Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

БЛОКИРАНИ  И ВЛАДИНИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ

Денеска синдикалните претставници на ССМ во име на работниците ја блокираа Владата за да не можат Владините претставници да дојдат со своите службени возила, туку да бидат приморани да дојдат пешки на своите работни места или да дојдат на закажаната седница на Владата, токму онака како што тоа го прават секојдневно работниците, и ги повторија работничките барања, а тоа се итно зголемување на минималната плата на 600 евра како и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.

Втората фаза на синдикални активности за зголемување на работничките плати продолжи со блокадата на Владата, а на денешната прес-конференција Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов најави дека доколку не се исполнат работничките барања до крајот на месец февруари, следуваат таргетирани блокади во другите градови, како и дека во првата половина на месец март ќе следи генерален штрајк во јавниот сектор и приватниот сектор и уште еден голем работнички протест на ССМ за кој овој пат ќе биде организиран и превоз од останатите градови за секој работник кој ќе сака да присуствува.

Па така, Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, на денешните блокади изјави дека:

“Добар ден на сите, освен на министрите во Владата”.

“Денеска тука дојдовме 3 луѓе повеќе од претходните протести со блокади... Денеска сме тука 24 луѓе затоа што 24 министри во Владата или Владини функционери уживаат на грбот на 540.000 работници. 24 министри во Владата на денешната седница на Владата треба да предложат измени и дополнување на Законот за минимална плата ако сакаат да бидат за работниците, ако сакаат да се зголеми минималната плата на 600 евра и да се зголемат сите останати плати за разликата од претходната минимална плата до новата минимална плата или за најмалку 6.000 денари.

Тоа што е клучно или одговор на прашањето зошто сме на улица, сакаме јасно да нагласиме дека сме на улица затоа што Законот за јавните собири предвидува дека 21 човек се доволни да им прават проблеми и на функционерите и на газдите. 21 човек се повеќе од доволни да ги нервираат, исто онака како што тие ги нервираат работниците две години, а работниците не можат да врзат крај со крај секој месец.

 Аргументите кои ги изнесувавме минатата година на седниците на Економско-социјалниот совет кои се одржуваа позади мене во оваа Влада, не беа прифатени од Владините претставници и од претставниците на работодавачите. Аргументите на ССМ дека на секоја една затворена компанија, две нови се отвараат, аргументите дека бројот на вработени од последното зголемување на минималната плата во 2022-та година до денес е зголемен, аргументите дека ние работниците им создаваме огромен капитал на газдите на годишно ниво во нето износ, аргументите за продуктивноста кои беа нивен најголем изговор кога велеа дека работниците во Република Македонија не се доволно продуктивни, дека не можат да ги зголемат платите затоа што нема доволно продуктивност или дека ќе ги зголемеле платите, ако се зголемела продуктивноста....

Токму тие аргументи како што и веќе објавивме Меѓународната организација на трудот (МОТ) ги изнесе пред некој ден со кои се потврдува дека македонскиот работник е и премногу продуктивен односно дека работникот со минимална плата од 24.397,00 денари му создава 290.000,00 денари месечно на газдата, на Владата, на функционерите и на сите останати. Само 17% од тој колач се дава на работниците за плата. Дека има пари во државата има, меѓутоа тие не се правилно распоредени. Тие сакаат да ги уживаат сите бенефиции и придобивки кои им ги даваат гласачите, кои им ги даваат работниците, наспроти сиромаштијата на работниците.

Упатуваме порака до Владата денеска на денешната седница многу сериозно да се разговара за барањето на работниците за зголемување на минималната плата, како и за зголемување на останатите плати. Бараме многу сериозно да размислуваат и да разговараат на денешната седница и да ги ослободат работодавачите или да подадат рака и на бизнисот, како што ќе подадат рака на работниците за зголемување на платите и за ослободување на придонесите за задолжително социјално осигурување.

Ги потсетуваме, дека пред една година кога бевме тука на преговори и на разговори тие тоа еднострано го одбија иако ССМ и работодавачите беа договорени за најмалку 6.000 денари да се зголемат платите на сите работниците во државата. Некој тоа еднострано го одби и го минираше целиот процес, а тој процес денеска го чини државниот буџет 10 милиони евра месечно или 120 милиони евра на годишно ниво.

Како што кажав денеска сме тука 24 луѓе колку што има 24 министри во Владата или Владини функционери...

 Но, исто така сакам да порачам дека денеска имавме седница на Претседателството на ССМ на која донесовме неколку заклучоци и неколку одлуки кои сакам да ги соопштам сега. Во наредниот период не ги исклучуваме ваквите таргетирани протести со 21 човек на улица, за да не ги заокружуваат за да не ги оцрнуваат луѓето и за да не им се закануваат, да продолжат и по градовите по потреба, таргетирани градови и локации каде што ќе предизвикаме функционерите и таму да не можат да се движат или да бидат приморани да доаѓаат пешки на работа онака како што доаѓаат денеска, како што доаѓаа пред некој ден, како што доаѓаа и пред една недела.

Дополнително оставаме простор до крајот на месец февруари да седнат и да се договорат и да кажат за колку пари ќе ја зголемат минималната плата и за колку пари се спремни да ги зголемат сите останати работнички плати, затоа што веќе немаат апсолутно никакви аргументи. Нивниот главен изговор – продуктивноста кој како изговор го вртеа 35 години во Македонија, ги чинеше иселување на најквалификуваните работници од земјава, и не само квалификуваните работници, туку и нивните семејства.

 Ако до крајот на месец февруари не се договорат и не разговараат за зголемување на минималната и на сите останати плати, следува генерален штрајк, со генерален работнички протест во неработно време, на кој ќе бидат повикани сите работници кои сметаат дека платите им се ниски. За сите работници ќе обезбедиме превоз за да нема никој изговор. Сите ќе излеземе на улица за да докажеме дека не сме задоволни од платите. Тоа ќе биде во првата половина на март, затоа што март е месецот кога треба да се утврди висината на минималната плата.

Аргументите кои не сакаат да ги слушнат на маса до минатата година, односно до крајот на минатата година еве ги изнесуваме и на улица. Можеме да ги изнесеме повторно на маса, но да ни се потсмеваат и да ни кажуваат како тие сметаат дека минималната плата треба да изнесува и 800 евра ама не сакаат да ја зголемат е нешто што е несериозно во една демократска држава. 21 човек на три места во оваа втора фаза ги исплашија многу, но сакам да им порачам дека доколку на денешната седница на Влада донесат Одлуката за зголемување на платите нема да има повеќе блокади и протести, а мене нема да ме видат никаде, ни на протест, ни на медиуми, ни на социјални мрежи или каде било во јавен настап”.

Од Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) уште еднаш повторија дека ниту видеата, ниту следењата, заокружувањата со фломастер на тие кои протестираат, нема да ги заплаши ниту синдикалните претставници ниту работниците и дека тие ќе ја водат синдикалната битка до крај.

Претседателот на ССМ на крајот потсети дека минималната плата минатата година ја утврди Министерот за Економија и труд без согласност на Економско – социјалниот совет и спротивно на Законот и кажа:

Се надеваме дека оваа година таквата пракса нема да ја повторат и сакам да им порачам дека ССМ нема да се откаже од борбата за достоинствена плата. Ако минималната плата законски биде усогласена во месец март зголемувањето ќе биде до 1.700 денари, ако некој смета дека треба да се откажеме слободно нека го каже тоа, но ако некој смета дека треба да продолжиме да се бориме – не треба само да го коментира тоа, туку да излезе на улица со нас затоа што само така можевме да се избориме за нашите работнички права и зголемување на нашите работнички плати”.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.