Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Судската администрација ќе штрајкува во ноември

 

Судската администрација ќе штрајкува во втората половина на месец ноември, соопшти на денешниот брифинг секретарот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Првата причина се прениските плати, кои за повеќето вработени се движат од осум до десет илјади денари. Меѓутоа, платите се само една последица од неверојатно индолентниот и неправеден однос на Владата, Министерството за правда и Врховниот суд за оваа категорија вработени. Со години не се решава ниедно нивно барање и изгледа како тие цело време издржуваат некаква незаслужена казна, изјави Грујовски.

Тоа се луѓе со многу задачи и со прениски плати, објасни секретарот на УПОЗ. Досегашните влади, како и сегашната, постојано ги форсираат судиите, додека воопшто не мисли на секретарите, дактилографките, техничкиот персонал. Во 2005 година размерот на платите беше еден спрема два, што не беше во ред, но се отиде предалеку и сега односот за три години стана еден спрема петнаесет.

Ние не сме против високите плати за повисоките функции во судството. Напротив, тие сега имаат пристојни примања, но како синдикат не можеме да го прифатиме изостанувањето на административците, кои сочинуваат 80 отсто од сите вработени во правосудството.

Илустрација е надоместокот за исхрана: судиите земаат 3.900 денари за хранарина, по колективниот договор, додека останатите по 2.300 денари, со Законот за извршување на буџет.

Законот за судска служба од 27 јули 2008 година не ги оправда ветувањата на Министерството за правда и на владиниот кабинет. Напротив, луѓето се длабоко разочарани што нивниот статус и понатаму практично остана нерешен. Не е прифатено ниту едно барање на УПОЗ и со новиот пропис администрацијата е повторно заборавена. Само една споредба – минатиот труд кај административците се пресметува со бодови само за образованието, додека кај судиите со вкупниот број бодови. Ова е само еден пример од двојниот однос кон судската администрација.

Овие луѓе минатите десет години организираа голем број штрајкови, меѓу кој е најдолгиот во историјата на македонското работничко движење, потсети Грујовски. На почетокот на 2.000 година штрајкуваа 80 дена, следните години исто така беа одбележани со штрајкови, додека и оваа година се одржаа тродневни штрајкови во февруари и во април.  Штрајкот што сега го најавуваме е продолжение на штрајкот што на 13 април беше ставен во мирување поради парламентарните избори.

Од другата страна се министерот за правда Михајло Маневски и претседателот на Врховниот суд, кои не можат да се договорат кој е работодавач на судската администрација. Ние постојано бараме средба, да седнеме како социјални партнери и да видиме како можат да се решат проблемите на овие луѓе, но до таква средба досега не дојде. Иако во јавноста министерот Михајло Маневски изјавуваше дека платите на админстративците се прениски, се продолжи со игнорирање на нивните барања. Во секој случај УПОЗ бара средба со претседателот на Врховниот суд, со претседателот на Републичкиот судски совет и со претседателите на апелационите судови.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.