Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ОДРЖАН РАБОТЕН СОСТАНОК СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОТО НА ССМ

Денес во простоиите на Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа работен состанок помеѓу Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и членовите на Претседателството на ССМ.

Во своите обраќања и претседателот на РСМ, Пендаровски и претседателот на ССМ, Димовски нагласија дека успешната економија и развојот на Северна Македонија се тесно поврзани со регулацијата на работните односи и цврстата и одржлива работно-правна рамка за работниците.

Во продолжение интегралните обраќања:

Обраќање на претседателот на ССМ, Дарко Димовски

Почитуван Претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски,

Почитувани претставници од Кабинетот на Претседателот,

Драги колешки и колеги, Претседатели на Гранските синдикати здружени во ССМ.

Од името на ССМ и во мое лично име на самиот почеток дозволете ми да Ви се заблагодарам за вашата посета во Сојузот на синдикатите на Македонија која е прва во историјата на синдикалното движење.

Се надеваме дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина и истите се во интерес на работниците кои се и граѓани на нашата Држава, а за кои треба заедно да градиме посветла иднина.

Сојузот на синдикатите на Македонија е најстариот и најбројниот синдикат во нашата држава.

 Активностите на Сојузот на синдикатите на Македонија се насочени на полето на: економскиот и социјалниот развој; социјалниот дијалог и колективното договарање; заштитата на правата на работниците; меѓународната соработка и, секако, на градење современ синдикат во кого работниците ќе имаат доверба и преку кого ќе ги остваруваат своите права.

ССМ е единствениот Репрезентативен синдикат на Национално ниво.

Како репрезентативен синдикат и актуелен социјален партнер во државата, со свои претставници ССМ учествува во работата на собраниските комисии, Економско – социјалниот совет, Националниот совет за евроинтеграции, Националниот совет за безбедност и здравје при работа, Национално координативно тело за спречување и заштита од дискриминација, Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата, управните одбори на: Агенцијата за вработување на РМ, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравство. 

ССМ е потписник на ОКД за приватниот сектор во областа на стопанството, а во тек се преговори за потпишување на нов ОКД за приватниот сектор во областа на стопанството.

Како репрезентативен синдикат и во јавниот сектор, ССМ се залага за потпишување на ОКД за јавен сектор.

Синдикатите здружени во ССМ имаат потпишано 15 колективни договори на ниво на гранка.

Oд исклучителна важност е нашата одговорност да ги браниме, почитуваме и унапредуваме демократските вредности, работничките и човековите права.

Сведоци сме на предизвиците со кои сме соочени ние, европското и светското  синдикално движење.

ССМ е полноправна членка на Евроспката и Светската конфедерација на синдикати и нивната поддршка за нас е показател дека сме на правиот пат на кој мора да истраеме.

Свесни сме  дека пристојни и еднакви услови за живеење и работа за сите без  дискриминација се создаваат преку креирање и обезбедување на реални и одржливи работни места, социјална сигурност, здрави и безбедни работни услови, намалување на сиромаштијата, заштита на човековата околина и подобрување на квалитетот на образовните системи и професионалните вештини.

Со Владата, работодавачите и синдикатите покажавме дека до сега многу пати заедно сме утврдиле заеднички решенија, но многу работи се сеуште отворени и како претставници на  работниците не сме задоволни.

Во година во која се дискутира за работничките права и достоинството на трудот кој ќе бидат утврдени во ЗРО и во Општите колективни договори, исклучително е важно сите работници да дадеме свој придонес и да имаме своја улога во тој процес, но и да потсетиме дека не смеат да одлучуваат за нашите права без нас и без да ги прифатат нашите барања кои се исклучиво во насока на подобрување и приближување на истите на Европско ниво.

Тие прашања се постојано наш предизвик и поради тоа во овој период  заедички со социјалните партнери преку социјален дијалог работиме на донесувањето на нов Закон за работните односи, нов Закон за безбедност и здравје при работа, а за одбележување е дека  во последниот период постигнавме  континуирано зголемување на минималната плата по пат на социјален дијалог и соработка со Владата и работодавачите.

Очекуваме тоа да биде основа за зголемување на платите на сите работници.

Истовремено укажуваме дека сите економски и општествени проблеми и предизвици во државата не може и не треба да се решаваат само преку грбот на работниците.

Социјалната сигурност и демократските вредности се претпоставки кои ќе ја задржат младата популација, наспроти трендот на отселување карактеристичен за последниот период.

Република Северна Македонија  е земја апликант за членство во Европската унија и покрај предизвиците присутни на тој пат во последниов период,  за нас оваа опција, европска Македонија  е единствено прифатлива и според нашата местоположба, но и според нашата потреба да ги прифатиме европските вредности за демократија и развој.

Поради тоа сметаме  дека новиот Закон за работните односи треба да ги содржи европските и светските тенденции во работно правните односи .

Во таа насока се залагаме за:

-договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови и со траење до 1 година

-38 часовна работна недела,

-породилно отсуство во траење од 12 месеци,

- доследно почитување на правото за уредување на плата со закон и КД

- целосно остварување на правото на годишен одмор

- почитување на  конвенциите за слобода на синдикално организирање и функционирање

- унапредување на колективното договарање и социјалниот дијалог на сите нивоа затоа што не може да се одлучува за нашите права без нас.

Посочените  барања и заложби на Сојузот на синдикатите на Македонија се прогресивни, развојни и мотивирачки.

Предлагаме заедничко и на рамноправна основа  учество на сите социјалните партнери во организирање на економскиот и општествениот развој по пат на социјален дијалог и преговарање.

За стратегиите, политиките и одлуките кои заеднички ќе ги донесеме, одговорноста на сите ќе биде поголема, а отчетноста  задолжителна.

Од тука бараме од Вас како Претседател, да водите грижа за сите граѓани, а особено за работниците и нивните работнички права и заеднички да не дозволиме да се носат штетни закони кои директно ќе придонесат кон влошување на социо- економската положба на работниците.

Потсетуваме дека силата на синдикатите е во нивната бројност, обученост, оспособеност, но и во нивната солидарност, поддршка и заедничко делување со Вас и со сите релевантни Социјални партнери.

Само така здружени можеме да ја постигнеме нашата заедничка цел во  остварување и заштита на достоинството и човечките вредности.

 

Обраќање на претседателот на РСМ, Стево Пендаровски

Почитуван претседател на ССМ, м-р Дарко Димовски,

Почитувани претседатели на гранските синдикати,

Почитувани медиуми, 

Дами и господа,

Просто  не можам да верувам дека ова е посета за првпат во историјата. Од една страна, велиме дека сме во историски момент, од друга страна да кажам отворено пред камерите, тоа е срамот на државата, за сите што биле пред мене на било која позиција, ако е ова вистина, претпоставувам дека е проверен податок, да не дојдете во најстариот и најголемиот синдикат во државата, а да велите дека работите за правата на граѓаните и за народот кој живее во оваа земја едно со друго, не оди.

Ви благодарам за можноста да се обратам во вашето седиште и сакам на почетокот да ви се извинам што порано не дојдов. Еве шест и пол месеци сум на оваа функција и не сакам да се правдам со набиената агенда и распоредот кој го имавме особено на надворешно-политички план, знаете што сé таму се случуваше. Моја е грешката, требаше да дојдам порано, меѓутоа и сега мислам дека не е предоцна и она што е важно е дека не доаѓам во предизборен период, не ми престојуваат избори и тоа значи не добивам поени за разговорот со вас.  Овде  имав можност да се видам и со првите лица во оваа организација, едно 15-16 најмалку, тоа е организација која ги обединува македонските синдикати и која ги штити и се бори за подобрување на правата на работниците, а со тоа директно придонесува и за развојот на земјата. Јасно е дека без регулирани работни односи, без цврста и одржлива, јас би рекол и предвидлива работно-правна рамка за работниците не може да има успешна економија, нема развиена држава, се разбира ниту среќни граѓани. Како што нашето општество поминуваше низ различни фази на трансформација, низ еден долг и бавен процес на транзиција, кој не е завршен за жал сеуште, така и овој синдикат се прилагодуваше кон новите општествени текови и кон промената на идеолошката матрица со цел да си го најде своето место во еден демократски амбиент, во едно демократско општество во развој, во една либерална економија која има потреба од интензивен раст. Практично моќта и улогата што синдикатот ја имаше во социјализмот сега е изменета и канализирана на друго ниво и верувам дека конечно и перцепцијата и очекувањата на јавноста се соодветни на актуелниот миг и капацитети. Секако, најбитно е дека покрај сите промени и превирања синдикатите се организации со силна и стабилна инфраструктура која активно учествува во донесувањето на законските решенија застапувајќи ги правата и интересите на работниците. Токму сојузот на синдикати е партнерот на владата во донесувањето на новиот закон за работни односи. Искрено ви честитам што успеавте да се изборите за дваесетина ваши предлози да бидат прифатени. Се разбира, има уште многу квалитетни предлози за кои владата би требало да размисли и верувам дека постојат можности за понатамошно преговарање и договарање. Несомнено работодавачите имаат си свои визии и сфаќања и ги штитат своите интереси, што е логично, и нивните барања да бидат земени предвид.  Меѓутоа велам дека ние како држава сме доволно зрели и подготвени и легислативно и во пракса да овозможиме европски стандарди кога се работи за правата на работниците. И покрај високата стапка на невработеност, сведоци сме дека на пазарот на трудот има недостаток од работна рака во некои професии и занимања што се дефицитарни и ние мораме да ги заштитиме нашите работници и да им понудиме оптимални услови за да останат во својата татковина наместо да одат на работа во странство. Едноставно мораме максимално да инвестираме во човечкиот капитал.

Почитувани,

Знаете дека мојата функција е лимитирана во смисла на ингеренции и можности за извршни решенија. Ние не сме претседателски систем, но соодветно моите надлежности и можностите, се разбира, кои ми се на располагање сакам да ве уверам дека сум тука да е сослушам сите вас со цел подоцна да придонесам кон овие  процеси, да го помогнам дијалогот и соработката со надлежните, да ја ислушам секоја иницијатива, секој предлог, секоја сугестија, со цел да помогнам во изнаоѓање на најдобрите решенија. Сакам да ве уверам дека во мене имате сојузник во остварувањето на вашите цели, тоа е заштитата на работничките права. Морам да потенцирам дека покрај донесувањето на подобрена законска регулатива која ќе овозможи остварувања на правата на работниците и заштита на тие права од можни прекршувања потребно е апсолутно функционирање на законските решенија во пракса, односно да имаат доследна имплементација.

Меѓутоа, сакам да ви потврдам дека без да се слушне гласот на работниците, без да се чујат нивните претставници односно синдикатите, ќе биде невозможно да изградиме праведно општество и во таа смисла ви благодарам за шансата да се видиме денеска, да се сослушаме.

Ви благодарам.

 

 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.