ОДРЕДУВАЊЕ МИНИМАЛНА ПЛАТА ВО РМ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

 

ОДРЕДУВАЊЕ МИНИНАЛНА ПЛАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ОДРЕДУВАЊЕ МИНИНАЛНА ПЛАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

На почетокот на 2012 година е донесен Законот за минимална плата. Со тоа е заокружена иницијативата на Сојузот на синдикатите на Македонија за одредување минимална плата во државата.

Имено, на 1 септември 2011 година на Шестата седница на Економско – социјалниот совет е заклучено дека за еден месец треба да се постигне договор за минималната плата. После еден месец, на 1 октомври, во продолжение на Шестата седница на ЕСС, е постигнат договор меѓу трите социјални партнери: Министерството за труд и социјална политика, односно Владата, репрезентативните синдикати – Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати и Организацијата на работодавачи.

Според договорот нето износот на минималната плата во Република Македонија се утврдува на 8.050 денари, односно бруто износот на 12.265 денари, гласи договорот од Шестата седница на Економско – социјалниот совет.

Премиерот Никола Груевски рече дека за прв пат во дваесет години независна Македонија го остваривме ова право. Уште во месец мај при контактите со синдикатите Владата вети дека ќе го поддржи утврдувањето на минимална плата и тоа денес заеднички го остваривме.

Можам да им честитам на синдикатите и на работодавачите за покажаната меѓусебна конструктивност и одговорност кон општеството. Владата, како трет социјален партнер, е гарант на спогодбата на двата социјални партнери, така што оваа цел сигурно има иднина, изјави премиерот Груевски.

 

Претседателот на ССМ Живко Митревски на Шестата седница на Економско – социјалниот совет
Претседателот на ССМ Живко Митревски на Шестата седница на Економско – социјалниот совет

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски на прес конференција рече дека постигнатиот договор е историски чин за социјалните односи во Република Македонија. Покажавме дека и во услови на економска криза можеме да се избориме за зголемување на економската состојба на населението и да градиме вистински европски социјални односи.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој е и претседател на Економско – социјалниот совет, објасни дека за еден месец треба да се усогласи законот, после што ќе оди на усвојување, додека примената ќе започне од 1 јануари 2012 година. За три индустриски гранки – текстил, облека и кожа, е оставен период на адаптација од три години. Во месец септември работните групи ја извршија својата задача и се надевам дека ќе го задржиме истото темпо.

Една од најголемите придобивки на минимална плата е што над 65.000 работници ќе добијат посигурни и повисоки примања. Предностите се зголемен животен стандард на населението, намалување на сивата економија, стимулирање на потрошувачката, зголемување на работната етика, охрабрување на личната иницијатива. Работниците добиваат сигурност на своите работни места, додека работодавачите покажаа општествена одговорност.

За синдикатите овој чекор е историски, затоа што најниската плата влегува во нивната основна агенда. Решавањето на ова прашање е значајно не само за работниците, туку и за работодавачите, за унапредување на бизнис климата и воопшто за социјалната стабилност на државата.

Сојузот на синдикатите на Македонија званично ја започна кампањата за утврдување минимална плата на 27 април 2011 година, на празничната конференција “Минимална плата – потреба и обврска за материјална и социјална сигурност на вработените“.

 

26.03.2012_odreduvanje-minimalna-plata-vo-rm3
На 3 октомври Претседателството на ССМ изрази задоволство од постигнатиот договор

Идејата за воведување и утврдување минимална плата е повеќегодишна. Меѓутоа, постојните економските состојби и потребата од применување на меѓународните конвенции и документи бараа и ја налагаа потребата од поголема активност за утврдување на минималната плата во Република Македонија. Во Иницијативата беше наведено дека утврдувањето на минималната плата ќе придонесе пореално да се определат потребните минимум парични средства за покривање на трошоците за живот на едно четиричлено семејство и работодавачите ќе мора истата да ја почитуваат.

Според ставот на ССМ основите за утврдување минимална плата се наоѓаат во низа домашни и меѓународни документи. Тоа се Уставот на РМ, Законот за работни односи (член 107), од меѓународните документи: Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права на ООН, Препораката на Комитетот за економски, социјални и културни права на Економско – социјалниот совет на ООН, Европската социјална повелба на Советот на Европа, Конвенцијата 131 и Препораката 136 за утврдување минимална плата на МОТ од 1970 година и Конвенцијата 95 за заштита на платите.

Согласно препораката број 136 за утврдување на минимални плати од 1970 година утврдувањето на минималните надници – плати треба да биде еден од елементите на политиката чија цел е борба против сиромаштијата и задоволување на основните потреби на сите работници и нивните семејства, односно на работниците да им се овозможи потребната заштита во поглед на минимално дозволеното ниво на надници – плати. Во една од анализите за состојбата во државата “Помошните стратегии за излез од кризата во Југоисточна Европа – случајот со Македонија“ од 2011 година се укажува дека има потреба од реформа во областа на социјалната помош и воведување минимално ниво на приход доволен за животна егзистенција.

Покрај правните претпоставки многу значаен показател е и економската состојба во државата, која има големо влијание врз утврдувањето на висината на минималната плата. Тоа се следните состојби: релативно ниското ниво на плати, неповолната дистрибуција на платите, само 2,3 отсто од вработените примаат плата повисока од 30.000 денари, 1,3 отсто од вработените не примиле плата, додека 10,2 отсто се неплатени семејни работници, стапката на невработеност изнесува 30,9 отсто, над 24.000 работници се корисници на паричен надомест, околу 50.000 семејства се корисници на социјална помош, стапката на сиромаштија изнесува 31,1 отсто, високо учество на сивата економија и работата на црно и друго.

Речиси три четвртини, односно 20 од 27 од државите членки на ЕУ имаат воспоставено институционални форми за утврдување минимални плати. Тука можат да се вклучат и неевропските земји САД, Канада и Јапонија, во кои постои долга традиција на заштита на платите.

Според европската статистичка агенција ЕУРОСТАТ  минималните плати во ЕУ се движат од 123 евра во Бугарија до 1.642 евра во Луксембург, односно соодносот е 1 спрема 13. Според висината европските земји се поделени во три групи. Во првата, со минимална плата од 100 д 500 евра се Бугарија, Романија, Литванија, Латвија, Унгарија, Естонија, Полска, Словачка, Чешка и земјата – кандидат Турција. Во втората, од 501 до 1.000 евра се Португалија, Словенија, Малта, Грција, Шпанија и САД (844 евра). Во третата група, со над 1.000 евра, се Велика Британија, Франција, Холандија, Белгија, Ирска и Луксембург.

Нивото на минималните плати, според ЕУРОСТАТ, се движи од 29 до 51 отсто од просечната бруто плата исплатена во стопанството и во јавниот сектор.

Земјите од поранешна Југославија исто така имаат утврдено минимална плата. Во Словенија минималната плата изнесува 589 евра (43,9 отсто од просечната бруто плата), во Хрватска 381 евро (36 отсто од бруто платата), во Федерацијата Босна и Херцеговина 185 евра, во Црна Гора 160 евра (30 отсто од бруто платата), и во Србија 155 евра (33 отсто од бруто платата). 

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc