Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПОТПИШАН НОВ ОПШТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА ЈАВЕН СЕКТОР

ПОТПИШАН НОВ ОПШТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА ЈАВЕН СЕКТОР

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов и Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска по 15 години, организиран генерален штрајк во јавниот сектор, протести и по водење на тешки преговори, по пат на социјален дијалог, официјално го потпишаа новиот Општ колективен договор за јавен сектор.

На потпишувањето, Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, истакна дека денес завршува еден процес кој трае три години, за жал трае 15 години односно тогаш беше потпишан последниот Општ колективен договор за вработените во јавниот сектор.

„По повеќе од петнаесет години потпишуваме нов Општ колективен договор. Денеска исправаме огромна неправда. Тоа што можам да го кажам во името на ССМ, потпишувањето на овој Општ колективен договор за јавниот сектор значи дека вработените со платата од септември добиваат дополнително зголемување од 10 проценти што беше наша главна заложба како претставници на работниците за што добивме овластувања и одобрувања. Платите кои се зголемија од јануари до септември се зголемуваат дополнително. Исправаме непрвада во делот на исплата на регрес за годишен одмор“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

„Исправаме и една друга огромна неправда спрема вработените во јавниот сектор, да бидат без Општ колективен договор во јавниот сектор во кој се уредуваат правата од работен однос како основни а потоа со гранските колективни договори на ниво на работодавачи дополнително се унапредуваат и зајакнуваат. Исправаме огромна неправда во делот на исплатата на регресот за годишен одмор. Денес сите вработени во јавниот сектор имаат право на регрес за годишен одмор кој ќе биде 10.000 денари заклучно со декември оваа година. Идната година со порастот на просечната плата ќе изнесува најмалку 30% регрес за годишен одмор кој вработените ќе го добиваат еднаш годишно“, истакна Трендафилов.

Тој посочи дека, вработените во здравство, образование, полиција, армија, за прв пат добиваат регрес за годишен одмор. Како и дека овој договор утврдува низа поволности кои вработените ќе ги уживаат. Една од тоа е елиминирањето на политичката волја за зголемувањето на нивните плати, односно сите вработени ќе знаат начин на кој ќе им се усогласуваат и зголемуваат платите во наредниот период.

Работниците во јавниот сектор ќе кажат малку е, ние синдикатите ќе кажеме малку е, охрабрува тоа што и претставниците на владата кажуваат малку е, но денеска имаме една основа под која не може, која дополнително зголемува плати, овозможува К-15 за сите работници, јубилејни награди, зголемени додатоци на плата, и која дава можност со гранските и колективните договори на ниво на работодавач да се утврдат поповолни права

Со новиот Општ колективен договор за јавен сектор утврдено е дека:

• Од месец март 2025 година, Основната бруто плата ќе биде составен од просечна плата и коефициент на сложеност на работно место. Основната бруто плата се пресметува на начин што просечната бруто плата за претходната година се множи со коефициентот на сложеност на работно место;

• Зголемување на основната бруто плата во износ од 10%, започнувајќи од месец септември 2023 година;

• Доколку индексот на трошоците на живот во првите шест месеци во 2024 година, споредено со индексот на трошоците на живот за првите шест месеци во 2023 година надминува 3%, основната бруто плата на вработените во јавниот сектор се зголемува во процентуален износ за разликата до 3%.

• Исплата на јубилејни награди за непрекината работа кај ист работодавач од 2024 година за голем дел од работниците во јавниот сектор кои до сега не го уживаа ова право и истите ќе се исплаќаат на следнит начин:

• За 10 години – 50% од просечната нето плата во Републиката исплатена за претходната година;

• За 20 години – 100 % од просечната нето плата во Републиката исплатена за претходната година;

• За 30 години – 150 % од просечната нето плата во Републиката исплатена за претходната година и

• За 40 години – 200% од просечната нето плата во Републиката исплатена за претходната година.

• Регрес за годишен одмор во износ од 30 % од просечната нето плата исплатена за претходната година од 2024 година, а регресот за годишен одмор за 2023 година изнесува 10.000,00 денари нето износ и ќе се исплати најдоцна до декември оваа година;

• Најдоцна до декември 2024 година, ССМ и Владата да склучат спогодба со која ќе се утврдат коефициентите на сложеност на работно место (на две децимали) за сите работни позиции, а доколку во утврдениот период не се склучи спогодба и не се утврдат коефициентите, коефициентот на сложеност на работното место се пресметува на начин што основната бруто плата плата на вработениот исплатена за месец септември 2023 се става во однос со просечно исплатената бруто плата по вработен за 2023 година, согласно објавените податоци на Државниот завод за статистика, зголемен за 5%.

Работодавачи во смисла на овој колективен договор се: органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно Уставот на Република Северна Македонија и закон, како и институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.

Овој колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и работниците во јавниот сектор.

Со колективен договор на ниво на сектор, оддел или група, односно на ниво на работодавач и со договор за вработување или решение можат да се утврдат поповолни права од правата утврдени со закон и колективен договор, ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор, а доколку со колективен договор на ниво на сектор, оддел или група, односно на ниво на работодавач и со договор за вработување или решение, не може да се определат понеповолни права од правата утврдени со овој колективен договор или закон, а ако се определени, тие одредби се сметаат за ништовни и се применуваат одредбите од овој колективен договор и закон.

Со потпишувањето на Општиот колективен договор за јавен сектор, синдикатите добиваат зајакната преговарачка позиција во преговорите кои ќе ги водат со работодавачите и добиваат стабилна основа за регулирање на поповолни права за работниците.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.