Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРОМОВИРАН ПРОТОКОЛОТ ЗА СОЦИЈАЛЕН НАПРЕДОК

Слика 1. Претседателот Митревски со потпретседателите на ССМ на настанот

Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) изработи предлог Протокол за социјален напредок во Република Македонија, кој претставува стратешки документ за унапредување на позицијата на работниците во рамките на општеството и истиот беше промовиран на 27.3.2017 година во канцеларијата на ЕУ Инфо центарот во Скопје. 

На промоцијата покрај претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски, претседателите, потпретседателите, генералните секретари на гранските синдикати на ССМ, присуствуваа и претставници од Министерството за финансии, претставници од Стопанска комора на Македонија, претседателот и претставниците од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), претседателот и претставници од Бизнис конфедерацијата на Македонија (БКМ), претседателот на Конфедерацијата на слободни и самостојни синдикати на Македонија (КСС), претседателот на Синдикатот за образование наука и култура на Македонија (СОНК), претседателот на Здружението на пензионери на Р. Македонија, претседателот и претставници од Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) и други еминентни гости и медиуми.

Слика 2. Присутните на настанот

Предлог Протоколот за социјален напредок во РМ е изработен според основните уставни начела за економските слободи и социјални права, Законот за работни односи на РМ, определбата на Република Македонија како социјална држава, концептот за социјални права дефиниран во Европската социјална повелба и темелните конвенции на МОТ.

На настанот по повод промоцијата на предлог Протоколот беа претставени идните заложби на ССМ кои се во интерес на промоција, остварување и подобрување на социјалната и економската положба на работниците на РМ, поттикнување на вработување, борба против социјалната исклученост, подобрување и заштита на животните и работните услови, нивото на образованието, обука и заштита на здравјето на работниците, зајакнување на социјалниот дијалог, во насока на обезбедување на фундаменталното значење на социјалниот напредок. 

Предлог Протоколот за социјален напредок во РМ особено ќе се фокусира на прашањето на натамошен раст на минималната плата со цел изработка на стратегија за зголемување на платите, зајакнување на економскиот раст, пополнување на разликите во работните места и секторите, елиминирање на сиромаштијата и нееднаквоста. 

Со усвојување на новиот Протокол ќе се актуелизираат и ќе се решаваат проблемите со колективните договори. Во фокус ќе бидат измени во работното законодавство кои предвидуваат поцврсти одредби за колективното преговарање и склучување на колективни договори, како и отворање на процес за формирање на заеднички фонд за унапредување на социјалниот дијалог, изготвување, потпишување, измени и едукација за колективното преговарање. 

Предлог Протоколот за социјален напредок во РМ предвидува овозможување на дополнителни ослободувања од трошоци при работа, користењето на одредени надоместоци, како и прашањата за бенефициран стаж особено во градежништвото, сообраќајот, железницата и шумарството, како и други професии каде ќе има потреба. 

Страните кои заеднички треба да го реализираат Протоколот за социјален напредок ја изразија својата спремност дека посветено ќе работат на остварување на целите и содржината на Протоколот во духот на взаемно разбирање и соработка почитувајќи ги меѓусебно своите и општествените цели, програми и позиции и благовремено ќе се информираат и координираат за начинот, динамиката и форматот на остварување на Протоколот. 

По усвојувањето, Сојузот на синдикатите на Македонија, Протоколот ќе го достави до сите останати синдикални централи и синдикати, за да се приклучат во остварувањето на неговата суштина и целите на оваа иницијатива. Предлог Протоколот ќе биде доставен и до новата Влада, штом биде формирана, како и до Економско социјалниот совет.

Исто така, ССМ изготви и Анализа за протоколот за социјален напредок, врз основа на која се произлезени прашањата во протоколот кои се од фундаментално значење за подобрување на состојбата на работниците.

Зголемувањето на минималната плата, а со тоа и зголемување на платите во Македонија, како и намалување на времетраењето на договорите за вработување на определено време од сегашните 5 на 2 или 3 години, се дел од работите на кои ќе се фокусира предлог Протоколот за социјален напредок. Исто така предлог Протоколот ќе се фокусира на зајакнување на сигурноста на работниците за што е потребно да се направат значителни измени во договорите на определено работно време. Според анализата оние кои работат на определено време добиваат за околу 30 проценти помала плата од оние кои се вработени на неопределено време. Исто така, лицата кои се ангажирани за вршење на приправнички стаж, добиваат плата до и 50 проценти пониска од оние кои имаат редовен работен однос. Тоа доволно говори дека сигурноста на работните места мора да се зајакне со помош на намалување на времето во кое работникот е ангажиран да работи на определено работно време.

ССМ ќе предложи и измени во работното законодавство со кои најмалку 30% од склучените договори за вработување во индустриските зони треба да бидат на неопределено работно време. Сега повеќе од 90% се на определено.

Платите се еден до најзначајните сегменти со оглед на фактот што нашите анализи покажаа дека скоро 60% од вработените примаат до 20.000 денари, само 3,2% примаат плата над 30.000 денари, додека над 40% се со плата од 12.000 до 15.000 денари. Основната определба е да го отвориме процесот на зголемување на платите во Македонија, изјави претседателот на ССМ. Исто така, претседателот Митревски истакна очекува дека во Р. Македонија има можност минималната плата да се зголеми и до 20% што ќе биде предуслов за зголемување и на другите плати во државата. Во моментот веќе се отпочнати првите разговори со ОРМ и со МТСП, за што се очекува во скоро време да се дојде до реални барања за зголемување на минималната плата, истакна претседателот Митревски, а воедно ја нагласи и потребата да се направат измени и во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и да се даде можност за проширување на условите за пензионирање по однос на  повеќе основи.

Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ, а воедно потпретседател на ССМ за јавен сектор, д-р Љубиша Каранфиловски, зборуваше за важноста на колективното договарање и склучување на поголем број на колективни договори во наредниот период. Додека пак, претседателот на Синдикатот на градежништво, индустрија и проектирање на Р. Македонија, а воедно и потпретседател на ССМ за приватен сектор, Павел Трендафилов ја образложи можноста од проширување на бенефицираниот стаж на поголем број на работни места, посебно во градежниот сектор.

Со овој документ се предвидува и отворање на дебати за проширување на Правилникот за бенефициран стаж, особено за работниците во секторите градежништво, текстилна индустрија, железница, сообраќај и шумарство.

По завршување на настанот претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски имаше прес-конференција и изјава за медиумите.

Слика 3. Прес- конференција

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.