Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПОТПИШАНА ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ПАРТНЕРСТВО И АКЦИЈА:ЗАЕДНИЧКА ПОСВЕТЕНОСТ ЗА ФОРМАЛИЗАЦИЈА НА НЕФОРМАЛНАТА ЕКОНОМИЈА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

На  18.02.2026г. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов учествуваше на Конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“ во организација на Владата на Република Северна Македонија / Министерството за финансии, Организацијата за развој на Обединетите нации УНДП, Меѓународната организација на трудот (МОТ) и Економскиот факултет – Скопје, УКИМ и заедно со претставниците на државните институциите, претставниците на стопанските комори, претставниците на организациите на работодавачите и претставниците на академската заедница ја потпиша ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ПАРТНЕРСТВО И АКЦИЈА:ЗАЕДНИЧКА ПОСВЕТЕНОСТ ЗА ФОРМАЛИЗАЦИЈА НА НЕФОРМАЛНАТА ЕКОНОМИЈА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА која се изготви и потпиша имајќи ја во предвид Препораката бр. 204 на Меѓународната организација на трудот за преминот од неформална кон формална економија (2015). Потписниците на Декларацијата и учесниците на Конференцијата свесни за негативните последици на неформалната економија врз економскиот развој, социјалната правда и финансиската стабилност разговараа за креирање на системски мерки и заеднички политики за намалување на сивата економија и за јакнење на формалниот сектор и се обврзаа да преземат заеднички активности и успешно спроведување на политиките целосно посветени на од една страна формализација на неформалниот сектор, а од друга страна на јакнење на веќе постоечкиот формален сектор.

Претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) согласно Агендата на Конференцијата зема учество и како панелист и заедно со претставниците на организациите на работодавачи разговараше за тоа како да ги поттикнеме граѓаните, работниците и бизнисите да функционираат во формалниот сектор и во своето обраќање истакна дека Владата и социјалните партнери во државата треба да се свесни дека неформалната економија не смее да се третира како привремена активност која ќе престане и самата ќе се канализира, туку напротив како и насекаде во светот неформалната економија е во пораст и е потребна заедничка активност на сите социјални партнери во државата за да ја формализираме неформалната економија и со тоа да се избориме со сите негативни последици кои ни ги носи неформалниот сектор и потпишувањето на оваа Декларација мора да биде само почеток на превземање на конретни чекори, мерки, активности и политики како би станало реалност сето она што е напишано на хартија и на тој начин и преку формализација да конечно постигнеме економски развој во државата, постоење на социјална правда и секако финансиска стабилност за сите граѓани и работници која е и наша заложба како најголем и најброен синдикат во државата.

Анализите на ССМ говорат дека работниците во неформалната економија не ги остваруваат  работнички права согласно Закон, заработуваат помалку од оние во формалниот сектор, имаат нестабилен приход и немаат пристап до задолжителните социјални фондови, а токму заштитата и обезбедувањето на работничките права е причината поради која и претставниците на работниците односно ние синдикатите мора да се вклучиме во севкупните активности на Владата и на социјалните партнери и да настојуваме да ги намалиме и елиминираме сите причини кои ја предизвикуваат неформалната економија.

 Сојузот на Синдикатите на Македонија во својата работна програма вклучува и ангажмани во насока на унапредување на социјалниот дијалог во сите области на општественото живеење со кои ќе обезбедиме:

- Учество на социјалните партнери во креирање на политиките и стратегиите на пазарот на труд; Унапредување и имплементирање на законската регулатива со која се забранува и спречува вршењето на нерегистрирана дејност која е стимул за развој на сивата и неформална економија; Заедничка активност на социјалните партнери која ќе влијае на подобрување на економскиот развој, намалувањето на сивата економија и намалување на корупцијата како и развој на дигитализацијата на сите сфери на општеството; Подобрување на законската регулатива која ќе овозможат поголема мотивираност на работниците, но и на работодавачите за формализирање на трудовите односи, односно за унапредување на формалната економија и засновање на работен однос согласно закон со сите права и обврски од работен однос; Зголемување на свеста кај работниците и граѓаните за сите негативности кои ги носи неформалната сива економија и особено зголемување на свеста дека пријавениот труд и пријавената работа значат и обезбедување на работничките права согласно законите и меѓународните конвенции, обезбедуваат функционирање на здравствените, пензиските и други фондови во државата, односно значат целосна социјална сигурност на работниците и нивните семејства и обезбедуваат функционирање на даночен систем со кои се обезбедуваат општествените потреби и активности на државата; Континуирано градење на капацитетите на сите учесници во општеството, државните органи, социјалните партнери и граѓанскиот сектор преку обуки и едукација за добрите практики во светот на планот на формализацијата на претпријатијата и трансформирањето на неформалниот во формален економски сектор.

Сојузот на Синидкатите на Македонија во рамките на своето дејствување несомнено се залага за задолжителноста на договорите за вработување и задолжително пријавување на вработените во социјалните фондови, како и за конечно креирање на законско решение и уредување кое ќе ги следи сите нови трендови во рамките на пазарот на трудот, а кое ќе се однесува на пробната работа, волонтирањето, практиканството, работењето од дома, положбата и правата на куќните помошнички, сезонските работници.

Но, најмногу од се и видно од активностите на Сојузот на Синдикатите на Македонија кои со засилено темпо се одвиваат пред очите на јавноста се залагаме за повисока минимална плата и пораст на сите останати плати во државата со што ќе се обезбеди егзистенцијална сигурност на работниците, граѓаните и нивните семејства. Само со зголемување на платите ќе ја намалиме привлечноста на неформалната економија и ќе ги одвратиме работниците од нивното учество на тој сив неформален пазар на труд. Несомнено е дека она што најмногу ги интересира работниците е како да обезбедат егзистенција за себе и за своите семејства, па токму поради тоа кога формалната екомонија нема да може да го обезбеди ова за нив тие бараат решение и  прибежиште во неформалната економија. Токму поради тоа сите треба да се залагаме за креирање на политики кои ќе ја намалат сиромаштијата во нашата држава, кои ќе го намалат неконтролираното зголемување на цените и кои ќе овозможат закрепнување на работниците и постепено пронаоѓање на социјалната сигурност која сите ние толку ја посакуваме. Не смееме да заборавиме дека сиромаштијата и ниските плати се тие кои го отвараат патот на илјадници работници кон сивата економија, а ние како активни чинители во општеството имаме обврска да ги одвратиме од тој пат преку заедничко дејствување со што ќе им покажеме на работниците дека навистина не само синдикатите, туку и државата и бизнисите конечно ќе покажат дека се грижат за своите работници.

Ќе им покажеме на работниците дека државата и бизнисите не се грижат само за сопственото богатење преку водење политики на нерационално трошење на државните пари и зголемување на својот сопствен капитал, туку се грижат и за своите работниците кои со својата пот им ги креираат бизнисот и капиталот на работодавачите и го полнат буџетот на државата. Ние сме тие кои треба преку успешни политики да го направиме неформалниот пазар на труд непривлечен и не смееме да заборавиме дека ниту една држава не може да се гради со богати функционери и бизнисмени, а сиромашни работници. Токму таа нееднаквост не чини пораст на неформалната економија и затоа како дел од сите политики на дејствување најпрво мораме да ги зголемиме платите на работниците во нашата држава и така да ја започнеме борбата против сивата економија.

 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.