Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

НА ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ЗРО ВО ШТИП, ССМ ЕДИНСТВЕН ГЛАСЕН ЗАШТИТНИК НА РАБОТНИЦИТЕ

Денеска, во Штип продолжи јавната расправа за новиот Закон за работните односи.

Сојузот на синдикатите на Македонија на расправите учествува на највисоко ниво,а таков беше случајот и во Штип, и на денешната јавна расправа учествуваше Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, Секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски, потпретседателот на ССМ за приватен сектор, Иван Пешевски, претседателот на СИЕР, Игор Ѓерасов, претседателот на АГРО Синдикат, Игор Китаноски, секретарот на РСП Штип, Стојанче Кашиковски, претставници од ССМ и претставници на гранските синдикати здружени во ССМ кои ги истакнаа главните забелешки на предложеното нацрт решение за нов Закон за работните односи.

За жал лидерите на останатите синдикати веројатно сметаат дека не треба да се борат за работничките права преку новиот Закон за работните односи па истите и на расправата во Штип не учествуваат, па доколку не се претставниците на ССМ да укажат на кратењето на равотничките права, МТСП ќе ги спроведе сите замисли со кои се уназадуваат работничките права преку нацрт текстот на Законот.

Претставниците на невладиниот сектор ниту досега учествуваа на состаноци за да дадат предлози и забелешки, ниту пак имаа време денеска да седат на јавната расправа (дојдоа, видоа, се извинија и си отидоа) и да се борат за работничките права и ја напуштија расправата на самиот почеток.

Сојузот на синдикатите на Македонија е единствен репрезентативен синдикат во државата и е активен учесник на сите расправи за подготовка на нов Закон за работните односи сметано од 2018 година.

Потсетуваме дека ССМ единствен од социјалните партнери изготви нов текст на Законот за работните односи и го предложи до Министерството за труд и социјална политика уште во февруари 2018 година.

Голем дел од барањата веќе се дел од работната верзија на текстот на Законот за работните односи но за жал за неколку клучни барања и забелешки, иако издржани се уште во текстот не се променети.

Главна цел на новиот Закон мора да биде да се унапредат работничкиите права, а не да се прави шминка и истите да се враќаат на ниво од пред неколку години или пак повторно да се оставаат одредби кои слободно ќе се толкуваат па така:

- Траењето на Договорите за вработување на определено време наместо да се утврди на максимум до една година, МТСП во текстот предлага истите да се склучуваат на две години и на тој начин наместо да ги унапреди правата ги враќа на нивото пред 10 години кога и се склучуваа на две години иако знае дека според последните податоци од АВРМ и Државниот завод за статистика, Договорите за вработување на определено време се за ¼ повеќе од договорите за вработување на неопределено време и истите беа главна причина за отпуштања на работниците во време на криза во изминатите две години.

Според барањата на ССМ од 2018 година до денес, Договорите за вработување на определено време треба да бидат исклучок и најмногу до 1 година, а ги потсетуваме дека ова е и програмска определба на СДСМ во програмата 2020 – 2024 година утврдено на страна 47, точка 2 (Ќе го уредиме работниот однос на определено време – со што договорот за вработување на определено време да биде исклучок, а не правило. Следствено, договорите за вработување на определено време ќе бидат со максимално траење до 12 месеци со директна трансформација на неопределено време по истекот на тој период.)

( предлог на МТСП е Договорите за вработување на определено време да бидат 2 години во предлогот на Закон за работните односи)

- Сојузот на синдикатите на Македонија за намерата на Министерството за труд и социјална политика да ги укине сите колективни договори во државата остро реагираше на сите досегашни состаноци, особено поради тоа што важењето на колективните договори и нивните одредби ќе бидат максимално до 1 година и потоа ќе нема колективни договори.

Во европските држави, онаму каде што заеднички се стремиме да се приклучиме одредбите на колективните договори важат се до потпишување на нов колективен договор и тоа исклучиво за поповолни права, што впрочем им беше презентирано и од германски експерти на претставниците на МТСП и ДИТ кои очигледно со намера сакаат да не слушнат и сакаат да направат штета на работничките права со несогледливи последици, па од тука доколку оваа законска одредба се промени како што е намерата на МТСП или на некои лица од таму, ќе се случи да нема Општи колективни договори, да нема грански колективни договори и да нема колективни договори на ниво на работодавач со кои се регулираат правата и обврските за работодавачите и работниците и што ќе претставува сериозен проблем во нормалното функционирање на државата што е спротивно на ратификуваните конвенции и обврската која произлегува од нив Владата да промовира и потикнува колективно договарање, а со ваквата одредба ќе го блокира и уназади колективното преговарање..

Ја искористивме приликата да укажеме дека со овој пристап за прв пат во историјата, Министерството за труд и социјална политика, предводено од Социјалдемократска Влада, бара и директно влијае на укинување на колективните договори и нивните одредби, а со тоа над 600.000 работници во приватниот сектор и над 130.000 работници во јавниот сектор ќе останат без право на плата, надоместоци и додатоци на плата и тоа за: прекувремена работа, работа ноќе, работа во ден на неделен одмор, работа во смени, работа на празник и неработни денови, минат труд, регрес за годишен одмор, јубилејни награди, отпремнина за пензионирање, надомест за смрт на работник или член на неговото семејство, денови на годишен одмор над законскиот минимум, право на информирање и консултирање, права по основ на безбедност и здравје при работа како и многу други права од работен однос кои се уредуваат во Општите, гранските и колективните договори на ниво на работодавач, а не се уредени во ниту еден закон.

-Во текстот на Законот на еден министер и едно министерство му се овозможува да биде арбитер во склучување на колективните договори што е спротивно на Конвенциите за колективно договорање односно истите се двострано обврзувачки акти помеѓу работодавачите и претставниците на работниците и во никој случај државен орган не може да одлучува за валидноста на она што е договорено во колективниот договор, а оваа одредба е спротивна и на член 32, став 5 од Уставот кој Законот и колективните договори ги става на еднакво рамниште кога станува збор за уредување на правата од работен однос.

-Владата преку Министерството за труд и социјална политика сака да го елиминира синдикатот и неговото учество, со воведување на претставник на работниците за кој нема никакви критериуми ни како се избира, ниту кои се неговите надлежности, ниту кои се неговите одговорности, а кој во изминатиот период беше на големо злоупотребуван од страна на работодавачите за намалување на работнички права за што сите беа сведоци.

-Во новиот Закон за работните односи треба да се избрише можноста за прераспределба на работното време која е спротивна на Директивите, не е јасна ниту не е спроведлива и најчесто се злоупотребува за да не се плаќа трудот на работниците. Во европа не постои работа без да биде платена, односно секоја работа надвор од работното време 40 часа неделно треба да биде платена како прекувремена работа за + 135%

- Сојузот на синдикатите на Македонија бара при прогласување на технолошки вишок, да се зголеми бројот на отпремнини и работниците да имаат право на две опремнини на секои пет години работа до 12 отпремнини

Овие забелешки и барања од ССМ, потребата од допрецизирање на породилното отсуство како и многу други барања и забелешки кои надминуваат над 40, а кои во текот на јавните расправи ССМ ќе ги презентира пред сите присутни и пред медиумите со цел да ја подигне свеста дека работничките права мора да се унапредуваат, а не како што е случај денес да се уназадуваат.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.