- Македонски
- English

На ден 17.11.2025 година во Работничкиот Дом на ССМ се одржа завршната конференција како дел од Проектот - СИНДИКАТИТЕ И ПРОЦЕСИТЕ НА ПРАВЕДНА ТРАНЗИЦИЈА: УЛОГАТА, ЗНАЧЕЊЕТО, ИДНИ СИНДИКАЛНИ ЧЕКОРИ НА ПОДДРШКА И АКТИВИЗАМ КОИ ЌЕ ОБЕЗБЕДАТ ЗАШТИТЕНИ РАБОТНИЦИ И РАБОТНИЧКИ ПРАВА, кој Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) го спроведе со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Конференцијата под мотото “Нема праведна транзиција без заштитени работнички права и без учество на синдикатите!” се одвиваше во присуство на претставници на Канцеларијата на МОТ во Скопје, Наташа Симјаноска Мечкароска и Софија Јовановска Главинова, претставници на социјалните партнери, Светлана Ристовска – Антиќ, Извршен директор на Организацијата на Работодавачи на Македонија (ОРМ), Миле Бошков, Претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија (БКМ), Снежана Јанкова Петковска, експерт по безбедност и здравје при работа, Коста Петровски, надворешен експерт кој ја водеше и обуката за Праведна транзиција во рамките на овој Проект, како и во присуство на претставници од сите гранските синдикати здружени во ССМ.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во своето воведно обраќање ги презентираше актуелните состојби со Праведната транзиција во нашата држава со цел да се утврдат идните чекори на дејствување во насока на остварување, заштита и унапредување на работничките права на оние работници кои ќе бидат засегнати во овој процес и испрати барање за поголема вклученост и подобрување на комуникацијата и соработката на Владата со социјалните партнери и граѓанскиот сектор, особено поради тоа што синдикатите и бизнис-заедницата имаат потенцијал и капацитети за експертиза кои можат да ги надополнат владините мерки и активности кон одржливиот развој на земјата, кое нешто претставува правилниот пат низ кој треба да се води процесот на Праведна Транзиција.

Претставниците на ССМ ги презентираа резултатите од сите активности дел од проектот, а особено го промовираа ССМ – Дигитален Синдикален Водич за климатски промени и Праведна Транзиција кој резултираше од заедничката работа, соработката и комуникацијата со синдикалните претставници од оние сектори кои ќе бидат најпогодени од овој процес, како и имајќи го превид мислењата и предлозите на локалното население кое се запозна со овој Проект и активностите на ССМ за Праведна Транзиција благодарение на персонални интерактивни средби со претставниците на ССМ кои се реализираа во изминатиот период.
На завршната конференција посебен осврт беше ставен на социјалниот дијалог како клучен за надминување на предизвиците кои се јавуваат и ќе се јавуваат и во периодот кој следи при транзитирање на националните економиите кон декарбонизација, а се со цел да се обезбеди постигнување на фер резултати и исполнување на интересите на сите засегнати страни, односно исполнување на интересите на работниците, претпријатијата, на заедниците и на идните генерации кои несомнено заслужуваат живот во здрава и зелена животна средина.
Претставниците на синдикатите, претставниците на работодавачите како и претставниците на МОТ испратија порака за идни заложби да заеднички дејствуваат во насока на од една страна спроведување на овој процес на Праведна Транзиција кој несомнено е важен и кој мора да се случи како би можеле да ја обезбедиме нашата иднина и да ја обезбедиме иднината и на следните генерации, меѓутоа од друга страна и грижејќи се за социјалната сигурност на сите засегнати работници и граѓани.


Сите заедно испратија порака дека клучот за успешна Праведна транзиција несомнено е силен социјален дијалог, добро испланираните чекори и особено добро испланираната соработка помеѓу сите засегнати страни.
Самостојното дејствување на Владата без вклучување на социјалните партнери - синдикатите и организациите на работодавачи, само ќе овозможи да секоја нејзина политика резултира со незаштитени работници и компании кои ќе претрпат загуби, а кое нешто ќе го оштети државниот буџет и ќе и наштети на националната економија.
Исто така, ваквото спроведување на политиката ќе резултира со незадоволни граѓани, градови и региони, а особено со незадоволни млади луѓе за кои ризикуваме да дополнително ја изгубат довербата во креаторите на политиките.
Како што велиме дека нема иднина без процес на праведна транзиција, мора да кажеме дека нема иднина без безбедни и заштитени работници.
Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) на крајот на оваа конференција ги презентираше и своите Предлог-политиките посветени на процесите на Праведната транзиција во нашата држава кои наскоро и ќе бидат објавени на нашата веб страна како и нашите социјални медиуми, и истакна дека ССМ како најголем и најброен синдикат во нашата држава и во иднина ќе ги посвети синдикални активности токму на Праведната транзиција, секако во надеж за идна соработка со социјалните партнери, организациите на работодавачите и Владата како и локалните власти бидејќи само со заедничко дејствување ќе можеме успешно да го спроведеме овој процес.