Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА, ДЕН ПО ГОЛЕМИОТ РАБОТНИЧКИ ПРОТЕСТ

На прес-конференцијата која денеска се одржа во Работничкиот Дом на ССМ, по успешно спроведување на еден од најмасовните работнички протести на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) за работничките плати кој се одржа на 28-ми Јануари (среда) под мотото: “28-ми Јануари е денот кога работниците зборуваат!” и на кој се одзваа и присуствуваа илјадници работници и граѓани, кои излегоа на улица заедно со ССМ да зборуваат и гласно, без страв да побараат итно зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари, се обрати Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов кој најпрво испрати порака до сите учесници на протестот:

-“Почитувани работници дозволете ми на почетокот на оваа прес-конференција да им честитам на храброста на оние илјадници работници кои пред два дена излегоа на улица да кажат дека не се живее веќе со мизерните плати, дека минималната плата мора да се зголеми на најмалку 600 евра и дека останатите плати мора да го следат ваквиот раст и да се зголемат за најмалку 6,000 денари, онака како што бара Сојузот на Синдикатите на Македонија”.

Во продолжение, како што беше најавено уште пред одржување на големиот Работнички Протест на ССМ, Претседателот Трендафилов ги сподели со јавноста сите информации поврзани со постоечките закани, уцени, забрани и попречувања на работниците да излезат и да присуствуваат на протестот, па така во продолжение тој кажа:

-“Како што најавивме на денот на одржувањето на протестот, сега ќе бидат споделени сите информации за постоечките притисоци, закани и уцени кон луѓето, кон работниците само за да бидат спречени да излезат на улица. Иако мораме да нагласиме дека и покрај тие закани и уцени огромен број од нив се охрабрија и излегоа, па оттука најпрво ќе дозволите на почетокот да ги споменам оние кои досега не спомнаа со име, но и оние кое се директни вршители на веќе споменатите закани и уцени кон работниците. Имено, по завршувањето на протестот во Македонска пошта каде што огромен број на работници излегоа да протестираат за нивната плата, затоа што истата не беше исплатена до 15-ти во месецот и затоа што беа оставени да преживуваат во месецот во кој се најголемите празници се појави на телевизија некој заменик-генерален директор Николчо Угринов кој се закануваше лично кон мене дека ќе ми поднесувал тужби и пријави, само затоа што сум застанал со работниците и затоа што тој беше принуден дента кога го одржавме протестот да им ја исплати платата. Сакам да порачам дека... Кога поставувате политички полтрони на вакви важни позиции само за да земаат плата од данокот кој го плаќаме ние работниците, а потоа истите тие да им се закануваат на работниците мислам дека треба веднаш да ги разрешите. Дополнително, во Македонска Пошта според моите информации од колегите, се случува терор и притисок врз вработените само заради тоа што се охрабрија и излегоа на улица, само заради тоа што прво излегоа на протестот пред Македонска Пошта и потоа излегоа и на улица во поддршка на протестот на ССМ за зголемување на нивните плати, затоа што 70% од нив не примаат плата повисока од минималната плата, сите тие работници работат за минималец. За волја на вистината во текот на денот на Протестот се појавил и некој втор извршен директор во Тутунски Комбинат Прилеп кој одел по луѓето, ги повикувал, им забранувал да одат на протестот во Скопје и им се заканувал дека доколку не потпишат пристапници во партискиот синдикат КСС и не излезат од Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) дека ќе се соочат со репресии, со откази од работа, со намалување на платата, со разместување на работните места и слично, а според информациите кои стигнаа до ССМ и како што споменав на денот на протестот, овој втор извршен директор на Тутунски Комбинат Прилеп порано бил во СДСМ, а денеска е во ВМРО-ДПМНЕ за што сакам јавно да поставам прашање дали е така. До нас дојдоа информации и за други раководства на јавни институции кои се обидоа да го минираат работничкиот протест, но истите не не спомнаа со име, меѓутоа ние нив ќе ги споменеме во текот на наредниот период, затоа што чекаме официјални потврди за податоците за истите од нашите синдикални организации”.

Претседателот на ССМ Трендафилов се осврна и на дејствувањето и активностите на КСС кои очигледно како синдикат се борат за функционерите, наместо за работниците. Па така тој кажа:

“Жалосно е што Конфедерацијата на слободни синдикати КСС преку медиумите на неколку дена пред одржувањето на големиот работнички протест за зголемување на платите на сите работници, па и на нивните членови излезе со став дека немало потреба од вакви радикални чекори бидејќи платите на вработените се зголемиле за 20%. Ако на еден работник - член во Конфедерацијата на слободни синдикати му е зголемена платата за 20% во ред, а доколку не, веднаш да излегуваат од таа конфедерација, затоа што терминот слободни очигледно треба да се замени со заробени. Сосема очигледно е дека истите повеќе звучат како Конфедрација на заробени синдикати отколку на слободни, затоа што претседателот на истата конфедерација за време на дебатна емисија на телевизија 24 истакна дека платите на функционерите се ниски и дека тие плати треба дополнително да се зголемат и дека функционерите не можат да имаат плата од 1000 евра. Тој претседател не кажа дека ќе се бори, веројатно ќе се моли, веројатно е уценет за што најголемиот дел од јавноста и знае, но нема да им дозволиме на синдикалци да работат против синдикатите и против работниците. На поддршката од СОНК од Делчево и колегите кои сакаат да се приклучат на протестите и се приклучија во огромен број, тамошниот регионален претставник на СОНК излезе со демант дека немало потреба од излегување на улица и дека е добро во образованието и тоа на самиот ден на протестот, само за да одвратат луѓе да учествуваат на истиот и само за да одвратат луѓе од нивната намера да се борат за повисоки плата, затоа што очигледно овие таканаречени синдикалци сакаат луѓето да се молат. Дополнително, добивме информации и за некоја претседателка на некаков синдикат и тоа партиски во Македонска Пошта, кој сега е формиран и за кој барам Државниот Инспекторат за Труд да направи надзор како наеднаш успеаа да соберат огромен број на пристапници, како одеа по работниците, како со закани ги исчленуваа од синдикатот кој веќе беше во Македонска Пошта - Соња Дојчиновска, која исто така не спомена со име на еден ден пред протестот и која направи се за да ги спречи колегите од Пошта да се приклучат на истиот, а тамошните раководства оставија 1700 семејства во месец јануари без плата во законскиот период.”

-“Сакам јасно да нагласам дека Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) нема да му потклекне на никој, а работниците пред еден ден покажаа дека и тие не му се плашат на никој. Сакам да им кажам дека ова е само почеток. Можат да ни прават притисоци, можат да се обидуваат да се закануваат, но ние илјадници од нас кои заедно излеговме на улица и протестиравме рамо до рамо им покажавме дека не им се плашиме. За волја на вистината и Претседателот на Владата во интервју еден ден пред работничкиот протест укажа дека ова не бил протест за зголемување на платите, туку дека е протест со единствена цел да и се наштети на Владата. На истата Влада која ја води тој, Влада која води најсиромашен народ во Европа и Влада која води најсиромашна држава во Европа. Дали тие сметаат дека ако работниците се сиромашни, тоа и штети на угледот на Владата, па ги игнорираат нивните барања и се срамат од нив”.

-“Сакам да продолжам и со една многу важна тема која вчера беше изнесена и од собраниската говорница од претставник на Владата и по телевизиите и од партиските соопштенија… сакам да им кажам на работниците, а сакам да им порачам и на луѓето во Владата дека графитот што е напишан на Министерството за култура најдобро ја отсликува моменталната состојба во државата, а на него пишува “Оваа Влада блада”. Како тоа оваа Влада и претставникот на Владата сакале и сакаат да им дадат на работниците 40% зголемување на платите, ама синдикатот односно ние не сме сакале, па оние затоа и не ги зголемиле платите, па оттука работниците затоа не го добиле толку потребно и посакувано зголемување… Па, сега ли им текна на ова, после една година, и тоа во моментот кога им протестираме. Им текна еден ден после големиот протест кој ги исплаши, да лицитираат со зголемување на платите на работниците, да кажуваат суми, но ќе ми дозволите да дополнам и уште нешто... Веројатно на часовникот времето им е многу напред, Македонија денеска е во 2026 година, онаму каде што е целиот свет, но тие живеат во 2028 година кога според кажувањата на оној со батериите, Сојузот на Синдикатите на Македонија бил виновен затоа што работниците замислете во 2028 година немало да добијат 600 евра минимална плата. На овие кажувања само ќе им порачам... Вратете се другари од иднината и дојдете во реалноста, протестираме за 600 евра минимална плата денес, не за 2028 година. Дополнително го повикувам претставникот на Владата, а истото го кажав и во емисија пред два дена, во понеделник во девет часот да дојде во ССМ да се потпише колективниот договор со кој ги зголемува платите на сите вработени за 40% како што пишува во нивните партиски соопштенија и исто така наместо во 2028 година, да ја зголемиме минималната плата почнувајќи од февруари месец 2026та година. Го чекаме, но доколку не дојде… што ќе прават тогаш? Го покануваме преку вас медиумите да дојде и да ја зголеми платата, која според манипулациите кои ги искажуваат ССМ одбил да ја зголеми, а патем протестираме и од улици им кажуваме дека не ги зголемуваат платите и дека мора веднаш да го сторат тоа. Не сакаме после да речат дека има некакви политички намери во нашето дејствување, но она што е јасно е дека работниците се обединија околу сиромаштијата, околу мизерните плати и околу борбата за достоинствен живот и сакам да му честитам на оние кои работат во делот – односи со јавноста на Владата, кои им ги смислуваат овие глупости и кои предизвикаа претставникот на Владата, еден пратеник и еден портпарол една година да служат на потсмев на најголемиот дел на граѓани во Македонија, затоа што кога ќе излезат на телевизијата и кога ги зборуваат овие небулози сите им се смеат, но не е веќе смешно. Работниците ви бараат за леб, а вие јадете колачи, манго, папаја, бејби биф, морски плодови и што уште не. Затоа наредната недела да се подготват за блокадите кои ги подготвуваме, а ја бараме поддршката од сите работници. Ќе прашате зошто наредната недела… затоа што имаат време да се соберат онака сложно како што сложно сега молчат за нивните плати кои ќе се зголемат… еве Гувернерот на Народна Банка кажа за 9, 2%, затоа што порастот на просечната плата е 9, 2 % па ја користам оваа прилика да го поздравам и него затоа што неговата плата ќе се зголеми за повеќе од 300 евра. Исто така сакам да порачам дека кога коментирате за работниците и за тоа како не треба да им се зголемат работничките плати прво излезете на улица и погледнете ги во очи, ако не можете тоа да го направите, искористете ги медиумите од прилозите кои ги прават затоа што луѓето таму ви кажуваат дека тешко се живее… Срам да им е!”

На новинарско прашањето за тоа кои се наредните чекори кои ССМ ќе ги превземе, Претседателот на ССМ Трендафилов изјави дека:

-“Наредната недела како што најавивме за време на големиот протест ќе ја започнеме со блокади. Пратениците во Собранието веројатно ќе бидат првите кои ќе ги блокирамем затоа што тие не блокираат цела година. Го чуваат Законот во фиока и не сакаат да ги зголемат платите на работниците. Огромна е веројатноста наредната недела да дојдат на работа со автобус и пешки, онака како што доаѓаат најголем дел од работниците, како што доаѓаат работниците без право на патни трошоци како пратениците. Ќе ги чекаме да ги поздравиме за да им кажеме дека треба да гласаат и за да ги потсетиме дека таму се заради нас и дека ние сме ги бирале. Тоа ќе биде следниот чекор кој Сојузот на Синдикатите на Македонија ќе го направи, а за информациите ќе објавиме во Понеделник веднаш по потпишувањето на колективниот договор со кој Претставникот на Владата ќе им ги зголеми платите на сите вработени за 40% и ќе ја зголеми минималната плата на 600 евра и ќе ги зголеми платите на останатите вработени за 6.000 денари. На заедничка прес конференција ќе го објавиме тоа, затоа што Владата ќе го направи таквиот чекор и ќе подаде рака на работниците а пратениците не, и затоа ќе ги блокираме прво пратениците. Па така, ќе мораат да одат пешки за почеток, како што одат работниците пешки на работа или ќе треба да дојдат со јавниот градски превоз, како што одат работниците на работа и сето тоа како што кажав само за почеток. Бидејќи ќе бидат приморани да одат пешки или со јавниот градски превоз, истите дента не ќе можат да наплатат патни трошоци, а ќе побарам од Претседателот на Собранието да ни информира кој пратеник за тој ден побарал патни трошоци. Едноставно ќе ги удриме по џебот, онаму каде што не удираат нас работниците цела година, пред да им ја намалиме платата”.

На новинарско прашањето за најавениот генерален штрајк во јавниот сектор и приватниот сектор кој како можен иден чекор ССМ го најави за време на протестот, Претседателот на ССМ изјави дека:

-“Согласно Законот, репрезентативен синдикат на ниво на територија во јавен сектор и во приватен сектор како што е Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) носи одлука за организирање на штрајк, поведување и повикување на штрајк за заштита на економските и социјалните интереси на работниците, а најголемиот економски интерес на работниците е платата. Oдлуката за поведување и започнување на генерален штрајк кој работниците бараат од нас да биде во времетрање од 24 часа ќе ги заштити сите работници кои тој ден нема да ги извршуваат своите работни обврски, кои нема да ја извршуваат својата работа, кои тој ден ќе одлучат да излезат на улица како што излегуваат нивните колешки и колеги во Франција, во Грција, во Белгија за да покажат на секој еден газда дека веќе не се плашат и дека нема да му молчат. Во ваква ситуација, синдикатите и Законот ги штитат работниците. Ќе бидат определени само нужни работи кои треба да се извршуваат, имаме искуство од 2022-та година кога на претходната Влада и направивме генерален штрајк во јавниот сектор. Здравствените услуги, безбедноста ќе бидат наведени како дејности кои согласно Закон имаат должност и обврска да извршуваат дел од нивните работни задачи за да не се доведеме во некоја непријатна ситуација. Но, сите останати ќе имаат полно право да застанат позади одлуката за генерален штрајк, ќе имаат полно право да дојдат на улица, да не ги извршуваат своите работни задачи на нивните работни места и на таков начин да им покажат на работодавачите, на газдите, на функционерите какво мислење има работникот за нив, затоа што мислењето на тие кон работниците го трпиме секој ден.”

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.