- Македонски
- English

Претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија предводени од Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов ја напуштија вчерашната седница на Економско-социјалниот совет откако само 20 минути пред започнување на истата беше променет дневниот ред со вметнување и на точка 2 - Утврдување на висината на минималната плата во Република Северна Македонија за 2026 година.
“Пробуваат на мала врата да ја усогласат минималната плата, излегуваме повторно на улица”
Вака, Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов ја започна својата изјава пред медиумите и дополнително кажа:
“Како што се плашевме на денешната седница на Економско-социјалниот совет, претставниците на Владата планираат да ја усогласат минималната плата само онолку колку што е законското усогласување, Сојузот на синдикатите на Македонија не може да биде соучесник во состојба која за работниците значи, односно само за оние работници кои примаат минимална плата усогласување од 1500 денари. Бараме 600 евра минимална плата и за најмалку 6000 денари зголемување на сите останати плати. Жалам што дебатите и дискусиите кои ги водевме минатата година, анализите кои ги доставивме не успеа да им покажат и на креаторите политиките, меѓутоа и на работодавачите дека реална е потребата за зголемување на минималната плата. Но, исто така жалосно е што останатите синдикати се внатре соучесници за нанесување на штета на работниците и на работничките плати. Тие останаа внатре да работат, да дебатираат, како да не сме дебатирале цела мината година, а патем 3 месеци наназад ни се најавува дека планираат само законски да ја усогласат минималната плата. Па, така денеска од страна на Претседателот на Економско-социјалниот совет на наше прашање за што точно ќе разговараме имајќи во предвид дека само 20-тина минути пред започнување на седницата беше испратен променетиот дневен ред, ни беше укажано дека податоците на Државниот завод за статистика се излезени и дека следува само законското усогласување на минималната плата кое треба да биде утврдено на денешната седница. Минатата година, без ЕСС, спротивно на Закон ја утврдија висината на минималната плата на штета на работниците. Оваа година не можеме да дозволиме како репрезентативен претставник на работниците, од кој работниците бараат да излегува на улица, да протестира и да штрајкува за зголемување на работничките плати, да легитимираме нешто на штета на работниците и затоа ниту даваме согласност, ниту правиме кворум на седницата на ЕСС. Без претставниците на ССМ немаат ниту кворум, а ниту можат да донесуваат некаква одлука. Месецот март има уште денови, а на средината на месецот март, другари се гледаме на улица, затоа што колку ќе дојдете, толку ќе добиеме. Ако работниците сметаат дека не треба да излезат и да не подржат на протестот, односно да излезат и да се подржат самите себеси и да ги подржат и нивните семејства и за зголемување на минималната плата и на сите останати плати, тогаш намерата на Владата и на работодавачите ќе се оствари, односно само за 1.500 денари или 25 евра законско усогласување на минималната плата, а другите плати ќе бидат бетонирани како најниски плати во регионот и во Европа, затоа што како што кажавме 33% од македонските работници живеат под прагот на сиромаштијата”.
На новинарско прашање кое се однесуваше на тоа зошто претставниците на ССМ не останале на седницата, да дебатираат за барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари, Претседателот на ССМ изјави:
“Морам да нагласам дека тоа го укажувавме цела мината година, го укажавме и на последната седница на ЕСС кога подготвивме и сеопфатна анализа. Сега ја искористивме можноста да ги потсетиме на тоа, да им укажеме дека податоците од Анализата на ССМ се на страната на работниците, меѓутоа и веројатно инатот на поединци е побитен и на штета на работниците. Им укажавме дека дури и последниот податок на Меѓународната организација на трудот за продуктивноста на македонските работниците, ја сместува Македонија над светскиот просек, а платите се под дното во светот. Сметаме дека македонските работници не заслужуваат такви ниски плати, со таква висока продуктивност. Но, и покрај тоа, покрај нашиот обид денеска да им укажеме дека сите аргументи се на страната на работниците, дека потребата за растот на минималната плата и на останатите плати е на страната на работниците, односно е барање кое произлегло од работниците, а само пренесено од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија, тие ни кажаа дека само законски ќе ја усогласуваат минималната плата за некои 25 евра, што сметаме дека е недозволиво во овие моменти. На почетокот на годината организиравме голема работнички протест на кој ни се придружија помеќу 12.000 и 15.000 работници на улица, направивме и таргетирани протести со блокади со по 21 човек само колку законскиот минимум да го исполниме, за да им покажеме дека и на таков начин можеме да ги блокираме институциите, денеска како што може да видите тука сме двајца со вас, а на наредниот протест очекуваме масовна поддршка од работниците, очекуваме работниците да си ја дадат поддршката на себе и на своите семејства за зголемување на нивните плати. Во спротивност, како што кажав ние сами ќе продолжиме да се бориме за зголемување на работничките плати, но од другата страна ќе имаат ветер во грб и ќе ги бетонираат можеби најниските плати на македонските работници во историјата на Македонија”.
На новинарско прашање кое се однесуваше на тоа дали претставниците на Владата стигнале да ја презентираат Владината потрошувачката кошница, Трендафилов кажа:
“За жал не ни стигнавме да го слушнеме утврдувањето на вредноста на некаква Владина потрошувачка кошница. Од тоа што неофицијално го знам како податок дека ќе биде пониска од синдикалната минимална кошница. Ако на едно четиричлено домаќинство 65.000 денари не му се доволни за преживее во тековниот месец и ако 24.000 или 25.000 илјади денари колку што сега изнесува минималната плата е вредноста само на делот на храната и на пијалоците, тие го имаат намалено само делот на храната и пијалоците за најмалку 2.000 денари или толку колку што се зголеми вредноста на синдикалната минимална кошница од почетокот на годината. Во месец јануари работниците останаа без 1.000 денари во џебот, во месец февруари остана без 2.000 денари вкупно во џебот, и мислам дека ниту една кошничка не ги пере и оправдува за незголемување на минималната плата и на сите останати плати. Како што не ги перат ниту незголемувањето на функционерските плати, но задржувањето на тоа ниво од 79% зголемени функционерски плати, што означува помеѓу 100.000 и 180.000 денари за функционерите. Сметаме дека веќе е дојдено времето кога мора да се знае кој е ЗА, а кој е ПРОТИВ работниците. Не верувам дека внатре има некој што е ЗА работниците”.