Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ИЛЈАДИ РАБОТНИЦИ ЗАЕДНО СО ССМ ЗБОРУВАА НА УЛИЦА И ЈАСНО ПОБАРАА МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА И ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА СИТЕ ОСТАНАТИ ПЛАТИ ЗА НАЈМАЛКУ 6.000 ДЕНАРИ!

“28-ми Јануари е денот кога без страв, јавно зборуваа работниците!”

И навистина протестот кој Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на 28-ми Јануари го одржа пред Работничкиот Дом на ССМ, Собранието, Стопанската комора и Владата, беше денот кога работниците истакнувајќи транспарент на кој јасно пишуваше - „Протестираме за плата“ излегоа на улица да зборуваат и гласно, без страв да побараат итно зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари.

Како еден од најмасовните протести во историјата на ССМ, повеќе од 15.000 работници се одзваа на повикот на Соузот на Синдикатите на Македонија и го подржаа вчерашниот протест и барањата кои најголемиот и најбројниот синдикат во нашата држава подолг временски период ги упатува до Владата и до работодавачите. ССМ предупредуваше дека минималната плата во Македонија е најниска во регионот и дека одамна нашите работници не живеат туку преживуваат бидејќи нивните платите веќе подолг временски период не ги следат реалните трошоци на животот. Но, наместо социјален дијалог, одговор и барање на вистински решенија, Владата и работодавачите одбраа да молчат, да игнорираат, да ја релативизираат состојбата и да си ја префрлаат одговорноста.

Работниците одлучија да не молчат повеќе.

Работниците одлучија да се борат за зголемување на своите плати.

Работниците одлучија да излезат на улица и да си го побараат она што го заслужуваат.

Работниците одлучија дека не им должат ништо ниту на Владата, ниту на работодавачите, туку дека им должат само на нивните семејства можност да водат пристоен живот.

Работниците одлучија да ги подржат аргументите на ССМ и веќе да не ги слушаат и трпат бројните празни изговори на оние кои владеат.

Повеќе од 15.000 работници застанаа пред симболот на работничката борба – Работничкиот Дом на ССМ и го започнаа еден од најголемите работнички протести во нашата држава.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов пред Работничкиот дом на ССМ обраќајќи се директно до сите присутни изјави дека „работниците повеќе нема да им се молат на Владата и газдите, туку дека ќе се борат за зголемување на платите“.

- “Нема повеќе да се молиме, ќе се бориме. Од пред симболот на работничката борба, Работничкиот Дом, одиме пред Собранието, кај газдите и пред Владата. Нека не бројат – многу сме! Денеска сме тука за нашите деца, за нашите ќерки и синови, за нашите внуци и правнуци. Денеска сме тука да се бориме мизерните плати да се зголемат, затоа што Владата и газдите одбиваат да го сторат тоа и одбиваат да им помогнат на нашите семејства. Денеска работниците зборуваат. Политичарите имаа доволно време да го сторат тоа и не го направија. Од денеска ние зборуваме за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари”, порача Трендафилов.

Пред зградата на Собранието, Претседателот на ССМ упати порака до 120-те пратеници кои според најголемиот македонски синдикат една година одбиваат да донесат измени на Законот за минимална плата. Тој нагласи дека револтот мора да се изрази и пред сите пратеници кои се слепи и глуви на предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на работничките плати, а тие имаат по две, две и пол и три илјади евра плата. Трендафилов побара веднаш, уште утре, да се предложат измени и дополнувања на Законот за минимална плата за да се зголеми на 600 евра, за да им се помогне на 200.000 работници кои имаат плата под 30.000 денари. Па така тој пред Собранието порача дека:

– “Сакам да упатам порака до нив како што упатувавме пораки и до претходните состави на Собранието, многу лесно се паѓа од удобната функционерска фотелја на тврдо работничко столче. Бараме веднаш уште утре, да предложите измени и дополнување на Законот за минимална плата за да се зголеми на 600 евра, за да им помогнете на 200 илјади работници кои имаат плата под 30 илјади денари. Доколку до крајот на неделата не предложите измени на законот и заедно не го изгласате за да им помогнете на работниците, работничкиот револт ќе продолжи. Ќе биде пожесток, ќе следуваат блокади, ќе следува генерален штрајк и ќе следува тоа што вас најмногу ќе ве боли … Ќе собереме 10.000 гласови, потписи, со кои ќе станеме предлагач на Закони и ќе бараме 80 проценти да ви се намалат вашите плати, а да се зголеми минималната плата на 600 евра и за најмалку 6.000 денари да се зголемат и сите останати плати. Ќе ве ставиме на тест. Ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас или ќе гласате за луѓето кои што со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз”.

Пред Стопанската Комора, Потпретседателот на ССМ за приватен сектор и Претседател на СГИП Иван Пешевски кажа дека додека работниците секојдневно се борат како да ги прехранат своите семејства, политичката и бизнис елитата ужива во луксуз, што дополнително го зголемува револтот кај граѓаните и нагласи дека работниците нема да се откажат од своите барања и дека секој ден ќе бидат на улица, пред Владата и пред работодавачите додека не ја обезбедат посакуваната плата и додека не се постигне договор што ќе овозможи достоинствен живот за работнците, најавувајќи блокади на улици и институции, како и одлука за генерален штрајк, која, како што рече, ќе биде за првпат во историјата на Македонија во приватниот сектор.

-“Тука сме денес, ќе бидеме утре и секој нареден ден додека не ја постигнеме целта, а тоа е нашето барање од 600 евра минимална плата и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари, 6.000 денари само за една година ни се зголемија трошоците на живот благодарение на лошите политики и нефер трговци коишто нè оставаат пред најголемите празници со празни трпези … Ќе блокираме и улици, и институции и ќе донесеме одлука за генерален штрајк првпат во историјата на Македонија во приватниот сектор”, рече Пешевски.

Пред Стопанската комора се упатија силни пораки до работодавачите кои одбиваат поголемо зголемување на минималната плата од она што е законски утврденото, со образложение дека бизнисот нема да може да издржи таков товар. Па така на овој нивен став, Пешевски порача:

–“Бараме да ни се вреднува трудот, Сакаме достоинствена плата, а не милостина. Фала им на газдите што пола Македонија си отиде, што сме биле непродуктивни. Велат дека ние не сме биле продуктивни, а тие се многу продуктивни со мерцедеси, поршиња и вили во Грција. Нека работат тие на скеле, во текстилни фабрики, нека сечат шуми, нека видат како му е 30 години на еден работник. Доста е, време е да се разбудиме”.

Протестот заврши пред Владата, каде беа испратени главните пораки дека зад барањата на работниците нема политика. Синдикалците порачаа дека силата е во работниците.

Во своето обраќање пред Владата, Потпретседателот на ССМ за јавен сектор и Претседател на УПОЗ Трпе Деаноски јасно истакна дека денешниот протест на работниците не е заради политички цели, туку, поради тоа што платите на работниците не им стигаат ниту до средината на месецот.

– “Дојдовме по 600 евра минимална плата и дојдовме по раст на сите останати плати, дојдовме да си го вратиме достоинството, дојдовме да им кажеме дека тоа се наши пари, а не се нивни пари, дојдовме да им кажеме дека тоа се пари од наш труд, од наша пот и направени од наши раце. Сакам да им порачам на овие позади, а да им порачам и на оние што се лепат на нашите барања... тргнете ги вашите раце настрана од работниците и од синдикатите. Нас денес овде не нè собра политиката; нè собра маката, нè собра неправдата, нè собра сиромаштијата, нè собраа платите што не ни стигаат ни до средината на месецот. Нè собраа празните фрижидери и цените во маркетите. Нè собра синдикалната минимална кошничка, која изнесува 65.000 денари, а не можеме да си ја приуштиме. Тука не не собраа ниту политичките партии, туку работниците и желбата за подобар живот и да останеме во оваа држава”, рече Деаноски.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов обвинувајќи дека Владата, 36 години не прави апсолутно ништо за работниците, нагласи дека истата моментално води најсиромашен народ во Европа и води најсиромашна држава во Европа.

-“Оние на власт мора да разберат дека сиромашен им е народот и дека водат најсиромашна држава со најсиромашни работници, а се фалат со тоа и срам да им е. Затоа ги повикуваме на разум како што ги повикувавме цела година, но нема да им молчиме, нема да ги молиме. Уште сабајле, затоа што сите вие и сите ние ги плаќаме да доаѓаат на работа, да седнат и да предложат како власт и како Влада измени и дополнување на Законот за минимална плата, согласно кои ќе се зголемат сите плати на работниците. Согласно кои ќе се зголеми минималната плата на 600 евра и конечно да покажат доблест како нивните колеги од регионот, кои водат грижа за работниците, наспроти овие позади кои не водат”.

-“Во работничката борба политика има толку колку што има плата. Се додека нашата е 400 евра, а вашата 4000 евра има борба работничка. Kога ќе дојдеме и ние на 4000 евра како и вие, можеби сите кои сите кои сте тука ќе зборувате за политика, а не за плата. Ќе зборувате каде да ги однесете вашите семејства на годишен одмор, ќе зборувате каде да излезете на ручек, наместо да купите 4 хамбургери во месецот”.

 Тој им порача на челниците во Владата да ги симнат розевите очила и да им погледнат во очите на работниците. Па така, како што тие две години го вртат грбот на работниците, сега работниците ќе им го сторат истото на нив, порача Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов:

-“Пред да им се обратиме и да зборуваме за неубави работи, да зборуваме како оваа Влада води најсиромашен народ во Европа и како води најсиромашна држава во Европа, пред да почнеме да зборуваме како не се проблем минималните плати, како се проблем ниските плати и како оваа Влада треба да ги симне розовите наочари и да им погледне во очите на работниците, Ве замолувам како што две години ни го вртат грбот, да им го завртиме грбот и да ги поздравиме со едно огромно УА! Не заслужуваат ништо повеќе од тоа да го гледаат работничкиот грб, затоа што се срамат да Ве гледаат во очи, затоа што бегаат од вас, а вие сте ги бирале”.

Трендафилов нагласи и дека во Владината менза има да се најде се и сешто, а Претседателот на Владата упорно ги убедува граѓаните и работниците да не пијат нескафе и да не јадат цреши и грозје, ги убедува граѓаните и работниците дека и тоа малку што можат да си го дозволат дека им е доволно и дека не треба да бараат и очекуваат повеќе.

-“Папаја, бифтек и што уште не... Во владината менза која не можеме ниту да ја замислиме, а не убедува Премиерот дека тој не пие нескафе, дека не јадел цреши и дека не јадел гројзе, дозволете ми да упатам порака дека ова денеска може да биде само нов почеток на раст на работничките плати или почеток на крајот на мизерните плати за што ќе се бориме без да отстапиме ниту милиметар” додаде.

Од ССМ порачаа дека мораме сите заедно и гласно да кажеме дека платите во Македонија се мизерни, дека функционерите за себе си обезбедуваат луксуз на грбот на сиромашниот народ. Мора работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за повисоки плати и за почитување на работничките права:

-“Ќе го потсетам Премиерот дека вработените во одбраната немаат добиено зголемена плата две години, не знам кој го лаже но тоа е реалноста. Вработените во полицијата добија скратени плати за срамни два проценти, добија 10% наместо 12%. Вработените во Комунална Хигиена кажуваат дека не добиле плата 2 месеци. Вработените во Пошта пред некој ден протестираа затоа што до 15-ти не им беше исплатена платата и од раководството на Пошта беа оставени за најголемите празници без плата. Но, еден заменик директор се закануваше за да ги замолчи работниците дека ќе ги бркал од работа, дека ќе не тужел зошто се бориме, а не се молиме. Во Тутунски Комбинат денеска заменик-директор или втор директор кој за волја на вистината порано бил од СДСМ, а денеска е најголем Вмровец им се заканувал на вработените да преминат во партискиот синдикат затоа што колегите ги предадоа работниците, затоа што Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) не е денеска со нас. Затоа што ги присилуваат да се зачленат таму за да молчат, за да не се борат, за да се молат. Знам дека Премиерот го болат колената, но колегите од КСС кога пушат да стават перниче за да не ги болат и нив”., истакна Трендафилов обвинувајќи го раководството на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) дека не сака да се бори за зголемување на платите на работниците, дека даваат изјави како малку биле зголемени функционерските плати и дека истите требало уште повеќе да се зголемат.

-“Тие се борат за функционерите, а ние се бориме за работниците. Разликата меѓу нас е огромна”.

Претседателот на ССМ во продолжение обвини дека, Владата постојано настојува да не ги почитува колективните договори и дека тајно, на мала врата сака истите да ги укине:

-“Не ги почитуваат колективните договори затоа што сакаат да ви ги укинат, затоа што на мала врата како најголеми душмани на работниците ги сменија законите со кои се укинува можноста со колективен договор да се договори вашата плата и зошто... Затоа што во Колективниот договор е предвиден раст на платите поголем од тоа што тие предвиделе да ви дадат, поголем од ронките со кој сакаат Вие да задоволите”., нагласи Трендафилов.

На крај претставниците на ССМ се заблагодарија за огромната поддршка и порачаа дека борбата нема тука да запре, дека ќе излегуваат на протести се додека не ја постигнат целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.

-“Доколку нема слух од спротивната страна и продолжи игнорантскиот однос и односот со потсмев кон работничката мака, ќе бидат блокирани иституциите, ќе се донесе одлука за генерален штрајк како во јавниот, така и во приватниот сектор. Ќе донесеме одлука за генерален штрајк и така ќе дадеме можност на секој еден работник да излезе на улица и притоа да не може да биде избркан од работното место, да не смее никој да му се заканува да се приклучи како што вечно кажуваат. Сакаме да им порачаме на функционерите дека исто како во Грција, како во Белгија и како во Франција ќе блокираме се во период од 24 часа и газдите ќе бидат виновни што на оваа Влада ќе им се случи првиот генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор затоа што на претходната влада и се случи штрајк само во јавниот сектор.

Ви благодариме и сакаме да ви порачаме дека продолжуваме и доколку не се исполнат нашите заеднички барања за многу кратко време ќе се собереме пак”.

Сосема е јасно дека работниците не излегоа на улица поради некакви политички мотиви или наредби, туку затоа што нивните платите не обезбедуваат ниту минимален пристоен живот за нив и нивните семејства. Излегоа затоа што, веќе не се издржува и затоа што нивното трпение е веќе на крајот. Вчерашниот протест е јасна порака дека прашањето повеќе не е дали работниците ќе се охрабрат и ќе излезат повторно на улиците да протестираат, туку дали Владата и работодавачите конечно ќе ги послушаат нивните барања и ќе постапат, бидејќи ниту една економија и држава не може да се гради само со богати функционери и олигарси, а гладен народ и гладни работници. Сега е сосема јасно дека повеќе нема страв и дека:

Кога Владата и работодавачите не слушаат, работниците и синдикатите ќе зборуваат на улиците низ целата наша држава!

 

 

 

 

 

 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.