Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

БЛОКИРАНИ ПРАТЕНИЦИТЕ ПРЕД СОБРАНИЕТО!

ССМ И РАБОТНИЦИТЕ ЈА ЗАПОЧНАА ВТОРАТА ФАЗА АКТИВНОСТИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПЛАТИ!

Денеска пред Собранието започна втората фаза активности на работниците и ССМ за зголемување на работничките плати, со одржување на првата од најавените три блокади на сите оние кои решија да молчат, да си ја префрлаат вината и да ги игнорираат барањата за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари кои работниците јасно и гласно ги искажаа за време на големиот работнички протест на ССМ кој се одржа на 28-ми Јануари.

Како што беше и најавено од страна на Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, воопшто не е случајно тоа што работниците решија првата блокада да биде токму на пратениците, бидејќи тоа се луѓето кои не само што имаат енормно високи пратенички плати наспроти минималните работнички плати, туку и поради тоа што истите уживаат и огромни привилегии, без да ја дадат можноста за истите привилегии, плати и права да можат да ги имаат и оние кои ги гласаат, а тоа се работниците и граѓаните.

Пратениците, наместо да ја вршат работата за којашто и се избрани, а таа е да бидат гласот на народот и да бидат народни избраници кои ќе дејствуваат за граѓаните и за работниците, се претворија во обични функционери кои не направија ништо освен што останаа глуви, неми и слепи на сето она што работниците го бараат од нив, а тоа е зголемување на нивните плати и унапредување на нивните работнички права.

- Пратениците се тие кои го игнорираат Предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и кои без срам го блокираат Законот за минимална плата.

- Пратениците се тие кои се прават глуви и слепи на Иницијативата на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.

- Пратениците се тие кои одлучија да ја игнорираат и последната Иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија за намалување на нивните плати за 80%, на начин што ќе си ја намалат основицата за пресметка на нивните плати од просечна плата на минимална плата.

- Пратениците се тие кои одлучија да не си ги намалат нивните коефициенти на сложеност.

- Пратениците се тие кои што само во 2025 година земале 14.369.470 денари за патни трошоци, а тврдат дека нема пари за зголемување на работничките плати.

- Пратениците се тие кои ќе добијат најмалку 250 евра зголемување на нивните плати, а сакаат работниците да се задоволат со само 25 евра.

- Пратениците се тие кои одбиваат во Собранието да гласаат и да ја дадат можноста и за обичниот работник да ужива право на надомест на трошоците за превоз и трошоците за храна, исто онака како што и тие го уживаат ова право и оваа привилегија.

Токму поради овој нивни игнорантски однос, работниците решија прво ним да им го покажат револтот и тоа не само поради нивните огромни плати туку и поради привилегиите кои тие со години ги уживаат без да покажат ниту грам интерес за работничката мака.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов денеска заедно со работниците блокираше пред Собранието, за да праша “до кога Ние работниците ќе бидеме без повисока плата, а вие пратениците со огромни функционерски плати и привилегии кои доаѓаат токму од нашиот џеб, од државни пари”, и во продолжение изјави:

”Добро утро на сите, освен на пратениците... Ќе прашате зошто освен на пратениците..Затоа што две години го блокираат Предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на работничките плати или за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Како што им ветивме, денеска со по 21 човек на две локации ги блокираме да не можат да дојдат со сопствените возила на работа, за да не можат да наплатат трошоци за превоз како да трошат керозин и секако за да мора да дојдат пешки или со јавен градски превоз на своите работни места. Моите информации се дека голем дел од пратеници утринава станале рано за да дојдат пред 9:00 часот на работа за да не се соочат со работниците на улица, затоа што се срамат од своите гласачи, затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата, а од друга страна пратеничката плата според последните најави ќе се зголеми не само за 9,2% колку што си пресмета Гувернерот на Народна Банка дека се зголемува просечната плата во 2025 година, туку и за 12,6% затоа што голема е веројатноста дека Уставниот Суд ќе ја укине Уредбата на Владата од претходната година, што ќе каже дека на 100.000 денари или 120.000 денари добиваат 21% зголемување на нивните плати. Да биде срамот за нив уште поголем тие се подготвени нивните плати, односно коефициенти да ги намалат за 9 % и да не се зголемат, само за да не ги зголемат платите на работниците. Пратениците сакаат работниците, нивните гласачи да живеат и да тонат во сиромаштија. Тоа е срамно и затоа денеска сме тука во 9 часот за да ги блокираме, за да им покажеме дека нечовечки се однесуваат кон работниците, а особено поради тоа што ги слушавме изјавите на пратениците кои изминатите денови жестоко ги бранеа своите плати наместо да се борат за работничките плати, кои жестоко ги бранеа своите патни трошоци кои ги имаат како право кое сме им го дале ние работниците, а не го овозможуваат како такво за нас работниците, па токму и затоа првата дестинација е токму тука, со оваа денешна блокада која ќе ја трае до започнување на седницата на Собранието која е закажана за денес со почеток во 11 часот. Мислам дека денешниот ден треба да ги засрами сите, а најмногу оние 120 избрани пратеници и мислам дека дури денеска на седницата која ќе ја имаат треба да предложат зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати работнички плати за најмалку 6.000 денари или за разликата од претходната минимална плата и новата минимална плата која ќе ја изгласаат. Доколку не го направат тоа, како што ветивме ќе собереме 10.000 потписи, ќе им станеме овластен предлагач на закони и ние работниците ќе им ги намалиме нивните пратенички и нивните функционерски плати. Дополнително сакам да го кажеме дека... не осудуваа дека Иницијативата на ССМ за намалување на нивните плати за 80% била неуставна, затоа што ќе дошле на минималец, па сфатиле колку тешко ќе живеат на минималец и токму затоа сметаат дека е неуставно да им се намалат нивните и онака високи пратенички плати... но прашуваме оттука јасно и гласно како тоа ако ги намалат за 9,2% коефициентите ќе биде уставно, а нема да биде уставно да ги намалат за 80%, односно да ја променат нивната основица за пресметка на плата и сега таа да биде минимална плата, наместо сегашната основица односно - просечна плата онака како што и бара Сојузот на Синдикатите на Македонија. Кажавме дека 28-ми Јануари - Големиот работнички протест е само почеток, кажавме дека ќе правиме таргетирани блокади за кои ќе ни се потребни многу малку луѓе. Согласно Законот за јавните собири, потребни се 21 човек на улица за да блокирате одредена институција, за да блокирате одредена група која ужива на работничката мака и на работничката пот. Тоа ќе го направиме и наредните денови, веќе во четврток ќе го блокираме приодот до Стопанската Комора, а наредниот вторник кога Владата ќе има седница ќе ја блокираме и Владата. Се надевам дека Претседателот на Владата и министрите кои не се излезени од службените автомобили ќе тргнат пешки до своите работни места и ќе поминат покрај работниците, покрај 21 работник на две локации пред Владата за да неможат да дојдат со службените автомобили. Се надевам дека Владата нема да избега, како што денеска избегаа кукавички пратениците, кои многу рано станале за првпат можеби и во нивната пратеничка кариера и дошле на своите работни места пред 8 часот според нашите информации. За крај денеска не смеат да наплатат патните трошоци, не смеат да наплатат патни трошоци онака како што наплаќаат во висина од над 14 милиони денари во претходната година или како што имаме рекордери кои наплатиле над 10.000 евра за една година доаѓање на работа, нешто што работниците го немаат како право. Ќе се обратиме и до Претседателот на Собранието за како информација од јавен карактер да не извести кој е тој алчен пратеник кој за денешниот ден ќе наплати 100, 150 или 200 евра патни трошоци затоа што доаѓа на работа. Уште еднаш ќе ја искористам приликата да им се заблагодарам и на полициските службеници кои денеска за жал мораат да стојат со нас на ладното и сакам да им кажам дека и за нив баравме 20% зголемување на нивните плати токму во ова Собрание. Но, пратениците кои тие денеска се принудени да ги чуваат, не го изгласаа нашето барање за зголемување за 20% на нивните плати. Денеска и тие мораат да стојат за жал со нас на студот, додека пратениците повторно седат удобно во нивните пратенички канцеларии и потоа од 11 часот во нивните пратенички фотелји…Мислам дека денеска е денот кога пратениците треба да се засрамат или во спротивност и како одговор на нивниот игнорантски однос на работничките барања нема да бидат повеќе пратеници, како што не се пратеници многу нивни колеги”.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.