- Македонски
- English

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) со поддршка на Фондацијата Фридрих Еберт Скопје (ФЕС) и оваа година организираше дводневна Академија за синдикализам за синдикалните претставници, синдикални активисти и правните застапници кои доаѓаат од сите гранковите синдикати здружени во ССМ.


Синдикалните претставници на гранковите синдикатите здружени во ССМ преку презентации, работа во групи и активно учество на синдикалната академија разговараа за мошне значајни синдикални теми како што се правата на работниците и синдикатите кои произлегуваат од слободата на синдикалното здружување и правото на организирање, но се разговараше и за повредите на слободата на синдикално здружување и организирање во практиката.
Понатаму беше опфатена и сесија за колективното договарање, механизимите за успешно колективно договарање и сите прашања и особености кои се однесуваат и кои се опфатени со колективното договарање. За крај учесниците разговараа и за правото на штрајк, основните елементи на правото на штрајк, процесните претпоставки за организирање и поведување на штрајк, а беа и споделени лични искуства со организирање и учество на штрајк.


На отварањето на Синдикалната Академија свое обраќање имаа Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, Потпретседателот на ССМ за приватен сектор Иван Пешевски, кои заедно со Валон Садики, Менаџерот на програми на ФЕС, на присутните учесници од сите гранкови синдикати на ССМ кои доаѓаат од јавниот сектор и приватниот сектор најпрво им посакаа успешна работа и им порачаа дека само преку членување во синдикатите и активно синдикално учество ќе успееме да изградиме уште побројни и посилни синдикати и синдикални претставници, што несомнено ќе значи заштита, подобрување и унапредување на работничките права, успешна борба за зголемување на платите на сите работници, а особено ќе значи креирање на синдикати кои ќе бидат моќни социјални партнери и со тоа ќе се зацврсти нивната улога што е особено значајно за успешна синдикална борба при претставувањето и заштитата на работниците на секое ниво во областа на трудот во нашата држава.

Проф. д-р Александар Ристовски од Правен Факултет Јустинијан Први во Скопје беше задолжен за водење на Синдикалната Академија, пренесување и проширување на знаењата на сите учесници за синдикалните теми кои беа дел од Агендата, како што се синдикалното здружување, работничките права и нивната заштита и унапредување, колективното договарање, правото на штрајк меѓу останатите теми на дискусија кои произлегоа за време на презентациите, работата во групи и активното учество на сите синдикални претставници. Кратките теоретски предавања, презентациите и динамичната работа во групи со богатата дискусија овозможија да учесниците имаат можност да се стекнат со нови знаења, да ги разменат своите искуства за синдикалното дејствување во јавниот и приватниот сектор, да направат споредби, да ги истакнат предностите на синдикатите, перспективите и идни можности, меѓутоа и да ги истакнат постоечките слабостите кои ќе ја претставуваат идната основа за подобрување на синдикалното организирање и дејствување.
Синдикалната Академија која е целосно посветена на синдикална едукација заради градење на синдикални претставници кои ќе претставуваат идниот столб на синдикалното движење во нашата држава е дел од работната годишна програма на ССМ и на ФЕС, но оваа година со посебно значење бидејќи истата се организираше како дел од Програмата на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) посветена на одбележување на еден мошне значаен јубилеј – 80 години од основањето и 80 години синдикална борба.

Несомнено е дека Сојузот на синдикатите на Македонија, како најстар и репрезентативен синдикат и социјален партнер во државата, повеќе од седум децении се бори и се залага за унапредување на правата, интересите и потребите на работниците, како и за превземање на активности и мерки кои придонесуваат за развој на економијата и општеството во целина.
Одржувањето на оваа Синдикална Академија, како и сите идни синдикални работилници и обуки кои ќе значат зближување и вмрежување на синдикалните претставници од различни сектори се од огромно значење особено во овој период на силна синдикална активност на ССМ преку организирање на два големи работнички протести од почетокот на оваа година со учество на илјадници работници од една страна, но и период на засилени притисоци врз нашето синдикално движење токму поради нашата борба за зголемување на минималната плата и на сите останати плати во нашата држава.


Само здружени работници, ќе дадат посилни синдикати, а силните синдикати ни се особено потребни сега во време кога ССМ не само што води синдикална борба за зголемување на платите заради заштита на животниот стандард на сите работници и граѓани, туку и борба за зачувување на Колективните договори кои се на удар од носителите на власта и креаторите на политиките, води борба и за активирање, унапредување, но и заштита на социјалниот дијалог во нашата држава кој доколку се земат предвид моменталните состојби на пазарот на трудот не ги дава посакуваните резултати потребни за подобрување на животот во нашата држава во овие мигови на постоечки кризи на светско ниво и кризни текови кои особено значат удар за помалите и посиромашните држави како што е и нашата.


Присутните синдикални претставници ја истакнаа потребата за изнаоѓање и на креативни решенија и планирање на превземање на идни синдикални активности кои ќе овозможат синдикална обнова или зголемување на синдикалното членство и проширување на синдикалните организации на ССМ како во јавниот, така и во приватниот сектор, што ќе значи зацврстување на нашата улога во општетството и остварување на сите цели на нашата синдикална борба која се одвива пред очите на јавноста.
Синдикалната борба продолжува!