- Македонски
- English

УТРЕ ВО 9 ЧАСОТ РАБОТНИЦИТЕ ЗАЕДНО СО ССМ ЌЕ ГИ БЛОКИРААТ ПРАТЕНИЦИТЕ ПРЕД СОБРАНИЕТО!
Утре, на ден 10.02.2026г. (вторник) започнува втората фаза активности на ССМ за зголемување на работничките плати, како и започнува првата од најавените три блокади на сите оние кои решија да молчат и да ги игнорираат барањата на работниците за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Следните датуми се од големо значење за работниците и за нивните барања, па така: Утре, 10-ти Февруари– Блокада на Собранието, 12-ти Февруари- Блокада на Работодавачите и 17-ти февруари- Блокада на Владата се следните чекори на работниците и на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ).
На денешната прес-конференција, Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов нагласи дека “Работничката борба е маратон, а не спринт!” и со тоа ја најави втората фаза активности на ССМ за зголемување на работничките плати и утрешната Блокада на пратениците пред Сoбранието, која ќе започне во 9.00 часот, и рече:
“Почитувани работници, утре со почеток во 9:00 часот како што и веќе најавивме улиците пред Собранието, односно улиците “Даме Груев” и “11-ти Октомври” ќе бидат блокирани од работниците и Сојузот на Синдикатите на Македонија. Имено сакам да нагласам дека согласно Закон, бројка од најмалку 21 учесник ни е потребна и на двете локации за да можеме ги блокираме пратениците... го кажуваме ова за тие, односно за пратениците да не се грижат за тоа колку луѓе ќе излезат на улица имајќи во предвид дека оваа блокада треба да упати порака до сите пратеници дека истата е одговор на нивното однесување низ годините, бидејќи токму тие се оние кои го блокираат Законот за минимална плата повеќе од една година, а за истиот временски период секое семејство во нашата држава е посиромашно за 9.500 денари месечно, затоа што во истиот период вредноста на Синдикалната минимална кошница е зголемена за тој износ. Пратениците се уште се прават глуви и слепи на Иницијативата на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари, а пратениците дополнително се прават глуви и слепи и за последната Иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија за намалување на нивните плати за 80%, на начин што ќе си ја намалат основицата за пресметка на нивните плати од просечна плата на минимална плата, па така да дојдат и тие на минималец и потоа да добијат право да зборуваат колку е добро со минимална плата да се живее во Македонија. Исто така Иницијативата на ССМ налага да си ги намалат и нивните коефициенти на сложеност, и особено треба да се има предвид дека ваквата иницијатива е темелена врз основа на Уставот, како и врз основа на законите. Па така, ако истата биде усвоена, таа целосно ќе биде и уставна и законска, особено имајќи во предвид дека веќе најавуваат намалување на нивните коефициенти за процентот на порастот на просечната плата или колку што си пресмета Гувернерот на Народна Банка за 9,2 %, па преку вас медиумите на оваа прес-конференција јавно ги прашуваме како ќе биде уставно и законски да ги намалат коефициентите на сложеност на нивните плати за 9, 2 %, а не е уставно и законски да ги намалат за 80 %, како што и тврдат... Како намалување за 9,2 % ќе биде уставно и законски, а она кое го предлага ССМ или намалување за 80% е оценето од нивна страна како неуставно и незаконско”.
Нагласувајќи дека преку утрешната Блокада, работниците не само што ќе го покажат револтот поради високите плати на пратениците од една страна и нивното игнорирање на барањата на работниците за зголемување на работничките плати од друга страна, туку и ќе го покажат револтот поради привилегиите кои тие со години ги уживаат без да покажат ниту грам интерес за работничката мака, па така Трендафилов нагласи:
“Пратениците први ќе се соочат со гневот на работниците, па така поради утрешната блокада, тие нема да можат да наплатат трошоци за доаѓање на работа кои изнесуваат од 100 евра па нагоре. Со тоа ќе им покажеме дека онака како што работниците одат на работа пешки или со автобус, односно со јавен превоз, така ќе бидат приморани и тие да дојдат на работа на истиот начин и со тоа да мораат да им покажат на работниците дека сочувствуваат со нивната мака... Сето ова заради тоа што истите овие пратеници не ги гласаат во Собранието ниту трошоците за превоз и трошоците за храна, за да можат и работниците да имаат право на вакви трошоци како што бара Сојузот на синдикатите на Македонија, а не истото право да го уживаат само пратениците и функционерите. Како што и веќе беше објавено по Блокадата на Собранието, во четврток ќе ги блокираме газдите, односно Стопанската комора, Организација на работодавачи, Бизнис конфедерација на Македонија и секако наредната недела, во вторник, денот кога Владата традиционално ги одржува своите седници ќе бидат блокирани и владините функционери.”
На новинарското прашање посветено на вчерашниот договорот помеѓу Синдикатот УПОЗ и Владата за зголемување на платите на дел од администрацијата кој беше постигнат по повеќе од година и половина преговори и на барања на синдикатот на УПОЗ, Претседателот на ССМ изјави:
“Владата тоа што одбиваше да им го даде на работниците во јавниот сектор повеќе од една година, односно на работниците во Управата и Правосудството, вчера сите бевме сведоци дека истата Влада се пофали со тоа што синдикатите всушност и го земаа за работниците. Истата Влада која минатата година одбиваше покачување на платите со додаток на плата од 30% за 3,000 работници, веднаш по одржувањето на големиот работнички протест на 28-ми јануари понуди зголемување од 40% на платите на вработените во Управата и Правосудството за 7.700 работници, а Синдикатот на УПОЗ дополнително успеа да и земе за повеќе од 11.000 работници. Синдикалната борба е маратон, а не спринт... и тоа што Владата вчера се фалеше со тоа што синдикатот УПОЗ всушност успеа да и го земе за колешките и колегите од Управата и Правосудството мислам дека е една од борбите за кои сме издвојувале победа, а секако најголемата победа на работниците ќе биде со утврдувањето на 600 евра минимална плата и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Се плашат од луѓето на улица и затоа ние нема да престанеме да излегуваме на улица, се додека не ги зголемат работничките плати онака како што се зголемени функционерските плати”.
На новинарското прашање по однос на тоа дали ССМ на утрешната Блокада ќе ја добие поддршка од своите гранкови синдикати кои постигнале договор со добивање на она што го барале, Трендафилов рече:
“Желбата за зголемување на минималната плата и мотивот за зголемување на минималната плата кај сите наши синдикати е голема. Синдикатот УПОЗ е еден од синдикатите кои имаше најмногу членови на големиот работнички протест на 28-ми јануари, така ќе биде и утре. Но, уште еднаш ќе потсетам дека за утре да направиме блокада на пратениците ни се потребни на две локации по најмалку 21 човек за да го почувствуваат гневот работниците, толку луѓе согласно Законот се потребни за да биде блокиран пристапот до Собранието, односно за да бидат блокирани улиците пред Собранието – улицата “Даме Груев” и улицата “11-ти Октомври”. Утре, синдикатот на УПОЗ се разбира дека ќе биде во првите редови заедно со Претседателот Трпе Деаноски и ќе даваат поддршка, а ова најмногу од една причина а тоа е дека основна компонента на платите во Управата и Правосудството е минималната плата. Па така, доколку минималната плата се зголеми за 200 евра нивните плати ќе се зголемат за 200 евра, но она што загрижува е тоа што за вработените во полицијата оваа година нема предвидено ниту еден процент зголемување на платите, исто така за вработените во одбраната и за вработените во низа други институции каде има предвидено 0% зголемување на платите, а таму нивните плати се пресметуваат како минимална плата со дополнителни додатоци на плата. Она што е јасно е дека мотивот за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати кај сите работници во јавниот сектор и во приватниот сектор е огромен и затоа сите прави синдикалци и сите прави синдикати ќе бидат утре на улица”.
На новинарското прашање по однос на тоа што е предвидено доколку и по утрешната Блокада, пратениците сеуште немаат слух за работничките барања, Претседателот на ССМ изјави:
“Тоа што го најавивме и претходно ќе следи... пратениците ги бираме ние работниците, а тие треба утре да бираат дали ќе застанат на страна на работниците или ќе застанат против работниците. Работниците веројатно на следните избори ќе ги казнат како што ги казнија некои пратеници од претходниот состав кој повеќе не се во Парламентот. Но, она што треба да ги загрижи е тоа што ќе собереме 10.000 потписи како што и најавивме, а работниците го бараат тоа да го направиме уште денеска. 10.000 потписи кои ќе значат дека ќе станеме овластен предлагач на закони како и тие, и ќе значат дека повеќе нема да поднесуваме иницијативи до нив, па тие да поднесуваат предлог-закони во Собранието, со тоа ќе им ги намалиме платите за 80% ќе дојдат и тие на минимална плата како огромен број на работници, а ќе ги зголемиме работничките плати, односно ќе ја зголемиме минималната плата на 600 евра и ќе ги зголемиме сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Доколку им се допаѓа таквата атмосфера која во наредниот период ќе биде креирана, можат и утре да се прават и глуви или слепи на предлозите на работниците, но треба да имаат предвид дека токму работниците го бараат тоа зголемување од нив, а работниците се нивните гласачи, и тоа не смеат да заборават”.
На новинарското прашање по однос на тоа дали сеуште постои простор за договарање помеѓу социјалните партнери, Претседателот на ССМ нагласи дека:
“Минатата година, односно до 31.12.2025 година, Владата и Работодавачите имаа можност по пат на социјален дијалог да утврдат колку се спремни да ги зголемат работничките плати, но на седниците на Економско-социјалниот совет не видовме расположение за такво нешто, особено кога со потсмев со однесуваа кон претставниците на работниците и кон работниците... кога Владата велеше нека седнат нека се договорат тие, а ние ќе прифатиме се, и кога низ дијалог се појави единствената можност за која се договоривме и која беше прифатлива за работодавачите и за работниците, а тоа е субвенционирање на разликата од зголемувањето на минималната плата за најмалку 6.000 денари, Владата сепак на крајот кажа дека тоа е единственото неможно решение, затоа што знаат дека само на таков начин можат веднаш да се зголемат платите. Јасно е дека некои поединци во Владата сметаат дека работничките плати не треба да се зголемуваат и сметаат дека на ваков начин кога ќе ги остават работниците и работодавачите да се договараат дека истите нема да постигнат апсолутно никаков договор, па така поради тоа што не сакаа да не слушаат на маса, сега ќе мора да не слушаат од улица”.