Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ГОВОР НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ССМ ДАРКО ДИМОВСКИ ПО ПОВОД 1 ВИ МАЈ

ПОЧИТУВАНИ БРАЌА И СЕСТРИ РАБОТНИЦИ,

ДЕНЕСКА СЕ ОБОИВМЕ ВО ЦРВЕНА БОЈА ПО ПОВОД НАЈГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК НА РАБОТНИЦИТЕ 1 - ВИ МАЈ ВО ИМЕТО НА СОЛИДАРНОСТА, КАКО ЦРВЕНА ЛИНИЈА, КАКО ЦРВЕН КАРТОН, КАКО СТОП ЗА КРШЕЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА

Го одбележуваме Меѓународниот ден на трудот, 1-Ви Мај во услови на здравствената криза, предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, која започна минатата година и претставува најзначајно обележје и сериозен предизвик и за оваа 2021 година.

Работничкиот празник го одбележуваме загрижени за своето и здравјето на нашите семејства, за голем број од нас во услови на намалени плати, откази на договорите за вработување и грижа за нашата елементарна егзистенција.

Како и изминатата, така и оваа 2021 година, празникот го започнуваме со јасен став кој гласно го изразуваме и во оваа прилика, дека нема да дозволиме кризата да се насочи само кон работниците и нивните семејства. Безусловно бараме да се признае дека општеството зависи од трудот и работата на работниците, дека тие се рамноправен и значаен дел од заедницата без кои не може да се обезбеди нејзиниот опстанок и развој.

Кризата само ја забрза потребата да се обезбедат приоритетите на работниците во државата, а ние синдикатите здружени во ССМ, бараме на работниците да им се гарантира пристојна работа и место во општеството кое го заслужуваат со својот труд. 

Чествувањето на историски најзначајниот ден за светското работничко и синдикално движење, ССМ како репрезентативен синдикат во РСМ, го започнува со сериозен апел за потребата од солидарност и заедништво во справувањето со здравстевната криза и последиците од истата на економски и општествен план. Од почетокот на кризата слоганот за солидарност и заедништво беше општо прифатен од сите држави во светот, но во пракса се покажа спротивното. Синдикатите од целиот свет се обединети околу прашањето за потребата од солидарност, заедништво и сплотеност за создавање на еднакви услови, претпоставки и можности за надминување на здравствената криза за сите држави во светот, без оглед на нивната моќ и големина.

Одбележувајќи го денот на трудот, ССМ укажува и повикува на засилени активности на национално ниво за справување со здравствените, економските, општествените, социјалните, еколошките и други предизвици.

Со започнување на кризата, социјалниот дијалог во земјата ги даде резултатите за стабилизација на состојбата и се воспоставија правила и мерки за помош на работниците и грѓаните, но и на компаниите, со цел никој да не остане без работно место и без обезбедена егзистенцијална основа.

Од тогаш помина цела година и ССМ смета дека веќе е потребно да се направат и поинтензивни чекори за побрз развој и унапредување на економската основа во државата. ССМ очекува Владата, покрај активности за управување со кризата и стабилизирање на стопанството, да почне да ги исполнува ветувањата содржани во нејзината програма која беше основа за добивање на владиниот мандат.

Испорачајте го ветеното од  Вашата програма, со поенергични мерки кои ќе бидат видливи за граѓаните, кои ќе бидат развојни за економијата и општеството. Тоа од Вас го очекуваат работниците и граѓаните.

ССМ е спремен во име на работниците кои ги претставува, да биде дел од одлуките донесени по пат на социјален дијалог, но само доколку се работи за одлуки кои обезбедуваат развој, перспектива и напредок.

Потребни се похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите и за креирање на нови визии и перспективи. Ја повикуваме Владата на поголема продуктивност и решителност во делувањето.

На пратениците и на парламентот им укажуваме дека не сакаме да бидеме дел од бавни процеси, кои едвај обезбедуваат одржување на стопанството и општествените текови, време е здравствената криза поенергично, плански и обмислено да се стави под контрола и да се креираат развојни политики и мерки кои ќе обезбедат подобар живот, стабилно и сигурно општество за сите работници и граѓани без дискриминација.

Во оваа прилика, уште еднаш, обраќајќи се до Владата истакнуваме дека бараме:

- Донесување на нов ЗРО според европски стандарди кој ќе содржи:

1. ДОГОВОРИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ ДО 1 ГОДИНА И АВТОМАТСКО ТРАНСФОРМИРАЊЕ ВО ДОГОВОРИ ЗА ВЕРАБОТУВАЊЕ НА НЕОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ ПО ИЗМИНУВАЊЕ НА 1 ГОДИНА

2. ПОРОДИЛНО ОТСУСТВО ОД 12 МЕСЕЦИ

3. КОВИД 19 КАКО ПРОФЕСИОНАЛНО ЗАБОЛУВАЊЕ ПЛАТЕНО 100% 

4. УКИНУВАЊЕ НА ЧЛЕНОТ ОД ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ ЗА КОНТРОЛНИОТ ПЕРИОД

5. ВО КОМПАНИИ НАД 30 РАБОТНИЦИ РЕГУЛИРАЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА СО КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР 

6. ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА КОЈА ТРЕБА ДА ИЗНЕСУВА НАЈМАЛКУ 60% од ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА

6. ПЕНЗИОНИРАЊЕ ПО ПОВЕЌЕ ОСНОВИ 

7. ЗДРАВИ И БЕЗБЕДНИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА

8. ПОДОБАР ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ И ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ ДОСТОЈНИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Ги повикуваме сите работници кои ги препознаат нашите вредности и заложби да се приклучат во семејството на ССМ, семејство на рамноправни членови, работници и граѓани, кои не сакаат само да критикуваат туку сакаат дирекно да се вклучат со сиот свој капацитет и потенцијал, во креирањето и градењето на државата.

Честит празник!

Со почит,

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.