Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Сивата економија социјален амортизер во цела европа

 

Социјален амортизер, намерно замижување на властите, повеќе конферирање и зборување отколку вистински акции се одликите на односот кон сивата економија во скоро цела Европа. Сметките се слични - државата и фондовите нешто губат, зашто кај плаќањето на рака нема даноци и придонеси, но од друга страна работењето на црно ангажира дел од населението, кое во спротивно ќе стане гласно и ќе поставува непријатни прашања.

Постојат сепак големи разлики во односот кон сивата економија во развиениот Север и посиромашните земји во источниот и јужниот дел на континентот. Во најстарите и најразвиени европски земји сивата економија премолчено се толерира, но само “во границите на дозволеното“. Не е загрижувачки ако е под критичната маса од пет отсто, но со поголема застапеност се јавуваат крупни проблеми на национално ниво. Такви се состојбите кај новите членки и кај оние во чекалната за Брисел. Во овие земји сивата економија се сфаќа како нормална состојба и затоа по правило владее политичка, економска и социјална нестабилност. Во некои од овие земји дури една третина од брутоопшествениот производ се создава во неформалната економија.

 

РАБОТНИЦИ НА ЛИЗИНГ

Во Република Македонија можеби и повеќе. Повремените резултати на трудовата инспекција, контролите, забраните за работа, дополнителното пријавување на нерегистрираните работници (547 во месец јуни) се позитивни мерки, но тие опфаќаат само симболичен дел од десетиците илјади лица кои работаат со нерегулиран статус.

Главната причина е огромната стапка на невработеност, која изнесува 37 отсто и со која Македонија е европски рекордер. Ни евиденцијата не е наша најсилна страна, па така не се знае колку лица работат на црно. Министерството за труд и социјална политика се изјасни дека непријавени работат околу 60.000 лица, додека Сојузот на синдикатите смета дека бројката е најмалку двојно поголема и се движи меѓу 120.000 и 130.000 лица.

Понекогаш настануваат комични ситуации, како во Министерството за труд на една конференција за печат, и тоа по повод кампањата против работењето на црно што истото министерството ја водеше со ССМ. На прашањето на новинарите дали во министерството има непријавени лица беше одговорено “има, но сите се со договор на дело “.

Моделот “договор на дело“ никаде го нема во законот, но на тој начин се ангажирани илјадници лица. Друг неформален модел во јавните установи се таканаречените “волонтери“, кои, воглавно во здравството, работат полно време, но не добиваат ни денар за нивниот труд. А да не зборуваме за илјадниците лица во приватниот сектор, како градежништвото, трговијата, услугите. Синдикатот за градежништво информира дека во градежништвото работат 37.100 лица, од кои уредно пријавени се 14.549 работници.

Впрочем, каков однос, каква политика може да се очекува од државата, кога самата држава во своите институции ја злоупотребува неволјата на луѓето кои немаат друг избор, освен да прифатат било каков извор на егзистенција? Затоа во Македонија и понатаму масовно се работи на црно.

Вината не е само во работодавачите, зашто секогаш ќе има работодавачи кои ќе ризикуваат, само да не ги платат давачките кон државата. Во самата природа на капиталот е да ги намали трошоците (тука се брои и работната сила) и да го зголеми профитот. Ако може да се земат работници “на лизинг“, зошто да не? Ем вредно работаат, ем ги плаќаш помалку од другите, ем не трошиш за придонеси и даноци, а немаш никакви обврски – кога сакаш можеш да ги истераш. Но затоа постои Влада, која е најодговорна за спречување на оваа појава. Сивата економија навидум изгледа корисна од социјален аспект, но класичната експлоатација долгорочно ги уназадува економските и културните процеси.

 

ВО ЕУ НАЈЛИБЕРАЛНИ НЕРАЗВИЕНИТЕ

Во Европската Унија просекот е пет отсто, со тоа што постои разлика меѓу старите развиени членки и земјите кои влегоа пред неколку години. Новите членки имаат далеку повисоки стапки на непријавена работа: Чешка 10 отсто, Унгарија 18 отсто, Словенија 17 отсто, Полска 14 отсто. Пред полноправното членство Романија имаше 21 и Бугарија од 22 до 30 отсто, додека сега во Бугарија стапката е поголема и изнесува 35 отсто. Кај постарите членки по традиција појавата беше најраширена во Грција, со 20 отсто и Италија со 17 отсто од БОП. Од друга страна, во Австрија работењето на црно опфаќа само 1,5 отсто од БОП, во Холандија и Британија по 2 отсто, во Белгија меѓу три и четири отсто.

Долгата и вкоренета традиција на неформалната економија во Полска, Словенија и балтичките земји е причина за високите проценти. Европските аналитичари сметаат дека процентите се повисоки од оние кои ги прикажуваат националните бирократии. Гранките познати по работење на црно се градежништвото, угостителството, туризмот, здравството и полјоделството.

Плаќањето “на рака“ е многу застапено и премолчено се толерира поради тоа што амортизира бројни проблеми на пазарот на трудот. Работењето на црно е заштитен знак на цели дејности, како што се чистачките во Полска, берењето јагоди во Шпанија. На градилиштето на стадионот за грчката Олимпијада една екипа контролори цел ден не можеше да најде градежен работник со комплетни хартии.

Меѓутоа, во развиените земји на Европа работењето на црно ги апсорбира студентите, неквалификуваните и пензионерите, додека во новите членки ги опфаќа и другите слоеви на населението. Феноменот на сивата економија донекаде се смета за корисен, затоа што ја намалува високата невработеност и така ги ублажува социјалните тензии.

“Еуробарометар“ објави дека нема никакви знаци дека состојбата се поправа. Напротив, во некои сектори дури се зголемува. Во источниот и јужниот дел на континентот најкарактеристично е градежништвото, каде 40 отсто од работниците се плаќаат на рака.

Причини за порастот на сивата економија Европската комисија ги гледа во комплицираната бирократски процедури и високите даноци, а во последно време и поради напливот на ефтина работна сила од новите членки.

Некои земји ги поедноставија административните постапки и ги регулираа услугите по куќите. Станува збор за традиционалното користење на куќни помошнички, градинари и други услуги по домовите. На тој начин во Белгија се отворени нови 40.000 работни места. Белгискиот социјален експеримент ги изненади и аналитичарите, кои сивата економија ја сметаа за последица на сиромаштијата. Французите исто така го поедноставија најмувањето работници, со воведување на автоматско уплаќање на придонесите и преполовување на даноците. Резултатите се спектакуларни – 800.000 домаќинства влегоа во новите ангажмани само во 2002 година.

Инаку во Европа сивата економија официјално се нарекува “производна активност во склад со законот, но непријавена на властите“.

 

ЕКС ЈУ ЗЕМЈИТЕ ПРИБЛИЖНО ИСТИ

Состојбите во државите на екс – ју просторот се слични. Во Хрватска три синдикални централи заеднички водат кампања  “Стоп за работата на црно“, но признаваат дека сивата економија е голем проблем на хрватското општество во целост. СССХ проценува дека во Хрватска 400.000 лица не се пријавени, не примаат плата, заработката им се исплаќа на рака, не им се плаќа прекувремениот труд или работат подолго отколку што пропишува Законот за работа.

Хрватските синдикати велат дека поради работењето на црно хрватскиот буџет годишно губи седум милијарди куни (нешто помалку од милијарда евра).  Оттаму се зголемуваат социјалните издатоци на државата, додека во нерамноправна положба се и работодавачите - оние со привени работници имаат поголеми трошоци од другите.

Србија може да се пофали со 600.000 непријавени работници, или една третина од активно ангажираните лица, проценува Сојузот на самостојните синдикати на Србија.

Во цела Србија има само 300 трудови инспектори, што е премалку, додека најголемиот број од нивните пријави застаруваат и никогаш не се реализираат. Работодавачот едноставно вели дека договорите за работа не се во фирмата и дека ќе ги донесат утре и обично на тоа се завршува.

Работењето без утврдено време, без заштитни средства, без правна заштита, без перспектива, со стална закана од отказ, со безнадежност за која дознаваме од црната хроника и опростувачките писма може да се дефинира како современо ропство, велат во Сојузот на самостојните синдикати. Инаку во Србија стапката на невработеност изнесува 18,1 отсто и е една од највисоките во Европа.

Според последното истражување на Унијата на работодавачи и заводот за вработување на Црна Гора нерегистрирани работат 50.000 лица, или 22,6 отсто од вкупниот број вработени.

Анкетата спроведена на почетокот на годинава покажа дека главната причина за нерегистрирањето на работниците се преголемите даноци и придонеси. Како втора причина за работењето на црно 18,6 отсто од работодавачите ги навеле комплицираните услови за примање и за отпуштање на работниците.

Дури 11,63 отсто од оние кои не се вработени по закон самите се одлучиле да прифатат таков ангажман. Работењето на црно е најприфатливо за младата популација, од 20 до 30 години. Во сивата економија најмногу работат лица со завршено средно образование, и тоа во хотелите, рестораните, занаетчиството, трговијата и транспортот.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.