија на дејствување на ССМ;
- развој на меѓусебна солидарност, единство и координација меѓу здружените синдикати во ССМ;
- остварување заштита на синдикалните права и слободи и независност на синдикалното движење;
- користење на средствата на синдикална борба, вклучувајќи го и правото на протест и штрајк.
- правна заштита од работен однос преку застапување на членовите на синдикатите пред надлежните судски и други институции;
- заштита од било која форма на притисок и дискриминација, а особено врз основа на национална, верска, сексуална, полова, партиска и друга припадност;
- развивање и остварување на синдикалното образование и обука;
- развивање меѓународна синдикална соработка врз основа на заедничка платформа;
- развивање на соработката со синдикатите во земјата и странство;
- обезбедување јавност во работењето и развивање информативно-пропагандни активности и афирмација на синдикалната политика и активност во пошироката јавност;
- остварување други заеднички цели и интереси.