- Македонски
- English

На ден 06.03.2026 година, на барање на Амбасадата на Република Австрија во Работничкиот Дом на ССМ се одржа работна средба помеѓу Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и Австриското аташе за труд, социјала, здравство, нега и заштита на потрошувачи г-н Харалд Бреза Фугер.
На работната средба се разговараше за актуелните состојби кога станува збор за економско-социјалната положба на работниците во нашата држава, за синдикатите и синдикалното движење воопшто како и за синдикалната борба за унапредување на работничките права и подобрување на легислативата од областа на трудот, со посебен осврт на социјалниот дијалог во нашата држава како основа за донесување на поуспешни идни решенија, а особено решенија кои ќе го вратат достоинството на македонскиот работник и ќе го спречат неговото заминување во странство во потрага по подобра иднина.
Од страна на Претседателот на ССМ како Претседател на најголемиот и најброниот синдикат во нашата држава и воедно единствен синдикат кој е репрезентативен и има свои членови во јавниот и приватниот сектор беа презентирани актуелните состојби кога станува збор за социјалниот дијалог, за колективното договарање на сите нивоа, беше разговарано и за состојбата и развојот на платите во нашата држава и потребата од нивното зголемување, како и за определбата на ССМ за развој на успешни социјални политики кои ќе бидат насочени исклучиво кон остварување, заштита и унапредување на работничките права.
Особено беа пренесени предизвиците со кои ССМ и гранковите синдикати здружени во ССМ се соочуваат во изминатиов период на засилена синдикална кампања и борба за зголемување на работничките плати, односно за зголемување на минимална плата на 600 евра и за зголемување на сите останатите платите за најмалку 6.000 денари.
Се разговараше за последните синдикални активности на ССМ како Големиот работнички протест кој се одржа на 28-ми јануари и на кој се придружија огромен број на работници и граѓани, трите синдикални протести со блокади кој ССМ ги одржа пред Собранието на Република Македонија, пред работодавачите и пред Владата на Република Македонија, а исто така и за идните планирани активности и чекори кои ССМ ќе ги превземе во наредниот период, а се со цел остварување на барањето на работниците за зголемување на нивните плати.
Беше најавен и следниот голем работнички протест закажан за 14 март, а воедно и беше пренесена можноста за организирање на првиот генерален штрајк истовремено во јавниот сектор и приватниот сектор за прв пат во нашата држава.
Како дел од активната борбата за зголемувањето на минималната плата на 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари беа пренесени и последните загрижувачки инциденти со незаконско следење и објавување на видео снимки од приватниот живот на Претседателот на ССМ, како дел од подолготрајната кампања за ширење на неосновани клевети насочена не само кон него, туку и кон останатите синдикати здружени во ССМ и нивните Претседатели, а се со цел да се наруши угледот на ССМ и да се направат некакви обиди да се делегитимира улогата на ССМ како значаен социјален партнер во државата, за кои инциденти ССМ веќе ги извести Амбасадите во нашата држава, Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија како и сите значајни меѓународни партнери и институции.
Но, исто така Претседателот на ССМ ги пренесе и сите други предизвици со кои синдикални организации на ССМ и синдикалните членови се соочуваат како во јавниот така и во приватниот сектор во текот на нашето 80-годишно постоење, како што се настојувањата за суспендирањето на колективното договарање преку законите за јавен сектор и за административни службеници, незаинтересираноста на социјалните партнери за колективното договорање на ниво на приватниот сектор, долгогодишно преговарање за нов Закон за работни односи, со сите потребни измени како би можел да ги следи актуелностите и новините во областа на трудот, наспроти правењето на брзи законски измени на дел од трудовата легислатива со брза постапка и користење на Европското знаменце во Собранието, без социјален дијалог, настојувањата за непочитувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор во делот на начинот на пресметка на платите, непочитувањето на други колективни договори, понатаму и за последните упади во синдикални организации на ССМ, а се со цел нестатутарното и незаконско преземање на членови.
Особено беа истакнати напорите на ССМ да продолжи со свои засилени активности на креирање и обезбедување на постоење на синдикално движење онаму каде што синдикатите потешко успеваат да формираат свои синдикални организации, а преку тоа и остварување на зголемување на членството на ССМ како во јавниот, така и во приватниот сектор кое нешто несомнено ќе ја унапреди нашата положба пред останатите социјални партнери.
Од страна на Австриското аташе за труд, социјала, здравство, нега и заштита на потрошувачи г-н Харалд Бреза Фугер беа споделени искуствата кои во областа на трудот преовладуваат во Република Австрија, а кои се однесуваат на начинот како се определува репрезентативноста на социјалните партнери во државата, на начинот на уредување на минималната плата и на платите воопшто во државата, искуствата кои се однесуваат и на колективното договарање кое делува со засилено темпо во државата и на социјалниот дијалог воопшто, како искуства кои како доста успешни примери можат да бидат преземени и од наша страна, како и од страна на останатите социјални партнери во Република Македонија при дејствувањето на трипартитно ниво.
Беше спомната и темата на миграцијата во областа на трудот, која и тоа како ги засега нашите држави. Беше испратена пораката дека секоја држава мора да се грижи за своите работници и граѓани како би можеле тие да ја гледаат својата иднина во својата матична држава, а особено дека ниту една држава не може да функционира без работниците кои ја градат економијата. При тоа преку успешните политики посебен акцент мора да се стави на зајакнување и унапредување на работничките права, како и обезбедување на нивната егзистенција, како и егзистенцијата на нивните семејства.
Од страна на Австриското аташе за труд, социјала, здравство, нега и заштита на потрошувачи г-н Харалд Бреза Фугер беше изразена поддршка за активностите на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) и беа најавени идни соработки и се почести работни средби со претставниците на ССМ, особено имајќи предвид дека ССМ е значаен дел од Европската Конфедерација на Синдикати (ETUC) и Меѓународната Конфедерација на Синдикати (ITUC), а се разгледаа можностите за размена на искуства помеѓу синдикалните организации во Австрија и Република Македонија.