Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ВЕ ПОВИКУВАМЕ СИТЕ, 28-МИ ЈАНУАРИ Е ДЕНОТ КОГА ЗБОРУВААТ РАБОТНИЦИТЕ!

На прес-конференцијата која денеска се одржа во Работничкиот Дом на ССМ, пред утрешниот закажан голем протест на Сојузот на Синдикатите на Македонија за работничките плати, се обрати Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов  најавувајќи го протестот под мотото: “28-ми Јануари е денот кога работниците зборуваат!”, преку присутните претставници на медиумите директно им се обрати на сите работници и граѓани, повторно повика на масовност и на нивно присуство на утрешниот протест и им порача дека:

“Овој протест е за вашите плати, затоа што истите не стигнуваат од први до први. Овој протест е против неправдата, затоа што тие земаат 10 пати поголема плата од вашата. Овој протест е поради тоа што тие за себе обезбедуваат 250 евра зголемување на нивните плати, а за вас ниту 25 евра.

Овој протест е за вашите деца, за вашите ќерки, за вашите синови. Овој протест е и за вашите внуки, за вашите внуци, за да ги зачуваме нашите семејства во Македонија и да не ни заминуваат во странство. 

Овој протест е против игнорантскиот однос на Владата и на работодавачите кои не се договорија да ги зголемат вашите работнички плати онака како што заслужувате и како што барате. 

Овој протест е за зголемување на сите плати на работниците за најмалку 6.000 денари, преку зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра. 

Овој протест е заради тоа што тие не водат грижа за вашите семејства и не водат грижа за Вас, а вие со вашето право на глас им го давате луксузот во кој тие живеат. 

Па поради сите овие причини на сите оние кои досега сами не се повикале, ја користам оваа прилика денес, да Ве повикам да ни се придружите утре на големиот работнички протест на улица, кој ќе започне во 17 часот пред Работничкиот Дом на ССМ.

 Облечете се топло, ставете капа, шал и дојдете на улица во мракот со работниците за да не ве препознае никој доколку Ви се закануваат.

Запомнете дека не треба на никој да му се плашите, затоа што на никој не му должите апсолутно ништо, туку напротив, им должите само на вашите семејства да живеете сите заедно пристоен живот.

 Ве повикувам сите и синдикалци и работници, но и пензионери кои земате пензии исто така од работничките плати, од придонесите кои ние ги плаќаме од нив, да ни се придружите затоа што само во месец Јануари сте посиромашни за 1000 денари.

За две години колку што одбива Владата да ви ја зголеми платата и колку што одбиваат работодавачите да се договорат со работниците да се зголеми платата, посиромашни сте за 9.500 денари или онолку колку што е зголемена вредноста на Синдикалната минимална кошница која ССМ ја пресметува. 

Аргументи има многу, изговори немаат ниту еден.

Самобендисаноста на одредени луѓе значи да ве држи во сиромаштија, затоа што 200.000 од Вас живеат со плата под триесет илјади денари. Замислете десет проценти од нив да излезат на улица утре, колку брзо ќе можат да се менуваат работите и колку брзо ќе растат платите. 

Ве охрабрувам да не се плашите на никој и да излезете рамо до рамо со синдикалците, со работниците и да им дадете поддршка и ако имате повисока плата, затоа што се бориме и за вашата плата и таа да се зголеми за најмалку 6.000 денари. 

Се бориме дури и за платите на критичарите, на оние кои не напаѓаа изминатите денови за и нивните плати да се зголемат за најмалку 6000 денари. Нека одат сами и нека побараат на нивните менаџери, директори функционери, министри зголемување на платата и да видат како од омилени им стануваат најголеми непријатели. 

Утре е денот кога работниците зборуваат, а колку гласно ќе зборуваат зависи од вас. 

Ние ќе бидеме на улица и затоа уште еднаш ве повикувам да ни се придружите со вашите семејства, со вашите колешки и колеги со кои најчесто зборувате како е тежок животот во Македонија, како не се преживува од први до први, како треба да ви се зголемат платите. 

Утре, вашето присуство на улица ќе зборува погласно од било која дискусија која што сте ја имале во вашите семејства и на вашите работни места. 

Ве молам да разберете дека другите не бројат и дека другите сметаат дека ако не дојдете им давате огромна поддршка да не ви ја зголемат платата и дека вие добро живеете и дека вие зборувате само за убави работи, но реалноста е друга, а тие не ги симнаа розовите наочари и затоа се гледаме на улица утре во 17 часот од пред симболот на работничката борба - Работничкиот Дом на ССМ. 

Оттаму продолжуваме пред Собранието каде што пратениците се слепи и глуви на предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на вашите плати, а имаат по две, две и пол и три илјади евра плата.

 Продолжуваме кај газдите кои се најголемите виновници и кои 36 години ви ги иселија најголемиот дел на вашите пријатели, другари, семејства од Македонија и завршуваме пред Владата, таа која како симбол 36 години не прави апсолутно ништо за работниците. 

Мораме да кажеме гласно дека платите во Македонија се мизерни, дека функционерите за себе си обезбедуваат луксуз на грбот на сиромашниот народ.

Мора работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за работничките права“.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.