- Македонски
- English
Ја искажуваме нашата загриженост од се подрастичното опаѓање на животниот стандард на работниците и на нивните семејства. Потребни се итни и ефикасни мерки за сопирање на трендот на зголемување на цените поради кои една третина од граѓаните на Македонија живеат во сиромаштија, изјави на денешната конференција за печат портпаролот на Сојузот на синдикатите на Македонија Пецо Грујовски.
Најдобар барометар може да биде првата продавница на која ќе наидете. Споредете што можевте да купите со една илјада денари минатата година, а што со истите пари сега. Тоа доволно ги покажува растот на цените, појавата на инфлација и опаѓањето на стандардот на се поголем дел од населението.
Враќање на цените на некои прехранбени производи, интервенции од стоковните резерви, интервентен увоз, даночни и царински олеснувања, зголемување на паричните износи за загрозените семејства се некои од предлозите на Синдикатот за заштита на стандардот.
Од просечна плата од 15.759 денари, колку што пресмета Државниот завод за статистика, 80 отсто одат за исхрана. За сите други трошоци, значи за комуналии, школување, за се друго, остануваат околу педесеттина евра. Меѓутоа, повеќето луѓе имаат плати под просекот. Поточно, од 532.570 вработени 422.532 (79 отсто од вработените) имаат плати под републичкиот просек. Една третина од населението има примања по стотина евра месечно и тие живеат на работ на егзистенција.
Во Македонија губи смисол познатото правило на преживување, “крпен живот“. Веќе нема ни што, ни со што да се крпи, рече Грујовски. За повеќето луѓе во Македонија стана невозможно да се преживее, голиот опстанок стана кошмар, вистински пекол. Едноставно нема решение како да се купи храна, да се платат комуналиите, да се школуваат децата.
За споредба, во Европа просекот на трошоците за исхрана е 13 отсто од примањата и за комуналии 30 отсто, односно 43 отсто. Во Хрватска за исхрана се трошат 30 отсто од примањата и 40 отсто за комуналии. Големи се разликите во платите – просекот во Србија е 425 евра, во Хрватска 694 евра.
Зборот инфлација долго време не беше присутен во речникот на нашите политичари и економски аналитичари. Сушата, цените на нафтата и електричната енергија се надворешни фактори, кои влијаат и врз македонската економија. Така во Македонија инфлацијата бележи континуирана месечна прогресија од 10,2 отсто.
Што да кажеме за цените на услугите – парното се зголеми за над 60 отсто, најавено е зголемување на електричната енергија за 40 отсто, комуналните услуги исто така ненормално пораснаа, во некои градови за 100 отсто. Најмалку е поскапен лебот, за 17,8 отсто, додека услугите до 100 отсто. Кога ќе се споредат со зголемувањето на платите и на пензиите од 10 отсто јасно е дека стандардот на македонскиот работник драстично опаѓа.