Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ОДБЕЛЕЖУВАМЕ 80 ГОДИНИ СИНДИКАТ ССМ, СВЕЧЕНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ И ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОТО НА ССМ

ОДБЕЛЕЖУВАМЕ 80 ГОДИНИ СИНДИКАТ ССМ, СВЕЧЕНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ И ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОТО НА ССМ

Денеска, во Работничкиот дом во Скопје се одржа свечена седница на Советот и на Претседателството на ССМ.

На свечената седница, покрај членовите на највисоките органи и тела на ССМ, беа поканети поранешните Претседатели на ССМ како и гости.

Во знак на благодарност и почит, а по повод 80 години од формирањето на Сојузот на синдикатите на Македонија во август 1946 година, Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија на поранешните Претседатели на ССМ, на пријателите на ССМ  и на синдикалните активисти од гранските синдикати здружени во ССМ им додели Благодарница за значаен придонес во развојот и унапредувањето на  синдикалното движење.

По повод одбележувањето на овој значаен јубилеј, 80 години синдикат, Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов  во своето излагање пред членовите на Советот и Претседателството на ССМ, поранешните претседатели на ССМ и гостите покрај другото истакна:

,,Денес не сме овде само за да одбележиме уште еден датум од историјата. Денес сме овде да одбележиме 80 години од создавањето на една идеја. Идеја дека работникот не смее да биде сам. Идеја дека човекот кој создава вредност со својот труд мора да има право на достоинствен живот.

Идеја дека платата не е милостина, дека работничкото право не е привилегија и дека социјалната правда не е подарок од никого.

Таа идеја пред 80 години доби своја организација и свое име – Единствени синдикати на работниците и намештниците на Македонија.

На 18 август 1946 година, во Градскиот парк во Скопје, започнал Првиот конгрес, кој траел до 21 август. Од тие денови, низ децениите и низ сите промени, таа организација го продолжи својот пат и денес го носи името Сојуз на синдикатите на Македонија.

Осумдесет години се долг период. Во тие осум децении се сменија држави, политички системи, економски модели, технологии и цели начини на живот. Но никогаш не престана потребата од синдикат.

Напротив.                                                                                 

Секогаш кога работникот бил најслаб – синдикатот бил најпотребен.

Секогаш кога неговиот труд бил потценет – синдикатот бил неговиот глас.

Секогаш кога некој се обидувал да каже дека работникот треба само да слуша – ССМ потсетувал дека работникот има право да учествува, да преговара и да одлучува за прашањата што го засегаат неговиот живот.

Затоа историјата на ССМ не е само историја на една организација. Тоа е историја на македонскиот работник. Историја на неговата борба за плата. За осумчасовен работен ден. За безбедност и здравје при работа. За платен дневен, неделен и годишен одмор. За право на пензиско и здравствено осигурување. За колективно преговарање. За правото на синдикално организирање и пред сè, за достоинство.

Најголемиот доказ за тоа што значи ССМ не се зборовите. Тоа се правата што се запишани и потпишани. Тоа се колективните договори. Тоа се илјадниците работници кои имаат заштита затоа што некој седнал на маса и преговарал во нивно име. Затоа што некој протестирал, штрајкувал и блокирал. ССМ не само што се борел за работнички права туку ги претворил тие права во конкретни обврски. Преку колективното преговарање, синдикатот обезбедувал и обезбедува конкретна заштита за работниците. Синдикатите кои се дел од ССМ преку гранските колективни договори и колективните договори на ниво на работодавач утврдиле права за повеќе од 300.000 работници. ССМ е потписник на двата општи колективни договори – за јавниот сектор и за приватниот сектор од областа на стопанството – со кои се утврдуваат права и заштита за сите 530.000 работници во приватниот и јавниот сектор. Зад бројката 530.000 не стои само статистика, стојат 530.000 животи, 530.000 семејства, 530.000 луѓе кои секој ден стануваат наутро, одат на работа, создаваат, произведуваат, градат, лекуваат, не чуваат, учат, управуваат, услужуваат, ја граделе и ја движат оваа држава.

Пред 80 години, нашите претходници ја создадоа организацијата. Нашата задача денес е да ја зачуваме, да ја зајакнеме и да ја направиме подготвена за следните 80 години. Наша задача е да бидеме творци на иднината.

ССМ мора да остане место каде што работникот ќе знае дека има со кого да разговара. Каде што ќе знае дека има кој да го застапува. Место каде што работникот ќе знае дека неговиот проблем не е само негов проблем.

И каде што ќе знае дека неговиот глас може да промени нешто.

Да живее работникот!

Да живее синдикалната солидарност!

Да живее Сојузот на синдикатите на Македонија!

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.