Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Колективниот договор за стопанство продолжен за една година

 

Двата социјални партнера, Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија, денес потпишаа продолжување на Општиот колективен договор за стопанство. Договорот се продолжува за една година.

- Денес се потврдува континуитетот во остварувањето на правата и обврските на работниците и на работодавачите. Значајно е што некои права во договорот се пошироки од вообичаените. Тоа се новогодишен додаток, регрес за годишен одмор, паричен надоместок за време на штрајк, утврдување степени на сложеност на работните места – изјави претседателот на ССМ Ванчо Муратовски.

Продолжувањето на Општиот колективен договор е израз на одличната соработка на двата социјални партнери, додаде Муратовски. При договарањето имавме и спротивни ставови, но успевавме да постигнеме заеднички решенија. Двете страни се задоволни и очекуваме заеднички јазик со ОРМ и при најавеното менување на Законот за работни односи.

- Во Република Македонија заживува социјалниот дијалог, што е многу важно за државата. Во Европа социјалниот дијалог има традиција од сто години, додека денес Европската унија апсолутно инсистира на водење социјален дијалог – рече претседателот на ОРМ Димитар Стојановски. - Колективниот договор е доразработување на правата и обврските на трудот и на капиталот. Со менувањето на Законот за работни односи Колективниот договор ќе мора да претрпи измени и за таа цел двете страни формираа стручни групи, кои ќе ги следат сите промени и ќе предлагаат свои решенија.

Стојановски додаде дека претходната важност на Колективниот договор е мал период за да се видат ефектите во практиката и да се донесат заклучоци. Затоа ССМ и ОРМ ја продолжија важноста за уште една година, со тоа што ќе ги следат сите измени во стопанството и во законите.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.