Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ОДРЖАН 4-ТИОТ КОНГРЕС НА МЕЃУНАРОДНАТА КОНФЕДЕРАЦИЈА НА СИНДИКАТИ (ITUC)

Во периодот од 2-7 декември 2018 година, во Копенхаген, Данска се одржа 4тиот Конгрес на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC), на кој присуствуваше и делегација на Сојузот на синдикатите на Македонија, предводена од претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

На Конгресот учествуваа повеќе од 1.200 учесници од 147 земји во светот кои ги дискутираа политиките и приоритетите за меѓународното синдикално движење во наредните четири години. На отворањето на Конгресот на ITUC свое обраќање имаа, премиерот на Данска, Ларс Лекке Расмусен, градоначалникот на Копенхаген, Френк Јенсен и генералниот директор на Меѓународната организација за труд, Гај Рајдер.

Мотото на овогодинешниот Конгрес беше градење на моќта на работниците и промена на правилата. Она што беше истакнато за време на самиот Конгрес е дека меѓународното синдикално движење се залага за мир, демократија и права за работниците. Синдикатите мораат да го поразат и трансформираат неуспешниот економски модел на денешницата, мора да ги бранат човековите и работничките права и да бараат нов социјален договор. Синдикатите се обврзаа да се стремат кон достигнување на број од 250 милиони членови на ITUC во текот на следните четири години, да се зајакнат работничките права, да се креира нов социјален договор, да се зголемат платите и да се намали нееднаквоста преку колективното договарање, да се зголемат минималните плати во државите, да се зајакне социјалната заштита, да се надмине родовиот јаз, да се борат против дискриминацијата, да се спречи родовото насилство и да се најдат начини за справување со климатските промени.

Исто така во текот на панел дебатите кои беа организирани за време на Конгресот беа донесени пет итни резолуции со кои се бара, почитување на човековите права и мир во Колумбија, солидарност со работниците и учениците во Иран, реформи во областа на трудовото право во Унгарија, почитување на работничките права и солидарност со независните синдикати во Казахстан, и слобода за поранешниот претседател на Бразил, Лула де Силва, кој е неправедно затворен и дава силна поддршка на слободата на синдикалното здружување и колективните активности.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски за време на Конгресот оствари повеќе средби со синдикалните лидери на повеќе земји, како и со генералниот секретар на ИТУЦ, Шаран Бароу, генералниот секретар на ЕТУЦ, Лука Висентини, генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер. На овие средби беше разговарано за продлабочување на соработката помеѓу организациите, размена на искуства и добри пракси, како и изнаоѓање на нови начини и модели на синдикално организирање и дејствување во насока на заштита и унапредување на работничките права.

На Конгресот беше избрано новото раководство на ITUC, предводено повторно од Шаран Бароу, како генерален секретар, додека пак Генералниот совет го избра Ајуба Вабба од Нигерија за претседател на ИТУЦ, Кети Феинголд од АФЛ-ЦИО (САД) и Карл-Петер Торвалдсон од ЛО Шведска за заменици- претседатели на ИТУЦ, а Овен Тудор, Виктор Баез и Мамаду Диало за заменици генерални секретари на ИТУЦ.

Следниот Конгрес на ITUC ќе се одржи во 2022 година.

 

 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.