Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

КОЛКУ ГУБИ ДРЖАВАТА ОД НЕФОРМАЛНОТО ВРАБОТУВАЊЕ?

КОЛКУ ГУБИ ДРЖАВАТА ОД НЕФОРМАЛНОТО ВРАБОТУВАЊЕ?

Неформалното вработување не значи само повреда на работничките права. Тоа значи и изгубени приходи за државата и нејзините фондови.

Податоците на Државниот завод за статистика, Управата за јавни приходи и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување отвораат сериозно прашање:

Колку средства не се слеваат во јавните (државните ПИОМ и ФЗОМ) фондови поради неформалното вработување и ниските пријавени плати?

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во Македонија има 90.020 невработени лица, додека 101.022 лица се неформално вработени.

Токму бројката од 101.022 неформално вработени лица е особено значајна за оваа анализа.

Ако се постави прашањето што би значело формализирање на 101.022 неформално вработени лица, тогаш за потребите на анализата правиме симулација за тоа ако сите 101.022 неформално вработени лица работат за плата на ниво на минималната плата, без дополнителни додатоци.

При нето минимална плата од 26.046 денари и бруто минимална плата од 38.507 денари, разликата меѓу нето и бруто износот е: 38.507 − 26.046 = 12.461 денари месечно по работник.

Тоа значи дека доколку сите 101.022 неформално вработени лица би биле формализирани и би биле пријавени на минимална плата, вкупниот износ на бруто обврски поврзани со нивната плата би бил значително поголем
.
Потенцијален месечен износ: 12.461 денар × 101.022 работници = 1.258.838.442 денари што е приближно 20,4 милиони евра месечно.

На годишно ниво: 1.258.838.442 × 12 = 15.106.061.304 денари или приближно 245 милиони евра годишно.

Важно е да се нагласи дека ова претставува илустративна проценка на разликата меѓу нето и бруто износот, а не тврдење дека целиот износ претставува само придонеси за задолжително социјално осигурување затоа што структурата на бруто-платата вклучува различни јавни давачки.

Сликата станува уште посериозна ако за илустрација се земе просечната плата во 2025 година.

Просечната нето-плата изнесувала 45.198 денари, додека просечната бруто-плата изнесувала 67.951 денар.

Разликата во тој случај изнесува: 67.951 − 45.198 = 22.753 денари месечно по работник.

Ако истата разлика се примени на 101.022 неформално вработени лица: 22.753 × 101.022 = 2.297.557.566 денари месечно.

Тоа е приближно 37,3 милиони евра месечно.

На годишно ниво:
2.297.557.566 × 12 = 27.570.690.792 денари
или приближно 448 милиони евра годишно.

Повторно, станува збор за илустративна проценка на вкупната разлика меѓу нето и бруто-платата, а не за износ кој во целост може да се припише само на придонесите.

Но, проблемот не е само во неформалното вработување.

Податоците на Управата за јавни приходи откриваат уште еден сериозен проблем, а тоа се ниските пријавени плати на формално вработените работници со Договор за вработување, односно платите кои се евидентирани преку Мпин системот на Управата за јавни приходи.

Во текот на 2025 година, според податоците на УЈП, во просек околу 521.000 вработени примале плата преку МПИН и биле опфатени со формален работен однос.

Но, формалното вработување само по себе не значи и дека работниците имаат плата доволна за достоинствен живот, напротив, во секој месец од 2025 година, околу 73% од вработените примале плата пониска од просечната плата.

Практично, тоа значи дека на секои 100.000 вработени, околу 73.000 примаат плата под просечната.

Овој податок е важен затоа што покажува дека проблемот со ниските приходи не се однесува само на оние кои работат неформално.
Тој е присутен и кај голем број работници кои се формално вработени.

Дополнително загрижувачки е податокот дека околу 50% од вработените во редовен работен однос примаат плата до 600 евра и тоа со вклучени додатоци на плата.

Тоа значи дека приближно секој втор работник во формалниот систем има приход кој е под ова ниво и затоа прашањето за минималната плата не може да се гледа изолирано.

Минималната плата претставува долна граница на вреднувањето на трудот на работниците и под која не смее да се исплати ниту една плата на работниците за полно работно време во која не се вклученк додатоците на плата, но истовремено влијае и врз останатите плати и врз вкупната куповна моќ на работниците.

Од друга страна, ако ја погледнеме пошироката слика, особено внимание заслужува и разликата во податоците на институциите.

УЈП за 2025 година евидентира во просек околу 521.000 вработени кои примале плата преку МПИН, додека Фондот на пензиското и инвалидското осигурување евидентирал 570.206 осигуреници по основ на задолжително социјално осигурување.

Овие податоци не се нужно директно споредливи, бидејќи институциите имаат различен опфат и методологија на евиденција.

Но, тие се доволен повод за дополнително институционално испитување на состојбите на пазарот на трудот, особено во услови кога Државниот завод за статистика регистрира повеќе од 100.000 неформално вработени лица.

Податоците на ФПИОМ дополнително го нагласуваат значењето на формалното вработување и редовната уплата на придонесите.

Со 570.206 осигуреници (работници кои плаќаат придонеси), според податоците за корисниците на пензија, соодносот е приближно 610 пензионери на 1.000 осигуреници ( работници ), односно околу 1,64 работници на еден пензионер.

Ова е сериозен сигнал за одржливоста на системот на задолжително социјално осигурување затоа што колку повеќе работници се надвор од формалниот систем и колку се пониски пријавените плати, толку е помала и приходната база врз која се темели финансирањето на јавните фондови.

Во јавната дебата зголемувањето на минималната плата често се претставува исклучиво како дополнителен трошок за работодавачите.

Но, постои и другата страна на равенката.

Повисока плата значи и повисока основа за пресметка на јавните давачки.
Тоа значи дека:

• работникот добива повисок приход;
• се зголемува куповната моќ;
• се зголемуваат приходите од даноци и придонеси;
• се зајакнува приходната страна на јавните фондови;
• се намалува просторот за исплата на плати „во плик“;
• се намалува јазот меѓу формалното и неформалното вработување.

Затоа, зголемувањето на минималната плата треба да се гледа и како приходна мерка, а не само како расход.

Доколку во државата има 101.022 неформално вработени лица, тогаш прашањето не треба да биде само:

„Колку ќе ги чини работодавачите зголемувањето на минималната плата?“

Туку и: „Колку државата губи затоа што десетици илјади работници се надвор од формалниот систем и колку дополнителни средства би се слеале во јавните фондови доколку нивниот труд биде формализиран и соодветно платен?“

Нашата проценка покажува дека, зависно од применетото сценарио, разликата меѓу нето и бруто-платата за 101.022 неформално вработени лица претставува потенцијал од околу 245 милиони евра годишно при минимална плата до 448 милиони евра годишно при просечна плата.

Ова не се пари кои автоматски би се слеале во буџетот само со административна одлука. Но, тие бројки го покажуваат потенцијалот на приходите што се губат доколку трудот останува надвор од формалниот систем.

Логичниот заклучок би бил следниот:

Неформалното вработување не е само проблем на работникот.
Тоа е проблем и на државата, јавните фондови и целото општество.

Работникот без формален договор губи права, социјална сигурност и заштита.

Државата, пак, губи приходи.

А кога на ова ќе се додадат ниските пријавени плати кај формално вработените, станува јасно дека проблемот со приходите во јавните фондови не може да се решава само со повисоки даноци, туку со кратење на јавните расходи.

Потребни се повисоки плати, формализација на работните места, ефикасна борба против сивата економија и доследна контрола на исплатата на реалните плати.

Затоа Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека борбата за повисока минимална плата не е само борба за подобар животен стандард на работниците туку тоа е и борба против сивата економија.

Тоа е борба за поголеми приходи во фондовите за пензиско и инвалидско осигурување и фондот за здравство.

Тоа е борба за одржлив пензиски и социјален систем.

И, конечно, тоа е борба за држава во која трудот се плаќа и пријавува реално.

Прашањето затоа не е само колку чини повисоката минимална плата.

Прашањето е: колку ја чини државата ниската плата, непријавениот труд и сивата економија?

ТРУДБЕНИК

Извор: Сојуз на синдикатите на Македонија, Државен завод за статистика, Управа за јавни приходи и Фонд на пензиското и инвалидското осигурување. Пресметките во анализата се илустративни и се засноваат на претпоставките наведени во текстот.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.