- Македонски
- English


КОНФЕРЕНЦИЈА: СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ ВО ПРОЦЕСОТ НА ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА ВО СКОПЈЕ И ТИРАНА
Во Скопје, Република Македонија и Тирана, Република Албанија, на 9 и 10 септември 2026 година се одржува хибридниот настан „Requirements on Social Dialogue according EU-Acquis and EU-Accession-negotiations“, посветен на барањата на Европската Унија во областа на социјалниот дијалог и улогата на социјалните партнери во процесот на пристапување кон ЕУ.

На настанот во Работничкиот дом учествуваат претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов кој се обрати на отворањето на настанот и ги претстави перспективите и предизвиците со кои се соочуваат синдикатите во Македонија во контекст на европските интеграции, Миле Стојановски Државен Советник во Министерството за економија и труд, Светлана Ристовска Антиќ од ОРМ, Проф. Д-р Александар Ристовски од УКИМ, Наташа Мечкароска Симјаноска од канцеларијата на МОТ во Скопје, како и претседатели и претставници на Гранските синдикати здружени во ССМ.

Посебен фокус на дводневната работилница е ставен на Поглавје 19 – Социјална политика и вработување, со акцент на социјалниот дијалог, неговото практично спроведување, како и на прашањето на репрезентативноста на синдикатите.
Во рамки на дискусиите ќе се разгледуваат и европските стандарди и барања за социјален дијалог, актуелната состојба во Албанија и Македонија, како и правната и институционалната рамка за синдикалната репрезентативност.
Настанот е организиран со поддршка на Федералното Министерство за труд, социјални работи, здравство и заштита на потрошувачите на Република Австрија, Olof Palme International Center и Амбасадата на Шведска во Тирана.
ССМ останува посветен на унапредување на социјалниот дијалог, јакнење на позицијата на работниците и синдикатите и усогласување на работничките права со европските стандарди.