- Македонски
- English
Македонските синдикати ставија потпис за учество во Заедничкиот консултативен комитет (ЗКК). Претставници се Ванчо Муратовски од Сојузот на синдикатите на Македонија, со заменик Јордан Сандев, и Слободан Антовски од Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ), со негов заменик Дивна Змејковска. Синдикалната страна во ЗКК е проширена со двајца набљудувачи, и тоа Марјан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ), со заменик Билјана Стефановска, и Ружди Ибраими од Конфедерацијата на слободни синдикати (КССМ), со заменик по потреба.
Со утврдувањето на составот практично се решени несогласувањата околу учеството на синдикатите во Заедничкиот консултативен комитет. Имено, најпроблематично беше однесувањето на КССМ, која одбиваше да се состане и да разговара со другите синдикати. Меѓутоа, откако беше направен првичен избор КССМ реагираше со негодување, испраќаше дописи до меѓународните синдикални организации и бараше интервенции.
Како медијатор се јавија невладини организации, посебно Македонскиот центар за меѓународна соработка. Минатата недела се постигна начелен договор, додека сега е потврден составот на претставниците од четирите национални синдикати, кои се регистрирани во Министерството за труд и социјална политика.
Заедничкиот консултативен комитет е тело мошне значајно за интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија. Тоа е заедничко работно тело на Македонија и на Европскиот економско - социјален совет (ЕЕСК). Делокругот на ЗКК е соработката на Македонија и ЕЕСК, посебно прашањата поврзани со социјалниот и граѓанскиот дијалог. Европскиот економско - социјален комитет, пак, е советодавно тело на ЕУ, кое дава мислења за Парламентот и на Советот на ЕУ, како и на Европската комисија. Оттаму оценките на ЗКК и на ЕЕСК за Македонија имаат силно влијание врз структурите во Брисел.
Составот на ЗКК е шестчлен, со по двајца претставници на работодавачите, синдикатите и граѓанскиот сектор, односно невладините организации. Проблемот со учеството на синдикатите е решен со утврдување на двајца претставници и со проширување на двајца набљудувачи. Членовите и набљудувачите имаат право на учество и избор, додека право на глас имаат само членовите. Мандатот на сите трае две години.