Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Со кој синдикат владата потпишува колективен договор

 

Потпишувањето на Општ колективен договор за јавниот сектор со Конфедерацијата на слободни синдикати е нелегитимен и противзаконски акт. Причината е следна: во Сојузот на синдикатите на Македонија членуваат 60.388 лица вработени во јавниот сектор, што е 85 отсто од сите вработени.

Очигледно е дека Владата одбра свој партиски синдикат. Ова денес е инфузија на мртов синдикат, ја коментира денешната случка претседателот на ССМ Ванчо Муратовски. За кого ќе важи овој колективен договор? Во прашање е огромно членство во шест гранкови синдикати: комплетно управата и правосудството (УПОЗ), здравството, полицијата (МПС), додека во добар дел синдикатите за комунални дејности (СУТКОЗ), за сообраќај, за дрвна индустрија и за образование. Ова е нон – сенс во светски размери, за што сигурно ќе одиме на суд, вели Муратовски, а сигурно ќе реагираме и кај меѓународната јавност.

Понатаму: дали членовите на синдикатот и јавноста воопшто знае што содржи овој Колективен договор? Според вообичаената синдикална практика, во светот и досега кај нас, членовите се консултираат, оценуваат, даваат предлози, додека синдикалните органи ги пренесуваат интересите. За пример, ССМ потроши огромна енергија при изработувањето на Законот за работни односи и успеа да внесе низа решенија во интерес на работниците. Од која причина “преговорите“ (ако имало некакви преговори) меѓу КСС и Владата се држеа во строга тајност?

Прашање е колку е разумно однесувањето на Владата? Од наши извори дознаваме дека од службите на Европската унија скоро секоја недела се праќаат опомени до македонската Владата за однесувањето кон социјалниот партнер (ССМ). Службена оценка на Брисел е дека во Македонија не постои социјален дијалог.

Според Законот за работни односи еден синдикат е репрезентативен ако има 33 отсто членови. Не е познато колку членови има КСС, но според проценките од службите на ССМ се работи за најмногу 15.000 членови, од кои во јавниот сектор се вработени во образованието и одбраната, и тоа не вкупниот број на вработени.

Владата на Република Македонија постапи според однесувањето кое го манифестираше од времето на доаѓање на власт – игнорирање на Сојузот на синдикатите и форсирање на Конфедерацијата на слободни синдикати. И тоа кога и оние центри од странство кои ја поддржуваа КСС го видоа капацитетот и почнаа да се дистанцираат.

Вакво неразумно однесување не е забележано во светски размери, тоа не си го дозволуваат ни најназадните режими. Се прави лоша услуга за меѓународните перспективи и за угледот на Македонија, вели Муратовски. Меѓународната јавност знае како стојат работите и денешниот настан сигурно ќе ги забави евроатлантските интеграции на Македонија.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.