Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

28 АПРИЛ, СВЕТСКИ ДЕН ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА

Здравите и безбедни услови за работа на работниците се континуирано во фокусот на ангажманот на Сојузот на синдикатите на Македонија . Тие се императив на концептот на МОТ за пристојна работа, а со тоа и наш приоритет и постојан предизвик.

Ковид кризата потврди дека здравјето е основен предуслов за сите општествени и економски процеси во државата , затоа што работниците и граѓаните се најважниот ресурс на државата , тие се движечката сила на развојните процеси во сите области.

ССМ се залага за концептот на интегрирано делување на сите социјални партнери , научната , стручната јавност и граѓанскиот сектор во насока на унапредување на здравите и безбедни услови за работа .

Социјалниот дијалог на овој план од година во година се зајакнува и подобрува , но ССМ смета дека сеуште не се обезбедени оптимални услови за целосна сигурност и безбедност , како и за обезбедување на континуирано унапредување на состојбата со здравите и безбедни услови за работа во компаниите .

Најзначаен придонес во унапредувањето на здравите и безбедни услови за работа по пат на социјален дијалог и со зедничко делување на сите чинители во општеството , се обезбедува преку Националниот совет за БЗР каде ССМ има свои претставници. Во наредниот период треба да се преземат активности за зајакнување на неговата улога и значење во целокупните процеси во оваа област.

Како репрезентативен синдикат и актуелен социјален партнер, ССМ учествува и во креирањето на правната рамка во областа на безбедноста и здравјето при работа и даде активен придонес во постапката за донесување на Законот за БЗР и неговите измени и дополнувања .

Измените на законот направени на иницијатива на ССМ одеа во правец на обезбедување на активна улога на претседателот на синдикалната организација како и на претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа во постапките за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа во работните средини , како и во процесите за зајакнување на социјалниот дијалог и колективното договарање во оваа област.

Приоритет на делување на ССМ ви наредниот период ќе биде регулирање на правата и обврските на работниците и работодавачите во оваа област по пат на колективни договори како двострано обврзувачки акти .

ССМ перманентно работи на планот на подигање на капацитетите на своето членство и синдикалните раководстава за стекнување на знаења за правата и обврските на работниците на планот на безбедност и здравје при работа , само обучени и оспособени работници се во состојба да се грижат за своето здравје и безбедноста на сите во текот на работниот процес.

Очекуваме работодавачите да го реализираат својот дел од обврските на овој план, секој во својата компанија, затоа што и според меѓународните трудови стандарди за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа во работните средини првенствено се одговорни работодавачите .

И на крајот сакам да напоменам дека ССМ е отворен за соработка со инспекциските и други државни органи , преставниците на работодавачите , научната , стручната јавност и граѓанскиот сектор во насока на унапредување на состојбата за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа на сите работници.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.