Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Работна средба помеѓу претседателот на ССМ, Димовски и Министерката за труд и социјална политика, Шахпаска

Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа работна средба помеѓу претседателот на ССМ, Дарко Димовски и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на која присуствуваа и Секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски, Љубиша Каранфиловски, претседател на синдикатот за здравство, Иван Пешевски, заменик претседател на СГИП, Љупчо Радовски, претседател на СТКЧ и Миќо Стојановски, претседател на СРСВМ.

На состанокот, претседателот на ССМ, Димовски уште еднаш ги презентираше клучните барања, односно црвените линии на ССМ кои веќе неколку пати се доставувани до Министерството, треба да бидат дел од новиот Закон за работни односи, како што е барањето договорот за вработување на определено време да биде максимум до една година и трансформирање на истиот на неопределено време по истекот на таа година, породилното отсуство да биде најмалку 12 месеци, да нема контролен период за прекувремена работа, доследно почитување на правото за уредување на плата со Закон и КД, целосно остварување на правото за годишен одмор, обезбедување на безбедни и здрави услови за работа во компаниите, задолжително уредување на правата од работен однос со КД во компаниите кои вработуваат над 30 работници, зголемување на отпремниниата при отказ од деловни причини до 12 нето плати, продолжување на преговорите за ОКД за јавен сектор и др.

Претседателот на ССМ на министерката за труд и социјална политика ги пренесе и ставовите на ССМ по однос на уредувањето на правото за прогласување на недела како ден на неделен одмор, барањето на ССМ за зголемување на додатокот за плата за работа во недела за оние дејности кои се во исклучоците да биде најмалку 50, односно 100%, како и уредувањето на правото, денот на неделен одмор за оние кои ќе работат во недела да го искористат денот кој му претходи или следи на денот недела.

Секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски, потсети и на барањето на ССМ, КОВИД-19 да биде препознаен како професионално заболување и изолацијата, самоизолацијата да бидат плаќани во висина од 100% од основицата на работникот.

Љупчо Радовски, претседател на СТКЧ, ја запозна министерката со проблемите на текстилните работници, пренесувањето на работниците од една во друга компанија се со цел, склучување на договори за вработување на определено време од договори за вработување на неопределено време, како и за потребата од колективна имунизација на работниците во овој сектор.

Љубиша Каранфиловски, претседател на синдикатот за здравство побара да се тргне горната граница за можноста за уредување на правото на користење на годишен одмор во траење од најмногу 29 работни дена и да се овозможи со КД да се утврди и поголем број на денови годишен одмор, имајќи ги предвид здравствените работници.

Иван Пешевски, заменик претседател на СГИП упати апел до Министерството за труд и социјална политика што поскоро да се уреди правото на бенефициран стаж за градежните работници со оглед на фактот што сите потребни документи за промена на Правилникот се изготвени од страна на синдикатот и работодавачите.

 

 

 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.