Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРОМОЦИЈА НА ТРУДОТ „СТУДИЈА ЗА ПЕНЗИОНЕРСКОТО ОРГАНИЗИРАЊЕ“

16.6.2016

На ден 16.6.2016 година во просториите на Сојузот на здруженијата на пензионери на Р. Македонија (СЗПМ) беше промовиран трудот „Студија за пензионерското организирање“.

На овој настан како презентер и рецензент на трудот присуствуваше и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски.

 

Слика 1. Претседателот д-р Митревски со авторите на трудот

Во своето излагање како рецензент претседателот д-р Митревски истакна: „Трудот  „Студија за пензионерското организирање“ е еден од ретките трудови во поновата македонска публицистика која на еден систематизиран, историско хронолошки и публицистички поткрепен дава осврт врз пензионерското организирање во поновата македонска историја.

Авторите на студијата на еден мошне едноставен, пристапен за читателот начин даваат хронолошки осврт врз исклучително значајна тема, а тоа е пензионерското организирање и неговата рефлексија врз социјалните, економските, историските па и социолошко-политичките аспекти на тоа  организирање во општеството.

Користејќи симбиоза на историски фактографски и публицистички материјали, авторите обезбедуваат историски осврт врз развојот на социјалното организирање, првите форми на пензионерски здруженија и сојузи, информативните гласила на пензионерите, јубилејните одбележувања, историската поврзаност меѓу синдикалното организирање и движење со пензионерското организирање и движење, институционалните форми на автономното синдикално организирање и активностите на соодветните форми на пензионерско организирање во независна Република Македонија.

Студијата има посебна вредност бидејќи авторите на еден посебен начин со еден посебен стил се осврнуваат  и го објаснуваат  настанувањето  и развојот на пензионерското организирање, посебно укажувајќи според активностите на неговиот специфичен и автономен карактер особено во 1994 година па натаму во Република Македонија.

Студијата на еден успешен начин, пензионерското организирање го анализира и му овозможува на читателот да биде запознаен и со детерминираноста на општествено-економските и политичките претпоставки кои влијаеле врз неговиот развој се разбира овозможувајќи му на читателот да биде запознаен и со основните уставни,  законски и други нормативни  одредби кои исто така го детерминираат развојот на пензионерското организирање.

Посебна тежина на Студијата му дава хронолошкиот пристап на информативниот и комуникацискиот пристап на пензионерското организирање  реализирано преку соодветните  гласила  кои како хроничари на времето даваат јасна слика за пензионерското живеење, култот на т.н. трето доба, но и за самопрегорот на лидерите на  пензионерското организирање во обезбедувањето  на подобра социјална, материјална и економска состојба но и статус на пензионерите во македонското општество.

Светлата страна на т.н. трета доба, духот и еланот на  ветераните на трудот  во студијата посебно се отсликани и преку хронолошкиот пристап на активностите од спортско- рекреативен карактер, пензионерските ревии, натпревари, но и пензионерското ширење  на соработка со други сродни организации од странство и соработки со соодветни институции и субјекти од државата и странство.

Студијата во себе инкорпорира и повеќе трудови од повеќе автори кои давале осврт кон повеќе теми за пензионерското организирање и за феноменот на „Пензионерската сага“ и воопшто за пензионерот.

Посебна вредност на Студијата бележиме и во однос на тоа што исто така на хронолошки и аргументиран начин  се евидентираат сите  активности, идеи, стратегии и предлози  кои вродија со плод и придонесоа за значајно унапредување на  социјалната, економската и материјалната положба на пензионерот посебно во овие последни 8 до десет години. Овој дел е и своевиден одговор на низа субјекти кои имаа друг пристап кон пензионерското организирање и кои правеа обиди да го нарушат автономниот, независен, недржавен карактер на пензионерското организирање.

Студијата има јасен систематизиран употреблив стил и јазик кој овозможува на еден исклучително прифатлив начин да се анализира и елаборира оваа комплексна материја поврзана со пензионерското организирање.

Студијата со својата комплексност препораките, ставовите како и очекувањата на пензионерите и на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, презентирани во истата даваа стручна основа за  натамошна разработка на оваа материја што претставува уште една вредност на овој труд кој топло го препорачувам на целокупната јавност, а особено на оние кои се активни партиципиенти и носители на пензионерското организирање во Република Македонија.

 

Слика 2. Присутните на настанот

 

            Во обраќањата на авторите Драги Аргировски и Илија Глигоров, исто така беше истакнато значењето на студијата за пензионерското организирање и збогатување на публицистиката на овој план.

Претседателот на СЗПМ, Драги Аргировски во контекст на одбележување на 70 години од пензионерското организирање во Р. Македонија најави уште други изданија во кој ќе биде автор.

 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.