Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПОДДРШКА ЗА ШТРАЈКОТ ВО ДИЦ, НЕ СМЕЕ ПЛАТИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ ДА СЕ ПОВАЖНИ ОД ПЛАТИТЕ НА РАБОТНИЦИТЕ

Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за финансиски дејности на Република Македонија (СФДМ) даваат поддршка на работниците во Државниот испитен центар (ДИЦ) кои неколку недели штрајкуваат за покачување на нивните плати.

За ССМ неразбирливо е како за платите на функционерите кои се зголемија за 78%, пари се обезбедуваат од сметките на институциите за исплата на плати на работниците и загрижува фактот што според Синдикалната организација, средства предвидени за плати во ДИЦ се блокирани за да се исплатат плати на фукционерите што е преседан и скандал кој го прави Министерството за финансии и Владата.

Од Синдикалната организација при ДИЦ укажуваат дека неуспешни се преговорите за покачување на платите на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ), а штрајкот продолжува.

Вработените посочуваат дека веќе е неизводливо да се реализираат државните матури согласно датумите, а тоа ќе значи пролонгирање и на времето во кое ќе се објават и резултатите.

Емилија Бошковска, претседател на Синдикалната организација при ДИЦ посочува дека пролонгирањето нема да биде подолго.

„Имавме два неуспешни состаноци. Последниот беше со министерот за образование, во присуство на лице од Министерството за финансии. На тој состанок не добивме ништо ново. Предлогот на Министерството за финансии е покачување од околу 1000 денари и дека тоа се нивните црвени линии. Некои 300.000 денари од нашиот буџет се резервирани за платите на функционерите. Од таа причина, бидејќи истекоа роковите, пресметките се дека веќе е невозможно да се постигнат датумите од календарот за државна матура. 27 мај е воопшто неизводлив. Бараме промена на датумите за државна матура. Тоа значи и пролонгирање на резултатите. Бараме министерот да види кои се опции за државна матура“, вели Бошковска.

Таа посочува дека има вработени кои продолжиле со извршување со своите задачи наместо да штрајкуваат, но поголемиот дел, и натаму не работат се до покачување на нивните плати.

„Се надевам дека нема ова пролонгирање да биде подолго. Има несогласувања, но се уште сме здружени. Поголем дел од вработените се се уште во штрајк. Спремни сме да работиме деноноќно, за да ги реализираме активностите за државна матура, но во прашање се веќе минути, а не денови. До петокот, ако прекинеше штрајкот, беше возможно да се реализира. Ако државата смета дека не сме важни, зошто ние да се жртвуваме и да работиме по 20 часа“, додава таа.

Штрајкот на Државниот испитен центар влегува во трета недела. Тие на 24 април известија дека почнуваат штрајк оти 11 од вкупно 29 вработени кои се на различни позиции се изедначени и земат минимална плата од 20.000 денари. Синдикалната организација на Државниот испитен центар најави дека ќе штрајкуваат се додека не добијат согласност од Министерството за финансии за покачување на платите.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.