Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

На денешните протести излегоа илјадници работници

 

Илјадници членови на ССМ, активисти на невладини организации, работници и граѓани утринава од осум до десет часот излегоа на јавни протести во Прилеп, Штип, Велес, Струмица и Охрид, додека протестот во Куманово се одржа од 12 до 14 часот.

Најмасовен беше одзивот во Струмица, каде излегоа над 2.000 протестанти. Колоната се движеше низ централните улици на Струмица, додека половина час беше блокиран излезниот пат од Струмица кон Радовиш.

Во Велес излегоа околу 1.200 лица, кои се движеа низ централното градски подрачје.

Над 1.000 учесници на протестот во Прилеп за кусо време го блокираа излезниот пат кон Скопје. Нив им се придружија синдикалците од Крушево.

На протестот во Штип учествуваа синдикални членови и активисти од Кочани, Виница, Берово и Делчево. Поради специфичната сообраќајна мрежа во Штип не беше блокиран сообраќајот, туку протестантите се движеа по кружниот тек во центарот на градот.

Во Охрид излегоа околу илјада учесници од самиот град, на кои им се придружија синдикалци од Струга, Кичево и Македонски брод. Тие го блокираа излезот од Охрид кон Скопје.

Во Куманово протестите се одржаа од 12 до 14 часот. Во овој град излегоа околу 1.200 лица.

Целта на протестите не е масовност, туку предупредување кон Владата да престане со одземањето на работничките права.

ССМ преку овие протести постави неколку барања. Во прв ред е бришење на новите решенија во Законот за работни односи, со кои се одземени повеќе права на вработените. Потоа, повеќе услови за пензионирање, утврдување минимална плата, заштита на стандардот, обезбедување на стечајните работници.

За денешните протести пристигнаа пораки со поддршка од Сојузот на самостојните синдикати на Србија и од Сојузот на синдикатите на Црна Гора.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.