Синдикати здружени во Сојузот на синдикатите на Македонија:
- Синдикат на работниците од агроиндустрискиот комплекс на РМ (АГРО Синдикат);
- Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ);
- Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија (СГИП);
- Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ);
- Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ;
- Синдикат на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на РМ (СТКЧ);
- Синдикат на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР);
- Синдикатот на Медиумски информативни агенции (СМИА);
- Синдикат на работниците од сообраќај и врски на РМ (СРСВМ);
- Синдикат на хемија, неметали и метали на Македонија (СХНМ);
- Македонски полициски синдикат (МПС);
- Синдикат на поштенските и телекомуникациските работници на Македонија (СПТРМ);
- Синдикат на работниците од трговија на РМ (СРТ);
- Синдикат на графичка, информативна, филмска, издавачка дејност и производство на хартија на РМ (ГИФИХ);
- Синдикат на финансиските дејности на Македонија (СФДМ);
- Синдикат на одбраната и безбедноста (СОБ)
- Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
- Независен синдикат за образование и наука (НСОН)
- Синдикат на Поштенски и Телекомуникациски оператори на Македонија (СПТОМ)
Советот на ССМ е највисок орган на ССМ меѓу два конгреса.
Советот го сочинуваат членови избрани од синдикатите, а Конгресот ги верифицира нивните мандати. Измени на членовите на Советот вршат органите на синдикатите согласно нивните акти.
Претседателот на ССМ и Секретарот на Советот на ССМ по функција се членови на Советот на ССМ.
Претседателите на Секцијата на жени и Секцијата на млади по функција се членови на Советот на ССМ.
Членовите на Претседателството учествуваат задолжително во работата на Советот.
Бројот на членовите на Советот го утврдува Советот врз основа на членарината што синдикатите редовно ја уплаќаат во ССМ во текот на меѓуконгресниот период и врз таа основа на бројот на членовите на синдикатите што ги имаат пријавено во Советот на ССМ и во Министерството за труд и социјална политика на РМ, до денот на донесувањето на одлуките за бројот, составот и начинот на изборот на органите на ССМ.
Секој синдикат има право на еден член во Советот, како и дополнителен број на членови согласно претходниот став.
Функции на Советот:
- дејствува по Програмата за работа усвоена на Конгресот и е одговорен за нејзиното спроведување;
- донесува годишна акциона програма;
- ги застапува заедничките интереси на синдикатите-членки пред државните органи, организации и институции;
- ги разгледува прашањата од економскиот и политичкиот развој во државата кои се релевантни за синдикатите;
- ги разгледува општите прашања поврзани со социјалната и материјалната положба на членовите на ССМ;
- ги разгледува иницијативите и предлозите од Претседателството, и органите на синдикатите-членки;
- меѓу два конгреса го верифицира мандатот на членовите на: Советот и Надзорниот одбор за кои настанала измена;
- утврдува предлог за претседател на ССМ по предлог на Претседателството;
- избира секретар на Советот на ССМ по предлог на Претседателството;
- избира потпретседатели на Советот на ССМ по предлог на Претседателството;
- во периодот меѓу два конгреса ако по било која основа функцијата претседател на ССМ се упразни, со одлука на Советот се именува вршител на должност претседател од членовите на Претседателството за период од 2 месеци. Во овој период се свикува Конгрес во меѓуконгресниот период на кој се избира претседател на ССМ.
- донесува Деловник за својата работа, критериуми за предлагање и избор на членови на органите на ССМ.
- донесува план на приходи и расходи;
- по потреба формира солидарен фонд и фонд за генерални протести и штрајкови;
- ги разгледува годишните извештаи на Надзорниот одбор и предлага соодветни мерки;
- распишува избори во ССМ;
- донесува одлука за место, датум и дневен ред за одржување на Конгрес на ССМ;
- одлучува за други прашања од својот делокруг на работа;
- врши измени и дополнувања на Статутот на ССМ до 1/3 од одредбите;
- донесува одлука за организирање на протест и генерален штрајк.
Советот може да формира совети, комисии и други тела за одделени области и активности.
За остварување на функциите за кои е надлежен, Советот е одговорен пред Конгресот.
Советот работи на седници.
Одлуките, ставовите и заклучоците кои ги носи Советот на ССМ се носат врз основа на ставовите од синдикатите пренесени - застапувани од членовите на соодветниот Синдикат во Советот на ССМ.