Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ССМ И РАБОТНИЦИТЕ ЗАЕДНО НА УШТЕ ЕДЕН ГОЛЕМ ПРОТЕСТ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПЛАТИ!

Соjузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на 14 Март одржа нов протест во Скопје на кој илјадници работниците се придружија и заедно со синдикалните претставници на ССМ гласно и без страв ги повторија своите барања за повисоки плати и подобри работнички права. На протестот уште еднаш беа истакнати барањата на работниците кои се јасни и конкретни, а тоа се барања за 600 евра минимална плата и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари, како барања кои се основани на аргументи, на кои креаторите на политиките, носителите на власта и работодавачите останаа глуви и упорно ги игнорираа, а уште повеќе аргументи кои тие во изминатиот период неуспешно се обидуваат да ги нападнат со лаги и со тоа да ги обезвреднат.
Јасно е дека работниците и граѓаните се оние кои на прва рака и во најголема мера ја чуствуваат кризата со која се соочуваме што поради лошите национални политики, но и поради кризните светски текови кои моментално се одвиваат, а на кои за жал сеуште нема одговор во форма на национална државна политика или мерка. Синдикалните претставници на ССМ предупредуваа дека минималната плата во Македонија е најниска во региониот и во Европа и дека одамна нашите работници се сиромашни работници и дека нашите граѓани како и нивните семејства едвај преживуваат со платите кои не ги следат реалните трошоци на животот, а работниците наместо молк, игнорирање и релативизирање на состојбата, бараат креирање на активни политики кои ќе значат помош и подобрување на нивниот животен стандард. 

Протестот е јасна порака дека работниците веќе не се плашат и дека се подготвени јавно и гласно да се борат како за подобри услови за работа, така и за повисоки примања, бидејќи помина времето кога работниците молчеа, молеа и имаа очекување од институциите и работодавачите да покажат милост и разбирање за нивната економска состојба. 
Работничките протести се јасна порака дека кога Владата и работодавачите не слушаат, работниците ќе зборуваат на улица и со тоа ќе ги остварат своите цели.
Протестот започна пред симболот на работничката борба – Работничкиот Дом на ССМ, каде што се обрати Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, кој им посака добар ден на сите работниците и работничките, но не е и на оние што се против зголемување на работничките плати.
„И покрај сите закани и покрај сите притисоци што се обидуваа во изминатите денови да ги направат, огромен број од вас се охрабрија и покажаа дека не се плашат и покажаа дека ќе се бориме и дека нема да се молиме. На 28-ми јануари ја започнавме синдикалната борба на улица и нема да застанеме додека не се зголемат работничките плати за сите работници онака како што работниците бараат, а тоа е 600 евра минимална плата и за најмалку 6.000 денари да се зголемат останатите работнички плати на сите работници. Денеска огромен број работници беа спречени да дојдат затоа што им се закануваа со губење на нивните работни места, со распоредување и со закани за намалување на нивната плата. Но, без оглед на тоа не ви се плашиме.
Дојдовме илјадници за зголемување на платите и ќе дојдеме пак. Покажавме дека и 21 човек вршат работа да прават нервоза кај избраните и именуваните, како и кај газдите. Покажавме дека можеме и многу повеќе. Денеска им покажуваме дека можеме и највеќе. Продолжуваме пред Собраненито, пред газдите, пред Стопанската комора и завршуваме пред Владата “
Трендафилов нагласи дека без работници нема држава, дека без работници нема ниту власт и предводејќи ја толпата со пораката “ПРОТЕСТИРАМЕ ЗА ПЛАТА” продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и пред Владата.
„Нема да застанеме се додека не се зголемат работничките плати” истакна Претседателот на ССМ пред Собранието на Република Македонија и кажа дека минималната плата во државата мора да се зголеми во текот на месец март, бидејќи работниците со својот труд ја заработуваат и заслужуваат повисоки примања и ги повика работниците да ги поздрават пратениците кои упорно одбиваат да ги гласаат потребните законски измени за зголемување на работничките плати и намалување на сопствените плати како избрани и именувани лица.
„Минималната плата мора да се зголеми во месец март, затоа што тие не ни ја даваат, туку затоа што ние како работници ја заработуваме и затоа што им заработуваме многу повеќе од тоа што тие не плаќаат. 


Да ги поздравиме со едно голему „Уа’, иако тие немаат срам, а ние нема да запреме и покрај се што прават. Ги напаѓаат нашите најблиски семејства, децата на некои од нас, а тоа е недозволиво во едно демократско општество за какво што се декларира Македонија. 
Сакам да им се извинам на полициските службеници, за кои пратениците не предвидоа ништо, туку 0% за зголемување на нивните плати, а денеска ги ангажирале во огромен број против работниците. Полициските службеници се работници за кои нема зголемување на плата оваа година. Да ги поздравиме со аплауз“, побара Трендафилов од присутните работници и граѓани.
Претседателот на ССМ нагласи и дека бројноста на Работничкиот протест кој се одржа на 28-ми јануари јасно ги исплаши пратениците и газдите како и Владините претставници:
„Се исплашија и денеска, ама ги бетонираа нивните плати на 79% на штета на вас работниците. Овие внатре се против вашите плати, против зголемување на минималната плата и против зголемување на работничките плати. Истите што се внатре сложно гласаа да ги зачуваат нивните над 100.000 денари плати кои не ги заслужуваат, а ние им ги овозможуваме. Ние, вие, сите работници, работниците дури кои не дојдоа и на кои им се закануваа ги плаќаме не само нив како пратеници избрани именувани, туку ги плаќаме и политичките партии од буџетот, од нашите пари и од нашите придонеси, за да држат прес- конференции против работниците, да сеат магла и да се дават во сопствената кал, затоа што не сакаат да ја зголемат работничката платата. А наместо да се грижат за работниците, гледаат само за себе, да си обезбедат луксузот од буџетот кој го полниме ние. И уште возат на керозин, наплаќаат патни трошоци, имаат право на собраниска менза за евтини пари, нешто што работниците го немаат, а тие не сакаат да го овоможат за нив”.


Пред Собранието се обрати и Претседателот на Независниот синдикат за образование и наука (НСОН), Томислав Гиевски кој кажа:
“Почитувани браќа и сестри работници, не се откажуваме, не им попуштаме, тоа што сме го зацртале, тоа што со сме го наумиле, тоа што ни следува е наше, ќе го земеме на еден или на друг начин. Начинот на којшто ќе продолжиме е овој, бидејќи нема разбирање, ќе одиме до крај и нема да попуштиме. Да се плашевме немаше да се занимаваме со ова, да се плашевме немаше денеска да бидеме тука, но тоа е знак дека се повеќе ќе се охрабруваат работниците и дека се повеќе ќе бидат на нога за да ги оствариме нашите барања и нашите права. Нашите барања се многу едноставни, бараме од Собранието и пратениците да изгласаат повисока минимална плата, нормална и достоинствена, бараме и линеарно зголемување на платите. Бараме почитување на колективните договори во секторот образование, не затоа што нас така ни текнало, туку затоа што Законот така вели. Ако законот важи за сите, ако еден работник секојдневно треба да пази како вози и што прави, да пази каде и кога ќе фрли ѓубре и мора да ги почитува законите, така мора и Владата, државата и државната управа и државните органи сите да ги почитуваат законите, односно да ги почитуваат колективните договори. Па така, да исплатат плата како што законот предвидува, како што колективните договори предвидуваат и онака како што најавија дека тоа ќе го направат, но сеуште го немаат направено. Бараме усогласување на минималната плата согласно растот на платите во секторот образование, бараме достоинствено вреднување на трудот за вработените во детска заштита. На колегите кои сеуште не се охрабриле да се борат ќе им пренесеме една порака заедно тука... Колеги нема веќе простор за тактизирање и за криење, должни сте и имате одговорност и вие да почнете да се борите за вашите права ,затоа што борбата за работнички права е подеднаква на сите”.


Поворката на протестот потоа запре кај Стопанската комора на Македонија каде што барањата на работниците ги пренесе Потпретседателот на ССМ за приватен сектор и Претседател на СГИП Иван Пешевски кој кажа дека додека работниците секојдневно се борат како да се прехранат и да ги прехранат своите семејства, политичката и бизнис елитата ужива во луксуз и се богати благодарение на долгогодишното крадење на македонските работници:
“Почитувани браќа и сестри од синдикална фамилија...Лопови се за се што сме направиле во изминативе години, лопови се на секој еден од нас кој се иселил од оваа држава за да гради туѓа економија, место нашава. Се ни украдоа и се им е малку за овие 35 години...уште кажуваат дека поддржуваат работничка борба, а од друга страна намалуваат плати. Тука сме да им покажеме и докажеме дека нема бегање од покачување на платите. Платите мора да пораснат за младите да останат и тоа е мотото што ќе не води додека не си ја постигнеме целта, а тоа е 600 евра минимална плата веднаш, а не во 2028-та, тоа е и почитување на колективните договори коишто сме ги потпишале. Тука сме за сите неисплатени регреси, за сите неисплатени минати трудови, за додатоци на плата, надоместоци на плата, особено кај вработените во приватниот сектор. Крвта ни ја испија со памукче и се им е малку. Ќе продолжиме уште многу пати пред Собрание, пред Комора и пред Влада се додека не ја постигнеме нашата работничка цел. Секој ден ќе ги потсетуваме дека се лопови, без срам исто како што тие немаат срам да седат и само за себе да си гледаат, а да не гледаат за нас работниците и за нашите семејства и за нашата работа. Нема држава без работници. Ако се фалите дека сме трета или четврта економија покачете ги платите”. 
“Ако има за вас, мора да има и за нас! Ако не доста ви е и заминете си и вие од тука!” порача Пешевски.
Протестот заврши пред Владата на Република Македонија, каде синдикалците повторно порачаа дека нема повеќе страв, дека силата е во работниците и дека нема да се откажат се додека не ги исполнат своите барања за покачување на работничките плати.


Во своето обраќање пред Владата, Потпретседателот на ССМ за јавен сектор и Претседател на УПОЗ Трпе Деаноски кажа:
“За 100 гласа на парламентарните избори, една политичка партија добива 70.000 евра четири години, до наредни парламентарни избори. За 2025-та година сите политички партии ќе поделат од 8 до 10 милиони евра. 10 милиони евра, наши пари, ваши пари, пари од работниците и граѓаните, пари од буџетот. Затоа денеска дојдовме тука да им кажеме да не не лажат дека буџетот нема пари за покачување на минимална плата. Да не не лажат дека ако се зголеми минималната плата, ќе се зголеми инфлацијата. Ако земеме ние повисоки плати, ќе има пари стопанството, ќе има пари и државата, ќе има пари пензискиот фонд, ќе имаат пари и пензионерите. Доста ни е лажење! Доста ни се празни ветувања, дојдовме по парите, дојдовме по нашите пари што ги заработуваме со наша крв”.
“Следниот пат ќе бидеме уште побројни и нема да се откажеме се до победа”!


Пред Владата се обрати и Претседателката на Синдикатот за култура на Република Македонија, Вера Атанасовска и најпрво се заблагодари за бројноста и за масовната поддршка:
“Синдикатот на култура денеска протестира за правда! Протестира за почитување на законите. Протестира за почитување на колективните договори!”
“Тука сме да порачаме дека министрите не се над Законите. Министерот за култура, наместо да го девалвира синдикатот, подобро би било да работи на подобрување на работничките права, да работи на зголемување на минималната плата, затоа што на тој начин и неговите вработени во Министерството за култура и во управата ќе земаат за 6.000 денари поголема плата”.
Протестот заврши со обраќање на Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов кој пред Владата порача дека синдикалната, работничка борба нема да запре и ќе трае се додека не се исполнат барањата на работниците за зголемување на платите бидејќи конечно гласот на работниците мора да биде слушнат и тие да издвојуваат голема работничка победа:
“Ќе дозволите на почеток да им се извинам уште еднаш на полициските службеници кои мораа овие позади кои се плашат од работниците, да ги ангажираат во огромен број, а истите тие во државниот буџетот за нив предвидоа 0% зголемување на платите на полициските службеници, што сметам дека е срамно. Денеска поздрав од работниците заслужуваат само работниците, па затоа ве повикувам да ги поздравиме со огромен аплауз полициските службеници кои стојат заедно со нас, а мислат исто како нас. Денеска Македонскиот полициски синдикат (МПС) е тука за нив во огромен број, а оние кои се на работа сакаат да бидат денеска со нас тука, затоа што за нив нема плата оваа година зголемена ниту за еден процент, што е срамота за една Влада која ги вика во огромен број да ги чуваат од народот и од работниците. Дозволете ми да порачам на Владата дека не треба да се плаши од народот, дека не треба да се плаши од работниците, дека ова е работнички протест организиран од работниците за работниците. Не доаѓаме по нивните функции затоа што никој кој стои сега тука со нас на асфалтот нема политички амбиции, но има желба да се бори за зголемување на работничките плати и за зголемување на минималната плата, а тие пред некој ден седнати во фотелјите во Стопанската комора како нивни слуги, како слуги на олигархијата кажаа дека не планираат да ја зголемат минималната плата надвор од законското усогласување за срамни 1.667 денари. Но, овие позади нас кој се плашат од нас ги бетонираа своите плати, плати за кои не сакаат да зборувате ниту вие ниту ние затоа што се огромни, ги бетонираа онака 79% зголемени, за тие да уживаат а ние сите да мизеруваме”. 
Трендафилов вети пожестока работничка борба доколку не бидат исполнети барањата, бидејќи работничкиот револт кој е веќе на улица, е се повеќе масовен поради игнорантскиот однос на Владата, на газдите и на пратениците:
“Ние работниците денеска протестираме а плата, протестиравме и ќе протестираме... не ви се плашиме!


 Денеска сме тука со нашите семејства кои ги напаѓате, денеска сме тука за нашите семејства кои ги напаѓате, денеска сме тука за семејствата на работниците, денеска сме тука и за работниците кои беа заплашени и на кои им се заканувавте да не дојдат да протестираат за зголемување на плата, затоа што денеска во вашите партиски соопштенија за кои примате повеќе од милион и пол евра годишно од буџетот кој ние ви го овозможуваме како политичка партија, ќе зборувате дека многу малку работници бараат зголемување на платите и затоа нема да им дадете. Затоа што ако им дадете тие ќе се луксузирале, а вие не сакате да ги расипете работниците и не сакате да можат и работниците да живеат нормален живот. Ќе ви ветиме едно, а тоа е дека ако утре ја зголемите минималната плата на 600 евра, ги зголемите платите на сите работници на најмалку 6.000 денари нема да не гледате веќе, нема да ви бидеме трн во нога и нема да се нервирате поради работниците, но во спротивно ви ветуваме уште пожестока борба, уште похрабри работници, уште повеќе протести, уште повеќе штрајкови се до зголемување на работничките плати. Мислам дека видовте и вие дека не ви се плашиме, дека никој не ви се плаши, видовте дека ви се бројат деновите до нови избори, видовте незадоволни работници, читате коментари по социјалните медиуми како ви се смее цела држава. Срамота е тоа што им го правите на луѓето со изговор дека овој е оваков, овој е онаков, а вие кога бевте опозиција стоевте рамо до рамо тука пред Владата пред симболот на кршењето на работничките права, стоевте пред Собранието со работниците на 40 степени, а сега се криете од работниците, ангажирате огромни полициски сили за да се заштитите од работниците, што е срамота за една Влада која треба да биде биде народна, но вие сте ненародна Влада затоа што за народот не направивте ништо. Уште еднаш ќе ви повторам никој овде не ја бара вашата фотелја, не се плашете не ви ја тресеме, седете удобна во неа, но зголемете ги платите на работниците, затоа што работниците се борат за корка леб, а вие се борите за манго, папаја, бејби биф, лосос и што уште не. Можете денеска сите да не заокружите, можете да кажете кој со кого бил, кој чив бил и кој каков бил, можете да се однесувате како режим, но тоа го прават држави кои не се аспиранти за членки на Европската унија”. 
Претседателот на ССМ во своето обраќање ја најави работната посета и поддршката на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) закажана за наредната недела и кажа:
“Заради тоа што го правите вие, добиваме поддршка од Меѓународна конфедерација на Синдикати (ITUC). Како што стоиме денеска тука ние најавена е посета на Генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикатите (ITUC) наредната недела. Првиот човек на синдикалното движење доаѓа во поддршка на работниците, доаѓа во поддршка на Сојузот на синдикатите на Македонија и на синдикатите здружени во ССМ. Доаѓа за да се зголемат вашите плати - работничките плати, доаѓа затоа што и тие гледаат што прават македонските функционери и македонските олигарси, доаѓа затоа што гледа дека оваа Влада се задолжи за 400, 500, 700 милиони евра за да даде кредити на газдите, кредити чии камати ќе ги плаќаме сите ние до еден тука. Оваа Влада зголеми и пензии, пензии кои се исплаќаат од нашите работнички плати, од платите на нашите работници кои со својот труд ја изградиле државата, но одбиваат да зголемат плати на работниците мислејќи дека парцијалното зголемување на едни 5% на едни 7% на едни 10% на едни 15%, но за жал за полициските службеници кои се со нас тука 0%, ќе го разедините синдикалното движење. Не планираме да ви потклекнеме, не ви се плашиме и се гледаме повторно на улица, затоа што на маса ни се потсмевате во лице, а потсмевањето во лице на синдикатите е потсмевање во лица на работниците. 
Претседателот на Владата на една од последните седници на Економско-социјалниот совет минатата година и ги повикувам да го објават видеото од седницата на Економско-социјалниот совет ни се изнасмеа во лица на сите работници кои бевме внатре, освен на душманските синдикатите, полтронските и партиските синдикати и ни кажа дека тоа што ние сме го изготвиле како анализа од релевантни државни институции треба да обезбедиме нови докази, а дека тој е за 800 евра минимална плата додека сега нема можности да се направи тоа.
Имавме еден премиер со “ќе” и имаме втор со “нема можности“, но за нив секогаш имаат можности, секогаш имаат услови и секогаш имаат време, а за нас, за работниците, за вас немаат ништо. Ве уверувам дека следниот протест доколку биде уште поброен, дојдовме илјадници, дојдовме пак илјадници, дојдовме и 21, а министри тука одеа пешки и со наведнати глави. Можеме да ги блокираме со 21 човек можеме како и сега со повеќе од 12.000 луѓе, ќе дојдеме и 20.000 луѓе, но да продолжите да им се заканувате на работниците, да им се заканувате со откази, да им се заканувате дека ќе ги распоредувате за да не излезат на улица за да покажете дека се задоволни, дека добри се платите прочитајте ги коментарите на сите ваши партиски соопштенија, затоа што ние ве плаќаме, а не ве плаќаме за да ги напаѓате работниците, туку да ги плаќате и да им ги зголемите платите и затоа како Сојуз на синдикати на Македонија нема да се откажеме од борбата и само еден работник да излезе на улица и да бара зголемување на неговата плата ние ќе бидеме со него”.
За жал останатите синдикати кои упорно молчат и наместо да бидат претставници на работниците дејствуваат како Владини претставници и како претставници на газдите и на избраните и именуваните лица, и кои од сопствената алчност целосно ја заборавија синдикалната, работничката борба:
“Вие Владата, газдите можете да се борите со синдикатите кои ви се полтрони, со синдикатите кои не бараат зголемување на работничките плати и со синдикатите кои се борат за 15.000 денари паушал во Управен одбор и синдикатите кои ги предадоа работниците со срамни 1.667 денари. Тоа што можам да го ветам е дека ние како ССМ нема да правиме кворум на седница на Економско-социјалниот совет за мизерно усогласување на минималната плата за 1,667 денари. Нема да му нанесеме штета на ниту еден работник, ќе  продолжиме да се бориме и нема да ви се молиме и ве повикувам да ги поздравиме со едно големо УА овие позади кои уживаат на вашиот грб!”
На крај Претседателот на ССМ се заблагодари на огромната поддршка и порача дека ССМ нема да ја запре борбата се до издвојување на голема победа за сите работници:
“Ви благодарам на сите кои не се исплашивте, кои застанавте рамо до рамо со нас неколкумина, затоа што тие внатре сметаат дека заради тоа што тие се само неколкумина против сите работници, ние неколкумина од работниците бараме зголемување на платите. Дозволете ми за крај да се заблагодарам и на новинарите кои имаат можеби најниски плати и најниски примања во Македонија, затоа што никој не ги зголемува нивните плати доколку не се зголеми минималната плата. Дозволете ми да ги охрабам и работниците во приватниот сектор, затоа што и тие видоа дека без да се борат не можат да се изборат сами со нивните газди и со нивните работодавачи, а заедно со нас можат да се изборат за се. Ви благодарам на тоа што се охрабривте и дојдовте денеска, ви благодарам на тоа што се охрабривте за тоа што ќе ве заокружуваат, ви благодарам на тоа што не им се плашите и да ве објавуваат, ви благодарам на сите работници кои се борите за вашите деца, за вашите внуци, за вашите комшии и колеги. Тие што не дојдоа, од понеделник можат да продолжат да зборуваат на работа како се ниски платите, можат да отидат кај нивните газди, кај нивните министри, кај нивните шефови да прашаат, да ги молат и да видат дали ќе им ја зголемат за денар нивната плата или ќе ни се придружат и следниот пат. И на крај дозволете ми да ги поздравам и квази синдикатите, со исклучок на два, а тоа е Самостојниот синдикатот на новинарите и Гласен синдикат, сите останати синдикати се против работниците, а тоа е нешто што не смеат работниците да си го дозволат, затоа што тие синдикати служат на Владата и на газдите.
Почитувањето на своите работници и водење грижа на нивниот животен стандард, почитување на колективните договори и подобрувањето на работничките права преку здрав социјален дијалог мора да биде приоритет како за државните институциите и носители на власта кои се дојдени на тие позиции токму преку работнички гласови, така и за работодавачите кои никако не можат да ги водат своите бизниси сами, туку тоа го прават на грбот на работниците. 
Се додека продолжува игнорантскиот однос, ќе продолжи и работничката борба...
Работниците се основата за градење на секоја држава, а доколку властите и газдите ова го забораваат, тука се оние вистинските синдикатите оние вистинските преставници на работниците кои ќе настојуваат постојано да ги потсетуваат на тоа, па доколку е потребно и од улица.
Работничката борба нема да запре!

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.