Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

АКО ТРПИ РАБОТНИКОТ ШТЕТА, ЌЕ ТРПИ ДРЖАВАТА, А ШТЕТА ЌЕ ТРПАТ СИТЕ РАБОТОДАВАЧИ И СИТЕ ИНСТИТУЦИИ - ДАРКО ДИМОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ССМ

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на неговите највисоки органи и тела ( Претседателството и Советот на ССМ) едногласно на денешните седници одлучи на 1 Мај да организира масовен протест со кој ќе се изрази револтот од незголемување на останатите плати со порастот на минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари. Претседателот на ССМ Дарко Димовски на прес-конференција рече дека се отворени за дијалог, а другата страна како социјален партнер досега нема слух за заедничко решавање на ова важно прашање, како што рече, да го решат проблемот.

– А тоа е многу едноставно – 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор од 1 мај, вклучително од општиот работник до претседателот на Државата. Со ова ССМ докажува дека е доследен на неговото барање.

Ги повикуваме и сите останати конфедерации, унии, синдикати, незадоволни работници, пензионери, граѓани да се придружат на масовниот првомајски протест.

На 1ви Мај борбата ќе биде на улица, а не на плажите и на планините. Ние, работниците, да ја сфатиме сериозно оваа порака – да излеземе на 1ви Мај и да ги оствариме нашите работнички права.

Денеска е објавена синдикалната минимална потрошувачка кошничка која изнесува 36.786 денари, порасната е за 922 денари зашто во јануари таа изнесуваше 35.811 денари, а ова кажува дека е неопходно и што побрзо зголемување на сите останати плати, истакна Димовски.

Претседателот на ССМ, Димовски ги повика сите синдикати, конфедерации и унии да се приклучат на барањето на ССМ кое, рече, е фер решение за сите три социјални партнери, а не ја исклучи ни можноста, протестот да прерасне во генерален семасовен штрајк доколку Владата и работодавачите во јавниот и во приватниот сектор не одговорат на барањето на работниците и ССМ.

Генерален штрајк ќе значи, рече Димовски, членовите на сите синдикати кои се во ССМ да прекинат со процесот на работа во работното време, а ако трпи работникот штета, ќе трпи државата, а штета ќе трпат сите работодавачи и сите институции.

– 1ви Мај се паѓа во продолжен викенд, убаво е на продолжен викенд, но уште поубаво е сите да земеме зголемени плати, борбата за плата е на улица, а не на плажа, на планина или на скара.

 

Линк од видеото :

<iframe src="https://www.facebook.com/plugins/post.php?href=https%3A%2F%2Fwww.faceboo..." width="500" height="372" style="border:none;overflow:hidden" scrolling="no" frameborder="0" allowfullscreen="true" allow="autoplay; clipboard-write; encrypted-media; picture-in-picture; web-share"></iframe>

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.