Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПЛАТА НЕМА, ПОШТАРИ НЕМА, АМА НА СЕКОЈ РАБОТНИК ИМА ПО ЕДЕН ШЕФ

ПЛАТА НЕМА, ПОШТАРИ НЕМА, АМА НА СЕКОЈ РАБОТНИК ИМА ПО ЕДЕН ШЕФ

Финансиската криза, за која вели дека постои во Македонска пошта, според претседателот на Синдикатот, е резултат на долгогодишната лоша кадровска политика и менаџирање со Поштата. Од синдикалните организации на Македонска пошта велат дека со години алармираат за овие проблеми до Владата и до раководството на компанијата, со барања за итно реформирање и реорганизирање на акционерското друштво

Вработените во „Пошта на Северна Македонија“ денеска преку двочасовен протест го изразија револтот поради доцнењето на февруарската плата и изразија загриженост поради, како што велат, лошата финансиска ситуација во државната компанија. Се пожалија и на лошата кадровска политика која, според нив, со години се води во компанијата поради која најголем дел од вработените добиваат минимална плата, а има недостиг од кадар на најпотребните работни места.

Денешниот протест, како што што изјави на прес-конференција претседателот на Синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигденов, е израз на нивниот револт и огромна загриженост за опстојувањето и иднината на компанијата, како и за зачувување на нивните работни места и обезбедување на егзистенција за нивните семејства.

„Имајќи предвид дека 80 проценти од вработените во Македонска пошта се со просек на минимална плата, работодавачот, и покрај тоа што има обврска да исплати плата во законски предвидениот рок, тоа до денес не се реализира. Со тоа раководството го прекрши елементарното работничко право за исплата на плата. Но, не е само тоа. Имајќи ја предвид лошата финансиска состојба на друштвото, револтот кај вработените е дотолку поголем од стравувањето дека во нареден период ќе има редовна исплата на плата“,рече Велигденов.

„Со непродуктивно прераспоредување и вработувања се доведовме во состојба на недостаток на работници во технолошкиот процес, онаму каде што најмногу се потребни работници, а тоа се резресувачи на пошта, шалтерски и други работници“, додаде Велигденов.

Од друга, додаде тој, поради ваквите политики компанијата се сочува со превработеност во административниот сектор.

Ваквата состојба, како што вели влијае, крајно демотивирачки кај вработените од кои голем дел на сопствена иницијатива си заминале од Македонска пошта, особено работници од технолошкиот процес.

Од синдикалните организации на Македонска пошта велат дека со години алармираат за овие проблеми до Владата и до раководството на компанијата, со барања за итно реформирање и реорганизирање на акционерското друштво.

За жал, вели Велигденов, досега не наишле на слух и разбирање кај централната власт и раководството на државната компанија за нивните барања за, како што велат, стабилизација и позиционирање на Македонска пошта на поштенскиот пазар како главен сервис на сите граѓани и институции во земјава.

Овие барања тие ги повторија и денеска, со очекување да стави крај на, како што велат, хаосот во состојбите во кои е доведена фирмата.

„Долгогодишните барања на вработените и синдикатите за реформирање и опстојување на Македонска пошта се: изготвување нова систематизација, нов колективен договор, реонизација на поштенските реони, технолошка модернизација, како и измени во Законот за поштенски услуги. Затоа со овој протест и оваа прес-конференција ја повикуваме Владата која е основач и сопственик на Македонска пошта заедно со раководството веднаш и без одлагање да се заложат за обезбедување на финансиски средства за редовна исплата на плата, како и преземање на итни мерки за реформирање и реорганизирање на работењето на Македонска пошта што би довело до стабилизација и опстојување на компанијата“, рече Боро Велигденов.

Доколку повиканите не ги исполнат наведените барања, претседателот на Синдикатот на Македонски пошти најави продолжување на протестите и отпочнување на постапка за организација на штрајк, во насока на заштита на нивните работнички права.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека досега повеќе пати разговарале со новиот генерален директор на компанијата (Идри Истрефи н.з.), но конкретен одговор кога ќе им биде исплатена февруарската плата, според Велигденов, не добиле. Им било кажано само дека ќе се обезбедат средства за плата.

„Но, сведоци сме дека до ден денеска нема исплатено плата на работниците иако законскиот рок е до 15 во месецот“.

„Исто така, покрај комплетно реформирање, бараме и да се реши статусот на договорните поштари кои со години работи без здравствено осигурување и за минимална плата“, „Се доведовме до ситуација да имаме еден шеф на еден работник. Да не споменувам дека се соочуваме со крајно лоши услови за работа кои се супстандардни и немање доволно средства за работа. Доволен е да кажеме фактот дека после 15 години сега добивме униформи, само за поштарите и тоа зимска униформа, за летна не знаеме, сè уште чекаме“, - заврши Претседателот на СПТОМ Боро Велигденов.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.