Заштита при работа - безбедност и здравје
НА КОЕ НИВО Е БЕЗБЕДНОСТА НА РАБОТА ВО МАКЕДОНИЈА
Луѓето се плашат да не ги изгубат нивните работни места, додека единствената цел на работодавачите е да остварат што поголем профит. За сите субјекти, од државата, преку работодавачите, невладините организации, па до самите работници, прашањето не се смета за клучно, приоритетно или посебно важно.
Дури и при ситуација некој да фати да премерува, да наоѓа недостатоци и да сугерира нешто, чувството на непријатност најпрво ќе се јави кај вработените. Тие често ја слушаат страшната реченица, која и неизговорена постојано е некако присутна во воздухот: “Ако не ти се допаѓа оди си, надвор илјадници чекаат на твоето место”.
Тоа е вистина, во земја со над 300 илјади невработени (стапката од 34 отсто е највисока во Европа) луѓето немаат можност да се расправаат за условите во кои работат. Едноставно во таква ситуација се нема избор: дали да се стиснат заби и да се добие плата за да се издржува семејството, или да се впуштиш во опасен ризик да побараш нови ракавици и да се изгуби работата.
Од тие причини безбедноста во работните средини во Република Македонија се третира “колку да помине по редот”. Трудовите и санитарните инспекции можеби најдобро се информирани за опасностите и последиците по здравјето во фабриките, рудниците, комуналните служби, па и во канцелариите, но и тие се совршено свесни дека во оваа земја нема логика да се инсистира да строгите прописи, да се проверуваат правилниците, да се цитира законот.
И државата гледа “лабаво”, но, од друга страна, притисната е од критериумите на Европската Унија, па нешто мора да се прави. Ако не фактички, тогаш барем декларативно, за колку – толку да се исполнат барањата што стигнуваат од Брисел. Македонија има статус на земја – кандидат, што значи дека е влезена во “чекалницата” на Унијата. Полноправното членство веројатно е далеку, но сите во оваа земја се совршено свесни дека економскиот опстанок на земјата не е возможен без ЕУ. Затоа се носат сите прописи и закони кои ги бара Брисел, од кои добар дел се неразбирливи и неприменливи за овдешниот менталитет. Прописите за пушење тутун и варење домашна ракија се само некои од тие прописи, кои, пак, никој не ги почитува, ниту пак има таква намера.
АНГАЖИРАЊЕТО НА ССМ
Сојузот на синдикатите е единствен синдикат во Македонија кој нешто прави околу безбедноста и здравјето на работниците. Од другите синдикати досега не е слушната оценка, не е дадено мислење, ниту е превземена некаква интервенција. Меѓутоа, не е исклучено дека и во оваа област синдикатите еден ден ќе најдат поле за меѓусебна соработка.
Во ССМ се уште не постои посебно тело специјализирано за безбедноста. Безбедноста посебно ја следи Секторот за едукација (раководител е Инда Савиќ), но активно се вклучени и другите сектори, па така Секторот за колективно договарање гледа безбедноста да најде место во колективните договори, Секторот за правна заштита ги анализира законите. Всушност вклучена е целата структура на ССМ, додека посебна улога имаат регионалните совети и канцеларии. Тие се директно присутни на терен, односно во рудниците, конфекциите, претпријатијата и превземаат конкретни активности за заштита на работниците.
Посебно плодна е соработката на ССМ со Фондацијата “Фридрих Еберт - Канцеларија во Скопје”, со Меѓународната организација на трудот и со Македонското здружение за заштита при работа. Одржани се бројни трибини, тркалезни маси и семинари за обука на синдикалните повереници, додека повеќе грански синдикати водат посебни програми за обука на нивните членови. Синдикатот за шумарство, дрвна индустрија и енергетика и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, пак, на свои членови ги доделија првите дипломи за обучени претставници за заштита при работа.
ССМ активно учествуваше при подготовката на Законот за безбедност и здравје. Пред донесувањето на законот ССМ побара и доби експертиза од Меѓународната организација на трудот за новиот пропис.
Една од основните цели за ССМ е дефинирање на позицијата на синдикатот и на претставникот на работниците за безбедност и здравје. Природно е што ССМ настојува претставниците да бидат заштитени и колку што може независни од работодавачите, но една година после донесувањето на законот во најголем број работни средини не се избрани претставници за безбедност. Оттука за ССМ произлегува приоритетот да се интензивираат активности во овој правец.
- Законот како почеток
- Изданија и прирачници
- Евиденција на несреќите и повредите
- Професионални заболувања
- Обука на претставници за заштита








