Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Ставови на ССМ

Сојузот на синдикатите на Македонија како единствен Репрезентативен претставник на работниците во нашата Држава, настојува секогаш, а особено во овие услови, во името на работниците кои се членови на синдикатите здружени во ССМ, да ги пренесува нивните барања и укажувања, од кои во наредниот период без оглед на тоа кој ќе формира Влада, нема да отстапиме и тие ќе претставуваат почетна основа за преговори со социјалните партнери, па со гласот на работници укажуваме на следните:

Ставови на ССМ:

Новиот Закон за работните односи треба да ги содржи европските и светските тенденции во работно правните односи.

Во таа насока се залагаме за:
• договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови и со траење до 1 година
• 38 часовна работна недела,
• породилно отсуство во траење од 12 месеци,
• доследно почитување на правото за уредување на плата со закон и КД
• целосно остварување на правото на годишен одмор
• сабота и недела денови на неделен одмор
• унапредување на здравите и безбедни услови за работа во компаниите.
• почитување на конвенциите за слобода на синдикално организирање и функционирање
• Работодавачот да биде должен да ги отпочне преговорите во рок од 30 дена од доставен присмен предлог на Колективен договор на ниво на работодавач од страна на синдикатот.
• унапредување на колективното договарање ( потпишување на ОКД за приватен сектор и за јавен сектор) и социјалниот дијалог на сите нивоа затоа што не може да се одлучува за нашите права без нас.

Воведување на повеќе услови за пензионирање во Законот за пензиско и инвалидско осигурување

Покрај постојниот услов за пензионирање, да се воведат и следните услови за пензионирање:

1. Старосна пензија - по работен стаж

• 35 години работен стаж - жена - без оглед на годините на возраст
• 40 години работен стаж - маж - без оглед на годините на возраст

2. Старосна пензија - по возраст или работен стаж - по дејности

Работниците во државата се вработени во различни дејности и извршуваат работни задачи кои се различни по тежина и по услови каде тие се извршуваат. Затоа е потребно со закон да се предвидат едни услови за пензионирање на градежен работник, на текстилен работник, на рудар од оној работник на пример што е вработен во администрација. Доколку се утврдат различни услови на пензионирање тие ќе бидат со право на избор на работниците, а не задолжителни, од волјата на работникот ќе зависи под кои услови ќе сака да се пензионира.

3. Предвремена старосна пензија по возраст

Се предлага да се воведе право на работниците на предвремена старосна пензија која би се остварувала по условот возраст од 60 години, со минимум работен стаж од 15 години.

Корисници на предвремена старосна пензија можат да бидат работници кои работат но, неможат да продолжат да работат од одредени причини (здравствени, работни, а неможат да се прогласат инвалиди, поради стечај или ликвидација) или се невработени, а го исполнуваат условот - минимум 15 години работен стаж. Овој вид на пензија би се остварувала исклучиво по вoлја и барање на работникот.

Овој услов за пензионирање во скоро сите земји од Европската Унија е познат како општ услов за пензионирање и тој се остварува на 60 години возраст.

4. Неполна старосна пензија по возраст

• да се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж,

• правото на само уплатување на придонесот, да го имаат работници на кои им недостасуваат до 3 години работен стаж од минималните 15, а го исполнуваат условот возраст ( 62, односно 64 години).

5. Воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците

Минимална плата

На иницијативата на Сојузот на синдикатите на Македонија, беше донесен Законот за минимална плата со цел да се заштитат работниците од прекумерно ниските плати кои се исплаќаат во државата а воедно утврдената минимална плата птретставува и еден елемент на политиките за сузбивање на сиромаштијата и намалување на нееднаквоста, вклучувајќи ја онаа меѓу мажите и жените, преку промовирање на правото на еднаков надоместок за работа со иста вредност.

ССМ укажува дека во услови кога Синдикалната минимална кошница за јуни 2020 година изнесува 33.487,00 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата која согласно Европските препораки и тенденции треба да изнесува најмалку 60 % од просечната плата во државата.

Сојузот на синдикатите на Македонија во континуитет се залага и бара зголемување на минималната плата се со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства.а, поради што е потребно да се следи растот на минималната плата и ова зголемување на минималната плата да биде основа за скалесто зголемување на сите плати на работниците, што може многу лесно да се случи преку почитување на колективните договори.

Заштита на работниците кои се забилени, во изолација или самоизолација поради КОВИД -19

Поаѓајќи од тешката егзистенцијална состојба во која изминатите 4 месеци од почетокот на здравствената криза предизвикана од Корона вирусот, се најдоа голем број на работници со тоа што се заразија вршејќи ги своите работни задачи , односно им беше определена изолација како резултат на изложеноста на вирусот пред се на работните места , Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека:
„ Во член 3 т 1 потточка 408 од Правилникот за листа на професионалните болести (сл. весник бр. 118/20) – во поднасловот –Услови, после првиот став да се додаде нов став кој гласи : Работници од други дејности вработени во институции на работни места каде е можен контакт и изложеност на Ковид 19.“

Во активностите за сузбивање на заразната болест Ковид 19 покрај здравствените работници учествуваат и голем број работници од други дејности и институции и заради начелото на еднаквост, рамноправност и еднаква достапност на правото за сите, заболувањето од Ковид 19 кај сите работници изложени на вирусот треба да се третира како професионална болест со право на 100% надомест на плата.

1.Во Законот за здравственото осигурување, во член 17 став 2 после зборот ,,мајчинство,, да се додаде текстот ,,отсуство поради зараза од ковид 19, изолација и само изолација поради изложеност на ковид 19, односно ставот 2 да гласи:
,,По исклучок од став 1 на овој член висината на надоместокот на плата за време на привремената спреченост за работа предизвикана со повреда на работа, професионална болест, за време на давање крв, ткиво или орган, отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, отсуство поради зараза од ковид 19, изолација и само изолација поради изложеност на ковид 19 изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата утврдена според член 16 на овој закон.

Сите работници во текот на своето работење се изложени на непосредни контакти со поголем број на луѓе, а со оглед на тоа што се работи за се уште неистражена заразна болест, работниците не по своја вина се повеќе се разболуваат од Ковид 19 или пак мора да се во изолација поради изложеност на заразната болест. Секое намалување на платата на работниците во овој период е животно загрозувачко за работникот и неговото семејство , воедно опасно и за спречување на понатамошното ширење на болеста.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.