Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРВОМАЈСКИ ПРОТЕСТ ,, ЗА ПЛАТА СЕ БОРИМЕ, НЕ СЕ МОЛИМЕ"

Под мотото „За плата се бориме – не се молиме“ на 1 Мај во Скопје се одржа протест во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на кој беа побарани повисоки плати и подобри услови за работа.

Протестот започна од Работничкиот дом на Сојузот на синдикатите на Македонија, продолжи пред Собранието на Република Македонија, до Стопанската комора и заврши пред Владата.

На почетокот на протестот се обрати претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов , кој порача дека работниците денес избрале да бидат на улица затоа што борбата за подобри плати и достоинствени услови за работа мора да продолжи.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека многу работници денеска, и покрај незадоволството од своите примања, се плашат да се придружат на протестите, затоа што сметаат дека истите се насочени кон одредени субјекти.

– Денеска, за жал, 260 илјади работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе излегоа на протест за 1 Мај, рече Трендафилов.

Тој посочи дека „за жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита“.

– Денеска е 1 Мај, денот кога работниците уште во далечната 1886 година излегле на улица и по цена на своите животи, за да ги заштитат своите работнички права, за да го скратат работниот ден од 12 часа на 8 и за да протестираат – потсети Трендафилов, повикувајќи на почитување на работничките права во државата.

„​Да ви се заблагодарам за вашето присуство за тоа што ќе го одбележиме 1 Мај најдостоинствено досега во историјата на Македонија. Затоа што сакавте да бидете тука, во име на сите работници.

„Сакаат сликата за Македонија да биде оној еден процент од народот кој може да си дозволи продолжен викенд во странство. Но, реалноста е сурова: половина од работниците живеат со плата под 600 евра, а една третина се на прагот на сиромаштијата“, порача Трендафилов.

260.000 работници живеат со плата под 600 евра, но денеска, за жал, само неколку илјади луѓе сме тука на протест за 1 Мај. Веројатно ситуацијата која се креира во општеството е таква, да треба да се поклониме, да треба да се потчиниме, но нема да го направиме тоа“, рече Трендафилов.

- Затоа што  сакавте да бидете тука, во име на сите работници. ​Денеска, кога ќе се движиме до Владата, ќе видиме наши граѓани на нивните балкони, на нивните прозори, кои ќе гледаат одозгора. Ќе седат во нивните удобни фотелји и ќе чекаат ние, ние и некој како нас да се избориме за нивната плата – рече Трендафилов.

Томислав Гиевски, претседател на Независен синдикат за образование и наука, се осврна на барањата што тие ги имаат:

– Први мај живее и ќе продолжи да живее сѐ додека има работници коишто се на висината на задачата и се борат за своите работнички права, ќе продолжи да живее сѐ додека има синдикати што не се контролирани од центрите на политичка моќ, а на тие што се – нека им служи на чест.

Како независен синдикат за образование и наука, стоиме цврсто на нашите барања, а тоа е почитување на колективните договори, почитување на пресметката за плата согласно коефициентот помножен со минимална плата.

Бараме во најбрз можен рок да започне почитување на колективните договори и достоинствено вреднување на трудот на вработените во секторот образование.

Бараме достоинствена плата и достоинствено вреднување на трудот за вработените во детска заштита – изјави Гиевски. Тој рече дека нема да се откажат од борбата.

Пред Стонската комора се обрати Претседателот на Синдикат за градежништво - СГИП , Иван Пешевски  кој истакна :

Работникот не е трошок – работникот е темелот на економијата. Работникот не е црна статистика, работникот е столбот на државата.
Без работник нема градежништво, нема индустрија, нема шумарство, нема образование, нема култура, нема здравство, нема војска, нема полиција, нема ништо!

Денес не молиме – денес се бориме. Бараме правда за трудот, сигурност за семејствата и иднина за младите.

Нема да дозволиме да згасне последната искра во очите на младите кои бараат правда и фер услови на работа, достоинствена плата и забава, а не сиромаштија и спас во друга држава. Бараме систем што ќе го штити работникот, а не профитот.
Да бидеме гласни. Да бидеме обединети. Затоа што кога работниците се заедно – промените се неизбежни!

И за крај, едно огромно благодарам за тие синдикалци кои не се денес со нас тука, затоа што и нема место помеѓу Вас кои препознавате борба за права. 

Нека прават конференции, коктели и се што им наложува власта. Барем да знаеме кој навистина се бори, а кој моли. Не ни требаат полтрони кои ги продадоа работниците само за да им удоволат на шефовите, газдите, министрите. 

Овде гледам храбри луѓе, луѓе кои се одважиле да дојдат и да дадат поддршка за повисоки плати иако можеби лично се задоволни. Гледам култура на солидарност и изразување поддршка. Тоа значи дека ќе истраеме и ќе победиме во нашата борба, а таа е за безбедни работни места, за повисоки плати за достоинствен живот.
Да живее Први Мај - заврши Пешевски.

Претседателот на ССМ Трендафилов во своето обраќање пред Владата истакна:

-​Денес сме тука, не за да го слушнат тоа што сакаат да го слушнат, а ние да им кажеме дека платите се добри, дека се почитуваат колективните договори, дека се плаќа прекувремената работа, дека во Македонија е добро ако се работи 12-часовен работен ден за одредени колеги, дека е добро тоа што поднесуваат иницијативи во Уставниот суд затоа што сакаат да укинат колективен договор и дека е добро тоа што нема социјален дијалог.   – рече Трендафилов.

- Денес дојдовме да им кажеме дека, додека ги потпишуваат колективните договори под притисок на синдикатите, а благодарение на протестите и штрајковите кои ги организиравме ние и вие заедно, денес водат борба за укинување на еден колективен договор кој ќе значи за една категорија работници минималец, а ќе значи за сите работници во следниот период исто така минималец. Во текот на вчерашниот ден беше истакнато дека тие планираат минималната плата да изнесува 500 евра до крајот на мандатот на оваа влада. Ние бараме минималната плата да се зголеми. Две години одбиваат да ја зголемат затоа што не сакаат да вратат работничко достоинство. За жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита – порача Трендафилов.
 


Веројатно ситуацијата која се креира во општеството е таква, да треба да се поклониме, да треба да се потчиниме, но нема да го направиме тоа – рече Трендафилов.

Тој порача дека треба да се бориме уште пожестоко, уште повеќе затоа што платите се ниски.

-На 4 мај, во понеделник, сите нас, сите нив, сите што заминаа на продолжен викенд, сите кои ни ракоплескаат по патот, сите кои гледаат од балконите, сите кои ќе не гледаат на вестите ,ќе ги удри суровата реалност во глава. А тоа е повторно најниска минимална плата во Европа, повторно најниска просечна плата во Европа, повторно обиди за уништување на колективното договарање и синдикатите кои се борат, а не се молат“, изјави Трендафилов.

„Да им се извинам на полициските службеници кои мораат денес да бидат со нас, за тоа што тие добија само 1.667 денари зголемување, односно усогласување на нивните плати.

Да им се извинам и на новинарите кои во голем број денес стојат, иако и за нив е празник и неработен ден.

И да порачам на сите кои ангажирале работници денес дека денешниот ден за работнички труд вреди 250%, и доколку не ви го платат тоа што сте дошле на работа, обратете се во Сојузот на синдикатите на Македонија.

Почнувајќи од новинарите, почнувајќи од полицајците, почнувајќи од вработените во здравството и сите други вработени во приватниот сектор кои денес, поради нечовечкиот однос на газдите, мораат да бидат на работа“, изјави Трендафилов.

Први мај живее, колку и да сакате да го умрете. Работничкото движење ќе живее, колку и да сакате да го умрете. Сојузот на синдикатите ќе живее, колку и да сакате да го умрете.

80 години поминавме со комунисти, социјалисти, демократи и денес десничари, но клучно е што работниците во толкав број во 1946 година се собрале и го основале најголемиот синдикат во државата, кој од 1946 година бие битки со сите досегашни влади и ќе продолжи да го прави тоа“, порача Трендафилов.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.