Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу ССМ и ДИТ – пријавување прекршени работнички права преку новата мобилна апликација: ССМ - мои работнички права

,,Новото нормално“, предизвикано од здравствената криза од Ковид-19, наметна насекаде во светот, вклучително и во нашата држава, потреба од брзо, ефикасно и стручно делување на сите субјекти, со цел да се обезбеди функционирање и развој на економските и општествените односи.

Во овие услови се покажа дека социјалното партнерство е единствено можно решение за креирање политики и стратегии и дека сите социјални партнери треба и мора да делуваат здружени со иста цел - национален опстанок и развој.

По повод потпишувањето на Меморандумот за соработка, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Државниот инспекторат за труд (ДИТ) истакнаа дека навремената реакција по пријавите од работниците дава позитивни резултати. Меморандумот за соработка има за цел унапредување на заедничките заложби, во насока на зголемување на ефикасноста и соработката во остварувањето, заштитата и унапредувањето на работничките права, а особено за обезбедување директна правна заштита при пријавување прекршени работнички права, преку користење на новата мобилна апликација на ССМ– “Мои работнички права“.

„Со својата посветеност и стручен ангажман насочен кон намалување на последиците од здравствената криза врз животот и здравјето на работниците и граѓаните, ССМ докажа дека е важен дел од социјалното партнерство. Нашето стручно, модерно и брзо делување и обезбедување на ефикасна онлајн достапност за потребите на членството и во услови на Ковид криза, обезбеди сигурен пристап до трудовите и егзистенцијалните права на сите работници и граѓани, без исклучок и дискриминација“, нагласи претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

„Во време на глобална криза, која не го одминува и нашето општество, уште повеќе сме посветени  да ја исполниме основната дејност и обврска за која постоиме, заштита на работничките права. Свесни сме дека во услови на пандемијата предизвикана од Ковид-19, дел од работодавачите и работниците се најдоа во тешка ситуација, за што  од особено значење е преку отворената соработката и поддршката со социјалните партнери да им помогнеме да се надминат ваквите состојби, согласно нашите надлежности.

За таа цел, Државниот инспекторат за труд и Сојузот на синдикатите на Македонија, подржани од страна на Меѓународната организација за труд и Европската Унија, во изминатиот период  работеа на креирање на апликација преку која граѓаните на брз и едноставен начин, преку своите мобилни телефони ќе добијат директна информација за своите права, и можност за пријавување случаи кога се прекршуваат законите. Мобилната апликација која денес се промовира ќе биде дополнителна помошна алатка на граѓаните да пријавуваат повреда на некое нивно право од работен однос или здравје и безбедност при работа​“, изјави директорката на ДИТ, Јована Тренчевска.

„Меѓународната организација на трудот ги поддржува активностите во насока на целосно почитување на работничките права и доследна примена на меѓународните стандарди на трудот. Заложбите на МОТ се иднина во која ќе постои универзална гаранција за трудот, односно работни места на кои  се почитуваат на фундаменталните права при работа, безбедноста и здравјето при работа,  се добива плата од која може пристојно да се живее и е ограничен максималниот број на работни часови. Се надевам дека оваа соработка помеѓу ДИТ и ССМ  и користењето на новиот канал за пријавување на кршењето на работничките права  ќе придонесат за зголемена доверба на работниците и почитување на нивните права“, истакна националниот координатор на МОТ во земјава, Емил Крстановски.

Новата мобилна апликација: ССМ – Мои работнички права, ќе им овозможи на граѓаните преку својот мобилен телефон да пријават до ССМ прекршување на работничките права, за себе, за друг и анонимно. Мобилната апликација е достапна за Android и iOS и може да се преземе на следните линкови Google Play Store и App Store. Повеќе информации на видеото ССМ - Мои работнички права.

Апликацијата и промотивните активности на ССМ се поддржани преку проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија.

 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.