Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Започната кампања за борба против сивата економија и непријавената работа

2.11.2015

Слика 1. Претседателот д-р Митревски на панел дебататаСлика 1. Претседателот д-р Митревски на панел дебатата

Сојузот на синдикатите на Македонија и Секцијата на млади при Сојузот на синдикатите на Македонија на 2.11.2015 година започнаа со спроведување на кампања за сивата економија, со наслов: "Приклучи се и кажи СТОП за сивата економија, кажи СТОП за непријавената работа" во рамките на проектот „Даноци, неформална економија и корупција на земјите од Западен Балкан“, реализиран од страна на Меѓународната конфедерација на синдикати (МКС) и Пан европскиот регионален совет (ПЕРК), како и Норвешката конфедерација на синдикати (ЛО).

Слика 2. Прес конференцијаСлика 2. Прес конференција

Започнувањето на кампањата, за која беа изготвени и пропаганди материјали (постери и флаери), беше проследено со прес конференција на која претседателот д-р Живко Митревски истакна дека кампањата ќе содржи низа мерки почнувајќи од обуки за невработените до активности со кои ќе се укаже што треба да се преземе за заштита на вработените од работата на црно.

– Ја започнуваме кампањата против ова општествено зло, односно против работата на црно. Анализите од досегашните испитувања покажаа дека околу 22,5 проценти укажуваат на неформална економија во Македонија, истакна претседателот на ССМ Живко Митревски.

На панел дебата свое обраќање имаа претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски, претседателот на Секцијата на млади, м-р Лидија Насковска, претставниците од ИПА Проектот: Поддршка на борбата против непријавена работа, г-дин Џефри Филдхаус, тим лидер и Брајан Карни, експерт, како и претставниците од Сојузот на синдикатите на Македонија, Лиле Петрова, ССМ и Љупчо Василевски, РСП Битола.

Главната цел на панел дебатата е започнување кампања за борба против сивата економија и непријавената работа, подигнување на капацитетите и свеста кај младите за ова конкретно прашање, запознавање со начините на премин од неформален во формален облик на вработување и зајакнување на капацитетите на различните национални актери вклучени во борбата против непријавената работа. Со оваа кампања ќе се подобри ефикасноста и ефективноста на борбата против непријавената работа во земјата преку систематизирано и координирано вклучување на релевантни институционални актери и социјални партнери во борбата против непријавената работа.

Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски истакна дека формализирањето на неформалната економија останува област од висок приоритет за Сојузот на синдикатите на Македонија. Проценето е дека неформалното вработување учествува со повеќе од 22,5% во вкупното вработување во земјата (58.811 од вкупно 271.307 вработени жени и 93.993 од 407.531 вработени мажи). Високата зачестеност на неформалното вработување има различни негативни последици за економијата, за работните услови воопшто и за процесот за креирање на политиките. Ниските даночни приходи, што се должат на неплаќањето на придонесите на платата, ги ограничуваат капацитетите на Владата за воведување ефективни политики за пазарот на трудот и за социјална заштита. Дополнително, големиот сегмент на неформалната економија и широко распространетата практика на пријавување пониски плати создаваат сериозни проблеми за опфатот и финансирањето на системите за социјално осигурување, на тој начин лишувајќи ги овие работници и нивните семејства од заштитата против значителните социјални ризици.

Слика 3. Учесници на панел дебататаСлика 3. Учесници на панел дебатата

Претставниците од ИПА Проектот: Поддршка на борбата против непријавена работа, г-дин Џефри Филдхаус, тим лидер и Брајан Карни, експерт, имаа своја презентација насловена: Улогата на социјалните партнери во борбата против непријавената работа во која го презентираа истражувањето за непријавена работа спроведено низ земјата реализирано преку 2019 успешни интервјуа. Исто така се осврнаа на моменталната ситуација со непријавена работа во Македонија, нејзината големина, опфат и природа, како и презентација на различните кампањи за неформална економија спроведени во Европа и светот.

Во своите презентации претставниците од ССМ, Лиле Петрова и Љупчо Василевски се осврнаа на Договорите за вработување како предуслов за искоренување на непријавената работа како и дадоа компаративна анализа на националното законодавство со ЕУ легислативата.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.