- Македонски
- English
МАКЕДОНИЈА СО НАЈВИСОК РАСТ, А СО НАЈНИСКИ ПЛАТИ ВО РЕГИОНОТ
За една година просечната нето-плата во Македонија пораснала за 13,7 проценти, покажаа последните податоци на Државниот завод за статистика за април. Гледано на квартално ниво, пак, годинава во споредба со првиот квартал лани растот е 16,3 проценти.
Со ова практично Македонија го предводи растот на платите во регионот Адрија, но и натаму просечната плата од 41.085 денари (657, 53 €) е најниска од сите земји.
„Иако во изминатите две-три години се направи сериозен исчекор во растот на платите, тоа не е доволно. За жал, работниците во Македонија не го чувствуваат растот на платите онака како што треба иако платите значително пораснале. Минималната плата сè уште е најниска во регионот, како и просечната, што е навистина премалку за овозможување достоинствен живот на работниците. Просечната плата во Македонија не може да ја стигне минималната во Хрватска итн. Гледаме дека работниците се сè посиромашни. За жал, во Македонија денес имаме тренд да одите на работа, да земате плата, а повторно да бидете сиромашни. Тоа се должи на политиките што беа водени во изминатиов период“, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според Сојузот на синдикати, работниците во својата куповна моќ не го чувствуваат растот на платите. Па, оттаму очекуваат тоа да биде приоритет и на новата влада, од која бараат нов раст на минималецот.
„Сметаме дека растот на платите треба да оди со забрзано темпо и токму поради тоа побаравме уште во првите сто дена на новата влада минимална плата да се зголеми на најмалку 450 евра, онолку колку што е приближно во земјите во регионот, за да не се доведеме во ситуација нашите квалификувани работници да заминуваат да работат таму, а ние да останеме без работна сила. И се разбира дека растот на преостанатите плати треба да го следи порастот како на минимална така и на просечната плата“, вели Трендафилов.
На прашањето за тоа колку е одржлив растот на платите, Трендафилов смета дека компаниите прават манипулација во јавноста кога како пречка за раст на платите ја посочуваат продуктивноста.
„Во Македонија и насекаде во Европа, особено на Балканот, вие имате само недоволно платени работници, а не и недоволно продуктивни работници, имајќи предвид дека нашите работници кога ќе заминат некаде во западноевропските земји се многу продуктивни, меѓутоа за многу повисоки плати. За жал, ситуацијата во Македонија, за која работодавците не сакаат да разговараат, е фактот што од вкупниот капитал што тие го прават во текот на годината, само триесетина проценти одвојуваат за платите на работниците, додека седумдесетина проценти остануваат за исплата на дивиденди и други инвестиции, што е едно од најниските нивоа на соодносот на плата и на капитал на работодавците“, вели претседателот на ССМ.
Тој потенцира дека ова прашање треба да биде приоритет на државата, бидејќи во спротивно одливот на кадар ќе продолжи со засилено темпо и не може да се дополни со увоз на работници.
Целото интервју со Ирена Каревска за Bloomberg Adria MKD можете да го погледнете на линкот