Сојузот на синдикатите на Македонија го разгледа Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во РМ и ги дава следните:
МИСЛЕЊЕ И ЗАБЕЛЕШКИ
Сојузот на синдикатите на Македонија се залага и го поддржува Предлогот за зголемување на минималната плата на 12.000 илјади денари за сите работници. Сметаме дека тоа ќе придонесе за подобрување на материјалната состојба на најниско платените работници и ќе биде поттик за зголемување на платата на сите други работници.
ССМ не се согласува со Предлогот содржан во член 1, од Предлог-законот кој се однесува на член 2 од Законот за минимална плата и со истиот се предлага по ставот 1 (од член 2 на Законот) да се додадат три нови става со кои се дефинира поимот „нормиран учинок„ .
ССМ предлага член 2 од Законот за минимална плата на РМ да гласи:
Минималната плата е најнизок месечен износ на основната плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време.
ССМ не се согласува минималната плата да биде условена од – нормиран учинок за кој во предложените измени на Законот е предвидено да се утврдува единствено од работодавачот и врз основа на критериуми утврдени единствено од работодавачот.