Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРОТЕСТ 1 МАЈ

НЕМА ДА БИДЕМЕ РОБОВИ

7.500 ХРАБРИ РАБОТНИЦИ КАЖАА НЕ НА ПРВОМАЈСКИОТ ПРОТЕСТ КОЈ ГО ОРГАНИЗИРАШЕ ССМ

Со звуците на „Интернационалата“ и „Бела чао“ почна денешниот првомајски протест на работниците организиран од ССМ. „Држава ви изградивме без плата не оставивте“, „Луксузот ваш е од трудот наш“, „Се да застане работникот да опстане“, „Цените пораснаа, платите пропаднаа“ беа само дел од пораките испишани на транспарентите кои ги носеа работниците маршираќи по скопските улици.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, ги повтори барањата за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари на сите вработени и тоа уште од утре и потпишување на општ колективен договор со кој работниците ќе може да ги уживаат сите права кои им следуваат со закон. На работодавачите им беше испратена јасна порака, или ќе се повлече преставката пред уставниот суд со која се оспорува недела како неработен ден или ќе се соочќат со штрајк. „ако губиме ние ќе губите и вие“, порача Димовски.

Не може, работодавачи и газди, да ви бидеме робови седум дена во неделата. Ќе блокираме сѐ и многу лесно овој протест ќе прерасне во штрајк, а тоа значи прекин на работата за време на работното време. Ако ние трпиме штета и вие ќе трпите штета, порача претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Дарко Димовски од денешниот првомајски протест, упатувајќи ги уште еднаш барањата – линеарно зголемување од 2.806 денари на сите плати во државата и повлекување на претставката за недела неработен ден од Уставниот суд.

„Еве ние ќе бидеме фер, бидејќи само кукате дека немате пари ќе ви предложиме линеарно зголемување на платите од 2 806 денари од хигиеничар до претседател на владата“, вели Дарко Димовски.

-Зголемувањето на платите да се случи ден побрзо зашто економската криза не изеде, инфлацијата е се поголема и тие пари ни се се понеопходни. Да ве предупредиме, да ја повлечете претставката за недела неработен ден зашто тоа е реланост во земјава – работникот го користи тој бенефит – одмора, напомена претседателот на ССМ во кусото обраќање пред Стопанската комора.

Линеарно зголемување на платите веднаш за најмалку 2 806 денари и потпишување Општ колективен договор во јавниот и приватниот сектор со кој ќе се регулираат зголемувањето на платите и враќањето на изгубеното право на К-15, се клучните барања на ССМ кои денеска, од првомајскиот протест, и беа испорачани на Владата.

ССМ потенцира дека товарот на кризата не смее да падне само врз работникот. Повеќе нема време за чекање и барањата мора да се исполнат ден поскоро, зашто работникот е доведен до работ на егзистенција, порача ССМ.

Владата, пак, вети заедничка борба со синдикалците за унапредување на работничките права и за повисоки плати.

Пред Владата, каде што беше завршното место на протестот, се обратија потпретседателот на Синдикатот на градежници, Иван Пешевски и Игор Герасов од Синдикатот за индустрија, рударство и енергетика.

-Имавме многу причини за организирање на денешниот протест. Со месеци наназад укажуваме на стагнирање на државата и на продлабочување на кризата. Оргомниот товар од кризата не смее да падне само на грбот на работникот. Со овој протест сакаме да укажеме дека во овие клучни моменти државата, Владата и работодавач не покажаа волја, што резултираше со замирање на социјалниот дијалог. Товарот на кризата мора да го понесат сите, а не само работниците кои се доведени до работ на издржливост. Така веќе не може, ви оставивме премногу време, рече Пешевски во обраќањето.

-Нашиот глас е еднакво важен како и вашиот, го нудиме нашиот придонес, но и ги бараме нашите права. Не сме задоволни од вашиот игнорантски однос, запоставени сме, притиснати и животно загрозени од стагнацијата на државата, а вашето одбивање и незиатересираност за подадената рака на ССМ не натера на улица да ги браниме нашите права. Трпението нема крај, повеќе нема да чекаме, бевме цивилизирани и конструктивни, но не добивме ништо. Сега сте вие на потег, ги добивте нашите барања од кои не отстапуваме. Бараме веднаш овие наши права да бидат разгледани во Владата, беше дециден Пешевски.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.