- Македонски
- English
БОРБАТА ЗА РАБОТНИЧКИОТ ДОМ Е БОРБА ПОМЕЃУ СОЦИЈАЛИЗМОТ И КАПИТАЛИЗМОТ
Иако 30 години имаше судења, допрва се разгорува битката на Сојузот на синдикатите на Македонија за сопственост врз објектот што се смета за симбол на работничкиот дух. Работниците велат граделе со свои пари, Врховниот суд пресуди дека во тоа време синдикатот не можел да има сопствени пари за да стекне имот.
Изгубија со 3:0 и не се откажуваат, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ), додека ја врти дебелата црвена папка со документи од минатиот век, во канцеларијата на десетиот кат во зградата на ССМ.
Документите се за изградбата токму на оваа зграда, која повеќе од шест децении била на синдикатите.
„Ова место е свето за нас. Ако ние работниците ја изгубиме зградата на Работнички дом на ССМ, и многу други ќе ги изгубат зградите од времето на поранешниот систем. На сите да им е јасно дека ова не е само наша борба“, уверува Трендафилов.
Во корист на ССМ се повеќе од 15 судски пресуди, од кои шест се само во периодот oд 2005 година до денес - освен последната пресуда на Врховниот суд.
„Ова го нема никаде во светот, па ни во поранешните југословенски републики со кои бевме во ист систем. Синдикатот никогаш не бил државен“, коментира претседателот на ССМ.
Работничкиот дом е импозантен објект, со 13 ката на 8.684 квадратни метри на атрактивна локација во строгиот центар на Скопје. За работниците е симбол на нивниот дух, местото каде се носат сите важни одлуки за работничкото движење.
Зградата почнала да се гради во 1958 година. Според сведоци од тоа време, е меѓу ретките што го преживеала разорниот земјотрес во Скопје пет години подоцна, во 1963 година.
Даница Михајловска била правничка во ССМ повеќе од три децении. Од 90-тите години на минатиот век, кога првпат се вклучила во постапката да се докаже дека зградата е сопственост на ССМ, па до неодамна, собирала документи - од архивата на синдикатот, од државниот Архив, од Катастарот...
Вели, наредени се „под конец“ во црвената папка и сите документи се оригинални.
„Оваа пресуда ја чувствувам ова како личен неуспех. Толку многу труд вложив, толку многу години, за да докажеме нешто што е ноторна вистина. Што е најнепристојно за мене како правник, дури и членарината што ја плаќавме ја третираат како општествена сопственост“, вели Михајловска.
Во купот документи на кои се повикува ССМ има инвестициона програма од 1948 година, договор за расчистување на просторот, договор за градба со градежното претпријатие „Пелагија“- Велес, документи за плаќања, одобрение за употреба на објектот...
„Сите документи се на име на ССМ како единствен инвеститор на Работничкиот дом. Нашите родители со свои пари го граделе. Кога почина татко ми, во неговата архива имаше членска книшка од синдикатот, со платена членарина. Какво е ова право? Неправо? Како тргнале, ако го земат нашиот дом, утре и станот можат да ви го земат. Ваквата одлука создава правна несигурност кај граѓаните“, вели Михајловска.
Според документите, ССМ (или Единствени синдикати на Македонија како што порано се нарекувале) уште во 1948 година обезбедиле 10 отсто од парите за изградба на Работничкиот дом. Во следните 10 години ги обезбедиле сите потребни средства за изградба.
Државата, според Сојузот на синдикати, нема ни еден доказ дека инвестирала еден тогашен динар во изградбата.
Кој прв почна?
Првата одлука да се одземе Работничкиот дом од ССМ е од 9 јули 1992 година, од владата на тогашниот премиер Никола Кљусев. Одлуката ја укинал Уставниот суд, неколку месеци подоцна.
Сопственоста на ССМ ја оспорил и поранешен ПИОМ, кој едно време бил потстанар во зградата. Почнале управни постапки во тогашниот Катастар, кој, според Михајловска, во 1996 година го запишал Сојузот на синдикати на Македонија како сопственик на зградата.
Од 1996 до 2004 година постапки покренувало Државното правобранителство. Од ССМ велат дека имаат и пресуда од Врховниот суд од 2004 година, која „потврдува дека зградата е во сопственост на ССМ“.
Правобранителството не се откажало, па по 2005 година имало уште судски постапки. Последна алка во спорот бил Врховниот суд.
„Пресудата на Врховниот суд не е донесена едногласно, нашите информации се дека две судијки имале издвоено мислење“, вели Трендафилов.
За предметот одлучувале врховните судии Шпенд Деваја - претседател на советот, Јелица Крстевска, Наке Георгиев, Анита Бошковска и Исамедин Лимани.
Мотиви и следни чекори
Претседателот на ССМ нема информации дека некој сака да ја „присвои“ зградата. Според него, ако објектот стане државен, „ќе пропаѓа како и многу други згради за кои државата воопшто не се грижи“.
„Главната цел е да се уништи симболот на работничкото движење, да се обезглават синдикатите, да нè скршат и олигархијата да прави што сака. Тоа нема да го дозволиме. Сите протести и штрајкови се почнати од тука, и за протестот на 1 мај од пред Работничкиот дом ќе тргнеме“, вели Трендафилов.
Иако Врховниот суд е последна судска инстанца, синдикалците не се откажуваат и ја продолжија битката преку вонредни правни лекови.
ССМ поднел предлог да се повтори судската постапка. Според нивни информации, 18 април треба да се одржи рочиште во Основниот граѓански суд кој треба само да го препрати предметот во Врховниот суд. Потоа, Врховниот суд треба да одлучува по барањето да се повтори постапката со истиот судечки совет кој ја донесе првичната одлука.
Синдикалците очекуваат најдоцна до 1 мај врховните судии да ја укинат пресудата и сопственоста на зградата да ја вратат на синдикатот - или во најмала рака, предметот да го вратат на повторно судење.
Во меѓувреме, ССМ поднесе барање и до Уставниот суд, за заштита на правата и слободите. Очекуваат уставните судии да се заинтересираат за предметот затоа што и самиот Уставен суд има одлука од 1992 година според која работничкиот дом е на ССМ.
Ако тоа не се случи, ССМ ќе почне постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
За разлика од порано, сега во зградата на ССМ нема други организации како потстанари. Целиот објект се користи потребите на 20 гранкови синдикати, членки на ССМ, со околу 70.000 членови.
Благодарност до Radio Slobodna Evropa na Makedonski , за сторијата ,,Сага за Работничкиот дом - Зградата во која се судрија социјализмот и капитализмот"
Целата сторија е на линкот https://bitly.ws/3hQrD
Автор: Сунчица Стојановска - Зоксимовска https://bitly.ws/3hJtV