- Македонски
- English
На иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија и покренатата Кампања во 2013 година на Манифестацијата за одбележување на Први мај – Меѓународниот ден на трудот, во Република Македонија започна интензивно да се одвива процес за развивање на социјалниот дијалог на локално ниво и формирање на локални економско-социјални совети. Ова е потврда за потребата од институционализирање на социјалниот дијалог, особено значаен за развојот на локалните заедници.
Остварувајќи ја својата советодавна и консултативна функција и постигнувајќи социјален консензус, економско-социјалните совети ќе придонесуваат за: отворање можности за креирање на економски социјални политики кои ќе нудат подобра перспектива за сите; креирање на нови работни места, посебно во делот на вработувањето кај младите лица; идентификување на потребите на пазарот на трудот помеѓу приватниот и јавниот сектор; утврдување и правење на соодветни анализи за потребите на образованието; утврдување динамика на преквалификација и доквалификација за работници кои ги изгубиле работните места, итн.
Невладината организација „УСАИД“ партиципира во основањето на локалните економско-социјални совети во Република Македонија со проектот: „Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување“ (Мрежа „YES“), со третата компонента „Јавно-приватен дијалог“. Целта е проширување на образованието на младите, со опфаќање и на други делови од населението, вклучувајќи ги и работниците. Идејата е локалните ЕСС да претставуваат форум за размена на мислења и покренување иницијативи од интерес за локалната заедница.
Исто така основањето на Локалните економско- социјални совети продолжува во рамките на проектот Унапредување на социјалниот дијалог, кој го финансира Европската Унија (ЕУ), а го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Формирани се 15 локални економско-социјални совети, и тоа во: (Кавадарци, Куманово, Струмица, Тетово, Штип, Битола, Гази Баба, Гостивар, Скопје, Велес, Свети Николе, Кичево, Радовиш, Струга и Ресен), а во постапка се преговори и за основање на ЛЕСС во повеќе други општини.