- Македонски
- English
Во Работничкиот дом, во ССМ беше одржана средба на Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов со Антон Лепик Извршен секретар на ITUC - PERK, Eниса Салимовиќ од ITUC - PERK од канцеларија за Југоисточна Европа и Магнус Берге Специјалист за работнички активности од Меѓународната организација на трудот (ILO)
Високите претставници на Meѓународната конфедерација на синдикатите (ITUC), Паневропскиот регионален комитет (PERK) и Меѓународната организација на трудот (ILO) побараа да бидат поконкретно запознаени со постапката за незаконитото одземање односно конфискацијата на зградата – Работнички дом сопственост на ССМ, како и за актуелните случувања поврзани со синдикалната борба за раст на платите како и за активностите на ССМ.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов ги запозна присутните со сите активности на ССМ преземени пред судовите и другите институции во државата, како и постапката покрената пред судот во Стразбург за заштита на синдикалниот имот, како и се заблагодари на соработката, поддршката и стручната помош која во целиот период беше несебично обезбедена од претставниците на ETUC, ITUC и МОТ во врска со ова сериозно кршење на правата на ССМ.
Воедно Претседателот Трендафилов ги запозна присутните со нашите активности и барања за повисока минимална плата, зголемување на сите плати во државата, имплементација на Општиот колективен договор за јавен сектор, потпишување на Општиот колективен договор за приватен сектор и унапредување на социјалниот дијалог во државата кој во последниот период е во застој.
Високите претставници на Meѓународната конфедерација на синдикатите (ITUC), Паневропскиот регионален комитет (PERK) и Меѓународната организација на трудот (ILO) на состанокот уште еднаш ја изразија својата поддршка на ССМ и понудија секаков вид на стручна помош за заштита на синдикалниот имот зградата на ССМ – Работнички дом, пред меѓународните институции. Воедно истакнаа дека се во тек со нашите активности на планот на остварување и заштита на работничките права, посебно акцентирајќи ја потребата од воспоставување на отворен и сериозен социјален дијалог на владата, синдикатите и претставниците на работодавачите како алатка за демократски напредок на државата.